170/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Макдонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Заклучокот за утврдување надоместок на потрошена електрична енергија за улично осветление, донесен од Собранието на Општината Охрид на 27 март 1992 година, а изменет на 29 мај 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Охрид”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.170/92 од 23 ноември 1992 година, по иницијатива на Нестор Мартиновски од Охрид, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.
4. На седницата Судот утврди дека на 27 март 1992 година Собранието на Општина Охрид донело заклучок, со кој е определен надоместок за потрошена електрична енергија за улично осветление, што ќе го наплатува “Електро-Охрид” при редовна наплата за потрошена електрична енергија за секое домаќинство односно електрично броило. На 29 мај 1992 година, Собранието на Општината донело заклучок за измена на оспорениот заклучок, со кој е зголемена висината на надоместокот за потрошена електрична енергија за улично осветление.
5. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во измирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Републиката ги утврдува јавните давачки. Спорд член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со Закон и со средства на Републиката.
Во Законот за даноците на граѓаните (“Службен весник на СРМ” бр.12/87, 50/87, 7/88, 51/88, 7/89, 46/89, 4/90, 47/90, 21/91 и 5/92) не е предвидена можност да се воведува данок или друг вид јавна давачка за финансирање на улично осветление.
Со оглед на тоа што со закон не е предвидена можност општината да воведува посебен данок или друга јавна давачка за финансирање на улично осветление, Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.