236/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на13 јануари 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Деловникот за организација и начин на работа на работните тела на Претседателот на Република Македонија и на Одлуката за организација и делокруг на работата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, донесени на 19 декември 1991 година од Претседателот на Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Љубомир Бочваров од Свети Николе му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точка 1 од ова решение, затоа што со Уставот не била дадена можност Претседателот, со свој акт, да ја утврдува внатрешната организација и начинот на работа. Со Уставот било предвидено функцијата Претседател на Републиката да се врши инокосно од едно лице, а не колективно, па следствено на тоа не би можело да се донесува акт за внатрешна организација и начин на работа на Претседателот на Републиката. Со донесувањето на оспорените акти се вршело димензионирање на работата на еден државен орган, кое можело да биде извршено само со закон. Со оглед на тоа, подносителот на иницијативата смета дека Претседателот на Републиката, со донесувањето на оспорените акти, презел дел од законодавната надлежност на Собранието на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Деловникот е донесен заради организирано остварување на надлежностите на Претседателот на Република Македонија, утврдени со Уставот и со законите и со него е уредена организацијата и начинот на работа на работните тела на Претседателот на Република Македонија, кои ќе му помагаат на Претседателот во вршњето на работите од неовата надлежност, при што е предвидено дека Претседателот образува работни тела кои можат да бидат постојани и повремени, кои разгледуваат одделни прашања од надлежност на Претседателот и му даваат мислења и подготвуваат предлози.
Понатаму, Судот утврди дека со оспорената одлука се уредува организацијата и делокругот на работа на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, внатрешната организација и остварувањето на правата, обврските и одговорноста на работниците во Кабинетот, како стручна служба.
Согласно член 79 од Уставот на Република Македонија Претседателот на Републиката ја претставува Републиката во земјата и во странство и е командант на вооружените сили, кој своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Во член 84 од Уставот се утврдени надлежностите на Претседателот на Републиката, а во член 86 е предвидено дена тој е и Претседател на Советот за безбедност на Република Македонија.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека Пртседателот на Републиката своите права и должности ги врши во рамките на Уставот и на законите, при што основните функции и надлежности на Претседателот на Републиката се утврдени со Уставот. Притоа, во Уставот не е определено како и на кој начин Претседателот на Републиката ќе ги врши работите од својата надлежност, а единствена граница во неговото постапување се Уставот и законите, односно тој не смее да го крши Уставот и законите и да ги пречекорува своите овластувања, утврдени со Уставот.
Тргнувајќи од уставната положба и функциите на Претседателот на Републиката, Судот смета дека нема уставна пречка да го уреди начинот на остварувањето на своите надлежности, утврдени со Уставот, односно да формира соодветни работни тела и стручна служба, кои ќе му помагаат во работата.
Според член 229 став 2 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) одредбите од овој закон согласно се применуваат и на стручните и други служби на Претседателот на Републиката, од што произлегува дека Претседателот на Републиката има и законска можност да формира стручна служба, која ќе ги врши стручните и техничките работи за потребите на Претседателот на Републиката, како посебен орган. За таа цел, тој како и сите други органи и функционери може да донесува и соодветни општи акти за организирање и функционирање на Кабинетот на Претседателот, како стручна служба.
Со оглед на тоа што со оспорените акти не се предвидуваат нови надлежности на Претседателот, ниту се менуваат неговите надлежност, утврдени со Уставот, ниту пак, се уредуваат прашања кои според Уставот се во надлежност на Собранието како законодавно тело, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените уставни одредби
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.