Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд, по јавната расправа одржана на 24 декември 1992 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ член 2 и член 3-а од Правилникот за уредување на обемот на здравствените услуги што паѓаат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92 и 32/92), како и член 3 став 1 од овој правилник во делот кој предвидува кумулативно користење на здравствените услуги на осигуреникот и членовите на неговото семејство.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на република Македонија, со решение У.бр.38/92 од 15 јули 1992 година, по повод поднесена иницијатива од Велимир Вељаноски, Бранко Трајчевски и Воислав Николиќ од Скопје и Манчо Манчев од Кавадарци, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за здравствена заштита.
4. Судот на јавната расправа утврди дека согласно член 2 од Правилникот осигуреникот и членовите на неговото семејство, кои преку него се здравствено осигурени, на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, во текот на еден месец можат да користат здравствени услуги просечно најмногу до 80% од износот на просечниот придонес за здравствено осигурување, пресметан со утврдена стапка на придонесот од просечниот месечен личен доход по работник во Републиката, а согласно член 3 став 1 од овој Правилник здравствените услуги месечно можат да ги користат осигуреникот и членовите на неговото семејство, кои се преку него здравствено осигурени. Согласно член 3-а при користење на здравствена заштита осигурениците учествуваат со сопствени средства во висина од 20% односно 10% од здравствените услуги.
5. Согласно став 1 на член 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/91) секој има право на заштита на здравјето, а согласно став 2 на овој член заради остварување на одредени права од здравствената заштита утврдени со овој закон, врз начелата на заемност и солидарност, се востановува задолжително здравствено осигурување. Со член 11 од Законот му се обезбедуваат на осигуреникот со задолжително здравствено осигурување.
Согласно член 31 од овој закон граѓаните користат здравствена заштита со плаќање на услугите со лични средства во здравствената организација за: естетски операции кои не се медицински индицирани; користење на повисоко ниво на здравствена заштита или користење на повисок конфор при користењето на здравствената заштита, по нивно барање кога тоа е над стандардите утврдени од Министерството за здравство; бањско-климатско лекување; лекови, протези, ортопетски справи и помагала кои не можат да се препишуваат на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување и други здравствени услуги кои не се предвидени во задолжителното доброволно осигурување; прекинување на бременост до трето новородено дете, ако не е медицински индицирано; трошоците за лекување кои се последица на непридржување на упатствата од лекарот; услугите за издавање на лекарски уверенија за возачка дозвола, за утврдување на општата работна способност, за остварување на оштетени побарувања и слично; трошоците за набавка на нови протетски и ортопедски справи, очила и други помагала пред утврдениот рок, доколку состојбата не е променета или се оштетени или загубени; трошоците за здравствени услуги во врска со отрезнување и лекување од акутна алкохолизирана состојба, како и троишоците за немерни труења кои не се предизвикани од душевни растројства; разлика на трошоците за лекување надвор од Републиката и надвор од земјата ако лекувањето е преземено без соодветен упат; трошоците за општа нега и дел од трошоците за сместување и исхрана во геронтолошка здравствена организација; лекување кое е последица на кривично дело или прекршок што го сторил самиот осигуреник; незадолжително вакцинирање и други здравствени услуги кои според овој закон и актите на Министерството за здравство не паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Согласно член 34 од овој закон правата од задолжително здравствено осигурување, осигурениците и членовите на нивните семејства ги остваруваат во Фондот за здравствено осигурување под условите и начинот утврдени со овој закон и со општите акти на Министерството за здравство.Според член 59 од Законотзаради остварување на загарантираните права и утврдените потреби и интереси на општеството и остварување на правата и обврските од здравственото осигурување, меѓу другото, Министерството за здравство донесува годишна програма за работа и развој и финансиски план на здравствената заштита врз основа на развојните документи на Републиката; донесува посебни програми за здравствена заштита; го утврдува обемот на здравствените услуги што паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување; поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата и обврските од здравственото осигурување и врз основа на стандарди нормативи, во соработка со здравствените организации, утврдува цени на здравствените услуги, кои паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување. Согласно член 58 од Законот заради спроведување на здравствено осигурување врз начелата на заемност и солидарност, во Фондот за здравствено осигурување се обезбедува: остварување на правата и обврските од здравственото осигурување, исплата на надоместоците на личниот доход за време на привремена спреченост од работа и други парични надоместоци од задолжителното здравствено осигурување; исплата на надоместоците за извршени здравствени услуги кои паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување и водење на евиденциите за осигурениците, правата и обврските од здравственото осигурување. Согласно став 2 на овој член во Фондот за здравствено осигурување се обезбедуваат средства за остварување на правата, паричните надоместоци и услугите од ставот 1 на овој член. Согласно член 64 од Законот средствата за основна здравствена заштита од член 11 на овој закон, во основа ги обезбедуваат вработените со придонес од личниот доход врз основа на задолжителното здравствено осигурување. Согласно став 2 на член 76 од Законот ако осигуреникот го искористи утврдениот обем на здравствените услуги, за користењето на услугите над тој обем осигуреникот со лични средства учествува во делот од трошоците на здравствените услуги односно лековите во висина и на начин утврдени со општ акт на Министерството за здравство.
Од изнесените законски одредби произлегува дека за остварување на основната здравствена заштита, средства се обезбедуваат во Фондот за здравствено осигурување и дека Министерството за здравство е овластено со општ акт поблиску да го определи обемот на основната здравствена заштита во согласност со член 11 од Законот, имајќи ги предвид начелата на достапност, рационалност и континуираност, како и врз современите и потврдените достигнувања на медицинските и други научи и на етиката на здравствените работници. Меѓутоа, при користењето на ова овластување, Министерството не може да пропишува обврска на осигуреникот за плаќање на сопствено учество за користење на здравствени услуги во рамки на утврдениот обем независно од условите утврдени во член 76 став 2 од Законот, имајќи ги предвид и решенијата содржани во членот 31 од Законот, кои се однесуваат на видовите на здравствената заштита што се обезбедуваат со учество на граѓаните.
Со оглед на тоа што со член 2 и 3-а од Правилникот е предвидено обврска осигуреникот да плаќа сопствено учество за здравствени услуги во рамки на утврдениот обем на основната здравствена заштита, за чие вршење се обезбедуваат средства во Фондот за здравственото осигурување врз основа на начелата на взаменост и солидарност, независно од условите утврдени во Законот за здравствена заштита, Судот оцени дека тие не се во согласност со закон.
6. Согласно член 14 од Законот правата од здравственото осигурување, во согласност со овој закон, им се обезбедуваат и на членовите на семејството на осигурениците определени со член 12 точките од 1 до 21. Според ставот 2 на овој член како членови на семејството се сметаат: брачниот другар и децата родени во брак или вон брак, пасиноците, посвоените деца и децата земени на издржување.
Од изнесената законска одредба произлегува дека со обезбедувањето на здравствено осигурување и на членовите на семејството на осигуреникот, Законот ги изедначува членовите на семејство во правата на здравствена заштита со осигуреникот.
Со оглед на тоа што со член 3 став 1 од Правилникот утврдениот обем на здравствени услуги се однесува кумулативно на осигуреникот и на членовите на неговото семејство, што според мислењето на Судот, значи дека определениот обем на основни права се однесува на сите заедно, а не за секого поединечно, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 14 од Законот за здравствена заштита.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.