30/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за Х-та урбана единица во Охрид, донесена од Собранието на Општината Охрид на 29 јануари 1987 година, во делот што се однесува на К.П.бр.12826.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение. затоа што со неа бил одземен дел од дворното место на КП.бр.12826 заради оформување на пристапна патека без да биде известен граѓанинот за измените на планот, што немало економска оправданост за измената и што со излегувањето на патеката на главната сообраќајница се загрозувал животот на граѓаните, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека Деталниот урбанистички план во фазата на нацрт-план бил ставен на јавен увид од 23 октомври 1986 година до 6 ноември 1986 година во просториите на Собранието на Општината Охрид.Јавната расправа била одржана на 20 септември 1986 година. За неприфатените забелешки на граѓаните од јавната расправа е дадено образложение од Собранието на Општината. Исто така, Судот утврди дека граѓаните биле известени за одржувањето на јавниот увид и јавната расправа преку средствата за јавно информирање.
4. Согласно член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник наСРМ” бр.38/85 и 18/89), кој важел во време на донесувањето на Планот, просторниот и урбанистичкиот план задолжително се става во фазата на нацрт-план, на јавен увид и јавна расправа, а според член 33 од означениот закон, собранието на општината ги разгледуваше мислењата и забелешките од јавниот увид и јавната расправа и за неприфатените забелешки беше должно да даде образложение.
Според измените на член 31 од Законот извршени во 1990 година (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, а јавната расправа се урбанистичкиот план се спроведува со излагањето на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница. Забелешките на граѓаните и другите заинтересирани лица се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма, во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.
Со оглед на тоа што планот во фазата на нацрт бил ставен на јавен увид и јавна расправа и е дадено образложение за неприфатените забелешки на граѓаните од Собранието на Општината Охрид, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од Одлуката со означените одредби од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.