171/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ОДБИВА предлогот за оценување уставноста на член 83 став 1 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Сојузот на синдикатите на Македонија, со предлог поднесен до Уставниот суд на Република Македонија, поведе постапка за оценување уставноста на член 83 став 1 од оваа одлука, затоа што тој овозможувал непочитување на уставното право на жалба, со тоа што врз негова основа надлежните второстепени органи во претпријатијата многу често не одлучувале по приговорите на работниците, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во член 79 од Законот за основните права од работниот однос е предвидено работникот, во остварувањето на поединечните права од работниот однос да има право на заштита пред органите во организацијата, пред надлежниот суд, синдикатот, инспекциските и други органи, во согласност со закон. Во член 83 од Законот е пропишано работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган во организацијата или ако тој орган не донесе одлука во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето односно приговорот, да има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд. Заштита на правата пред надлежниот суд работникот не може да бара ако претходно не барал заштита на правата пред надлежниот орган во организацијата, освен за правото на парично побарување.
Од изнесената законска одредба, според мислењето на Судот, произлегува дека со неа не се исклучува правото на жалба, туку се уредува начинот на постапување во случај кога второстепениот орган во организацијата од било кои причини во определен рок не одлучи по приговорот.
5. Со член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други инстгитуции што вршат јавни овластувања.
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба не се исклучува правото на жалба, туку се обезбедува судска заштита на правата на работниците против конечните одлуки на надлежните органи во организациите и во ситуации кога второстепениот орган во одреден рок не се произнел по приговорот на работникот, Судот оцени дека таа не е во несогласност со означените уставни одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.