167/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за придонесот за користење на градежно земјиште во Радовиш, донесена од Собранието на Општината на 30 декември 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувала обврска за плаќање комунален придонес без согласност на граѓаните, што било во несогласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со означената одлука Собранието на Општината Радовиш пропишува обврска за плаќање на придонес за користење на градежно земјиште на подрачјето на градот, што всушност претставува надоместок за употреба на градежно земјиште.
4. Според член 44 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации.
Од означената законска одредба произлегува дека е право на собранието на општината да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште, при што Законот не предвидел давање согласност од граѓаните на актот со кој се пропишува тој надоместок.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката со означената законска одредба, па одлучи како во точката 1 од ова решение.