Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 17 септември 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Статутот на Земјоделската задруга “Караџица” с. Патишка Река, донесен од Собрнаието на Задругата на 8 декември 1990 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на:
а) Одлуката за прием на задругари во Задругата, донесена од Задружниот совет на 8 декември 1990 година.;
б) Одлуката за распишување избори за членови на Собранието, донесена од Собранието на Задругата на 8 декември 1990 година;
в) Одлуката за распишување конкурс за избор на директор на Задругата, донесена од Собранието на задругата на 18 ноември 1991 година.
На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што Статутот на Здругата всушност бил донесен од вработените кои спротивно на Законот биле примени во Задругата, што на задругарите не им било дадена можност да се изјаснат дали ќе бираат свои претставници за членови во собранието или сите задругари ќе го сочинуваат собранието и затоа што Одлуката за прием на задругари, за избор на членови во Собранието и за избор на директор не се во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека на 8 декември 1990 година Собранието на Земјоделската задруга донело Статут на задругата.
Според член 7 став 2 од Законот за задругите (“Службен лист на СФРЈ” бр.3/90), Собранието на Задругата го сочинуваат сите задругари, односно нивни претставници, а според став 3, Собранието на задругата, покрај другото, го донесува и статутот на задругата. Според член 14 став 2 од Законот, работникот вработен во задругата може да стане задругар ако ги исполни условите предвидени со статутот на задругата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека Статутот на задругата го донесува собранието, кое го сочинуваат сите задругари или нивни претставници, вклучувајќи ги и работниците кои станале задругари. Притоа, Судот ги имаше предвид и одредбите на Законот за здружување на земјоделците (“Службен весник на СРМ” бр.43/80), меѓутоа, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, го примени означениот закон како републички, кој како таков на поинаков начин го уредува спорното прашање.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај статутот на задругата го донело Собранието, кое го сочинуваат претставници на задругите, односно работници кои станале задругари, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.
4. Понатаму, Судот утврди дека одлуките означени во точката 2 од ова решение не се општи правни акти, туку се поединечни акти за кои, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.