180/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Одлуката за изгласување недоверба на Владата на Република Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 7 јули 1992 година.
2. Стојановски Томислав од Куманово поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката на Собранието на Република Македонија означена во точка 1 од ова решение, затоа што, согласно член 10 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, прашањето за доверба на Владата не можело да се постави пред одржувањето нови избори, до кога постојниот состав на Владата имал право непречено д ги врши своите функции.
Исто така, подносителот на иницијативата побара Уставниот суд на Република Македонија да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука односно да го спречи одржувањето на седницата на Собранието на Република Македонија на која треба да се одлучува за избор на нова Влада, до донесувањето конечна одлука.
3. На седницата Судот утврди дека Собранието на Република Македонија, по иницијативата на 23 пратеници, на седницата одржана на 7 јули 1992 година и изгласало недоверба на Владата на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Судот, исто така, утврди дека Владата на 16 јули 1992 година, писмено го известила Собранието дека, согласно член 92 од Уставот, поднесува оставка.
4. Согласно член 92 став 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија може да и изгласа недоверба на Владата, а прашањето за доверба на Владата можат да го постават најмалку 20 пратеници. Според став 5 на овој член од Уставот одлуката за изгласување на недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.
Согласно член 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Уставот на Република Македонија се применува од денот на прогласувањето од Собранието на Република Македонија ако за примената на одделни негови одредби со Уставниот закон не е поинаку определено. Според член 10 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија во постојаниот пратенички состав, Претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија продолжуваат да ги вршат функциите со права и должности утврдени со Уставот до одржувањето на новите избори.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не е во несогласност со член 10 став 1 од Уставниот закон во Собранието на Република Македонија да се постави прашањето за доверба и да се изгласа недоверба на Влдата пред одржувањето на новите избори. При заземањето на ваков став Судот го имаше предвид карактерот, смислата и целите на Уставниот закон со која треба да се обезбеди премин во новиот уставен систем, а во тие рамки да се утврди и положбата на органите на власта образувани според поранешниот Устав. Во таа смисла, во член 1 од Уставниот закон е определено дека Уставот почнува да се применува од денот на неговото прогласување од Собранието на Република Македонија, освен ако за примената на одделни одредби со Уставниот закон не е поинаку определено, како што е постапено и во член 10 став 2 од Уставниот закон. Понатаму, Судот оцени дека во член 10 став 1 од Уставниот закон се одлага примената само на одредбите од Уствот што се однесуваат на изборот и конституирањето на Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија, со што се обезбедува легитимитет и легалитет на органите на власта конституирани во поранешниот уставен систем. Меѓутоа, со оваа одредба од Уставниот закон не се одлага примената на одредбите од Уставот што се однесуваат на правата и должностите на овие органи и на нивните меѓусебни односи, од што произлегува дека тие ги вршат своите функции во новиот уставен систем со сите права и должности утврдени во Уставот на Република Македонија, според Уставот, спаѓаат и правата и должностите на Владата спрема Собранието на Република Македонија и нејзиното право и должност да поднесе остава и правото на Собранието да го постави прашањето за доверба на Владата, на начин и постапка уредени со членовите 92 и 93 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека од член 10 став 1 од Уставниот закон не може да се изведе заклучок дека се суспендираат одредбите од Уставот што се однесуваат на правата и должностите на Владата и на нејзините односи со Собранието на Република Македонија, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот на Република Македонија.
5. Со оглед на тоа што нема основи за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одлука, Судот утврди дека не се исполнети условите да одлучува за барањето за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорената одлука.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од ова решение.