Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 јули 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 29 став 4 од Правилникот за приправничкиот стаж и за стручниот испит на здравствените работници, донесен од Министерството за здравство на 27 јануари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со неа било пропишано положениот стручен испит да се смета како лиценца за работа на здравствените работници, што не било во согласност со Законот за здравствена заштита, според кој коморите биле надлежни да ги пропишуваат начинот и постапката за издавање и одземање на лиценците.
3. На седницата Судот утврди дека во член 29 став 4 од Правилникот е определено положениот стручен испит да се смета каколиценца за работа.
4. Според член 143 став 3 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) положениот стручен испит се смета како лиценца за работа.
Од изнесеното произлегува дека Законот пропишал положениот стручен испит да се смета како лиценца за работа, а со оспорената одредба од Правилникот таа законска одредба е само преземена односно се оспорената одредба од Правилникот стекнувањето лиценца не се уредува на поинаков начин од начинот утврден со Законот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 29 став 4 од Правилникот со член 143 став 3 од Законот за здравствена заштита.
5. Дали, пак, постои неусогласеност меѓу одредбите од Законот што се однесуваат на стекнувањето лиценца за работа (член 143 став 3) и на овластувањето на соодветната комора во врска со лиценцата (член 121 став 1 алинеја 5 и член 155) е прашање за кое Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.