У.бр.78/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 јули 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Живко Стојменовски од Куманово за заштита на правото на сопственост на земјоделско земјиште.

2. Живко Стојменовски од Куманово му поднесе на Уставниот суд на Република Македонија барање за заштита на правото на сопственост на земјоделско земјиште, кое му било повредено со пресуди на Општинскиот суд во Куманово и Окружниот суд во Скопје, донесени со незаконито постапување. Во барањето се наведува дека Уставниот суд треба да му пружи заштита на со Уставот гарантираното право на сопственост, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија.

3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа што барањето се однесува на заштита на правото на сопственост, а не на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува по него.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.