26/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 јули 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките за промена на цените на комуналните услуги што ги врши Општественото претпријатие “Маврово” на корисниците во селата и населбите лоцирани околу Мавровското Езеро за вода и изнесување на комунален смет, донесени од Работничкиот совет на Претпријатието на 10 јануари и 11 март 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точка 1 од ова решение, затоа што со нив било предвидено цената за потрошената количина вода да се наплатува паушално, а не според потрошената вода, што не може да се утврди преку вградените водомери и затоа што цената за вода и за смет се наплаќала за секој месец, иако поголемиот дел од граѓаните што имаат викендички не се постојани жители на Маврови Анови, што не било во согласност со Устав и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката од 10 јануари 1992 година, што важела во времето на поднесувањето на иницијативата, престанала да важи со донесувањето на Одлуката од 11 март 1992 година. Разгледувајќи ја важечката одлука, Судот утврди дека корисниците на вода и други комунални услуги за објектите лоцирани во селата и населбите околу Мавровското Езеро се разврстани во неколку категории и е определено за вода да плаќаат месечно и паушално, а за изнесување на смет исто се плаќа месечно, во зависност од станбената површина, при што сите индивидуални потрошувачи односно граѓаните се сврстени во иста категорија и е определена иста цена, независно дали се постојани или повремени корисници на комуналните услуги.
4. Со член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, која може да се ограничи само со закон во точно определени случаи. Основа за управување и учество во одлучувањето во стопанските субјекти, според член 58 став 1 од Уставот, претставува сопственоста и трудот.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека пазарот на стоки и услуги, па во тие рамки и на комуналните производи и услуги, е слободен,а основа за управување во стопанските субјекти односно во комуналните претпријатија е сопственоста на трудот, па за сите прашања одлучуваат сопствениците на капиталот во тие стопански субјекти и работниците во нов,
Според член 2 од Законот за системот на општествената контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички, претпријатијата и другите правни лица ги формираат цените слободно според условите на пазарот.
Од изнесените законски одредби произлегува дека претпријатијата самостојно ги утврдуваат цените на своите производи и услуги, а во тие рамки и начинот на нивното плаќање, имајќи ги притоа предвид сите фактори на работењето на претпријатието, како и дејствувањето на условите на пазарот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените уставни и законски одредби.
5. Во однос на Одлуката од 10 јануари 1992 година, што престанала да важи, Судот оцени дека нема основ за оценување на нејзината уставност и законитост во време на нејзиното важење.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.