Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки на седницата одржана на 27 мај 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Радовиш, донесена од Собранието на Општината Радовиш на 2 септември 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што по неа не бил обезбеден јавен увид и не била организирана јавна расправа во петте месни заедници на Општината, што било во несогласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со нацртот на Планот, кој е утврден на седницата на Собранието на Општината на 3 јули 1991 година, предвидена е локација за изградба на бензиска пумпа со авто-сервис и изложбен салот за автомобили на просторот помеѓу патот Штип-Струмица, излезниот пат од градот и реката Сушица, наместо резервен простор и зелена површина. Понатаму, Судот утврди дека нацртот на Планот бил ставен на јавен увид од 3-18 јули 1991 година, со објавување на огласната табла во просторија на Собранието на Општината и укажување граѓаните и другите заинтересирани субјекти да можат да ги доставуваат своите забелешки до органот на управата надлежен за урбанизам-подрачна единица во Радовиш во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавниот увид. Исто така, Судот утврди дека за измената на Деталниот урбанистички план и одржувањето на јавната расправа по Планот граѓаните биле информирани преку локалната Радиостаница во времето од 5 до 14 јули 1991 година секој ден. По нацртот на Планот подносителите на иницијативата доставиле забелешки, но органот на управата надлежен за урбанизам не ја прифатил забелешката, за што дал образложение во Извештајот од јавната расправа.
4. Според член 37 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон за нивното донесување.
Согласно член 31 став 2 и 4 од Законот нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која се спроведува со излагање на планот најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и на другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за урбанизам во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа.
Според член 33 од Законот органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието на општината предлог на план заедно со извештајот од јавната расправа, со образложени за неприфатените забелешки.
Согласно член 34 став 2 од Законот собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината.
Со оглед на тоа што изложувањето на нацртот на Планот е обезбедено во соодветна просторија во градот Радовиш, за чие подрачје се однесува Планот, а на граѓаните од месните заедници им е овозможено непосредно учество во јавната расправа по нацртот на планот, со давање забелешки по писмен пат, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.