Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 13 мај 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правото на граѓаните да добијат одговор на претставките поднесени до државните органи и другите јавни служби на Република Македонија.
2. Партијата на човековите права на Македонија од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за заштита на правото означено во точкат 1 од ова решение, затоа што таа партија упатила повеќе претставки до сите државни органи во Републиката, но ниту на една претставка не добила одговор.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека со неа не се бара заштита на основните слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, за чија заштита е надлежен Уставниот суд на Република Македонија. Според оваа уставна одредба, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето на иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.