224/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 13 мај 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 2 од Правилникот за продажба на становите во сопственост на Новинско-издавачкото претпријатие “Нова Македонија” во Скопје, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието на 24 октомври 1991 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на:
а) Одлуката за изменување генерален директор на Претпријатиео “Нова Македонија”, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието на 5 декември 1990 година и на
б) Одлуките за доделување на станбени кредити на Ѓорѓи Ајановски, Јован Павловски и Бошко Бошковски, донесени од Комисијата за станбени прашања на Пртпријатието на 31 октомври и 16 ноември 1990 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало Работничкиот совет да одлучува за продажба на секој стан одделно, со што работниците-н осители на станарското право, се ставале во нееднаква положба, поради што одредбата била во несогласност со Уставот и со Законот за продажба на становите во општествена сопственост. Исто така, побарано е оценување законитоста на одлуките означени во точката 2 од ова решение, затоа што биле во несогласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека според член 2 став 1 од Правилникот Работничкиот совет донесува одлука за продажба на становите на Претпријатието, а според став 2 Работничкиот совет донесува поединечна одлука за продажба на секој стан. Исто така, Судот утврди дека со Одлуката донесена од Работничкиот совет на Претпријатието на 20 ноември 1991 година се даваат на проценка за продажба 113 станови на претпријатието, со тоа што само одделни станови за кои треба да се разјаснат некои фактички прашања во врска со носителите на станарското право и сопственоста на становите е предвидено дополнително да се произнесе Работничкиот совет.
Од изнесената фактичка состојба, според мислењето на Судот, произлегува дека со оспорената одредба од Правилникот се предвидува Работничкиот совет во рамките на одлуката за продажба на становите да донесува и конкретни одлуки за продажба на секој стан.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со уставното начело на еднаквоста утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија и со член 8 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на СРМ” бр.36/90), според кој сопственикот со општ акт поблиску ја уредува постапката за продажба на станот, во согласност со овој закон.
5. Што се однесува до наводите во иницијативата дека одлуките означени со точката 2 од ова решение се незаконити, Судот утврди дека тие не претставуваат општи правни акти во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што тој не е надлежен да одлучува за нивната законитост.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.