У.бр.195/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, по одржана јавна расправа, на седницата одржана на 22 април 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) Заклучокот бр.23-1662/1, донесен од Владата на Република Македонија на 24 јули 1991 година и
б) Одлуката за наменско зголемување на цената на електричната енергија, донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија”, во Скопје на 30 јули 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службенвесник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.195/91 од 26 декември 1991 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека со оспорениот заклучок се задолжува Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” да донесе одлука за времено поместување на цената на електричната енергија за 20% од применетата цена по тарифните ставови, а средствата остварени по овој основ да се дозначат на посебна жито сметка на Министерството за стопанство и да се користат за пополнување на стоковните резерви на Републиката, што Владата со посебна одлука ќе го утврди.

5. Во одговорот на Владата на Република Македонија на решението за поведување постапка за оспорениот заклучок и на јавната расправа од претставниците на Владата се тврди дека во поранешниот Устав имало основ со закон да се пропишат определени мерки заради спречување на поголеми нарушувања во стопанството на Републиката (член 305) и дека во согласност со тој Устав со Законот за мерките кои можат да се преземат заради спречување и отстранување на нарушувањето на стопанството на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.46/90), Владата на Република Македонија била овластена да презема привремени мерки заради спречување на нарушувањата на тековите во стопанството на Републиката, за што била овластена и со важечкиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91).

Во таа смисла, заради спречување на поголеми нарушувања во стопанство на Републиката кои можеле да настанат поради недостиг на одделни видови на енергија, а особено на нафта и нафтени деривати, Владата на Република Македонија зазела став дека пополнувањето на републичките стокови резерви со наведените видови на енергија треба да се смета како приоритетно прашање. Врз основа на овластувањата на Владата со означениот закон, како и врз основа на Законот за енергетика и Законот за системот на општествена контрола на цените, Владата презела мерки за обезбедување на енергетски горива (нафта и нафтени деривати), со тоа што му препорачала на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија”, наменски да ја зголеми цената на електричната енергија, а остварените средства да се искористат за пополнување на стоковните резерви на Републиката.

Исто така, Владата смета дека оспорениот заклучок е донесен во рамките на нејзиното уставно овластување да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, а дека одлуката за зголемување на цената на електричната енергија е донесена самостојно од органот на управување на Претпријатието, кој со закон е овластен да одлучува за тоа.

Претставникот на “Електростопанство на Македонија” на јавната расправа истакна дека оспорениот заклучок не претставува препорака, туку општ акт со обврзен карактер, кој биле должни да го спроведат, што се потврдува и со наредба од Владата Претпријатието да продолжи со обезбедувањето на средства по овој основ и дека со оспорената одлука всушност не се зголемува цената на електричната енергија, согласно со прописите во кој е утврден начинот на нејзиното формирање, туку остварените средства се користат за посебни намени утврдени од Владата и не влегуваат во доходот на претпријатието.

6. Од содржината на Заклучокот, според мислењето на Судот, произлегува дека тој е пропис со кој се уредуваат определени односи од финансиско-економската сфера, затоа што со него се воведува посебна јавна давачка за корисниците на електричната енергија и се определува намената на тие средства-за пополнување на стоковните резерви на Републиката, независно што се утврдува како наменско зголемување на цената на електричната енергија.

7. Според член 68 став 1 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија за резервите на Републиката одлучува Собранието на Република Македонија, а според член 91 алинеја 4 од Уставот Владата предлага одлуки за резервите на Републиката и се грижи за нивното извршување.

Изворите на средства за финансирање на републичките стоковни резерви се утврдени во член 34 од Законот за стоковните резерви (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/87), а Владата е овластена само да му предлага на Собранието на Републиката среднорочни програми за формирање, одновување, користење и глобално територијално разместување на стоковните резерви (член 9 став 1), да ги донесува годишните програми, како и да ги определи условите и начинот под кои ќе се користат републичките стоковни резерви.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека за резервите во Републиката одлучува Собранието на Републиката, а Владата му предлага одлуки за резервите и се грижи за нивното извршување односно таа ги утврдува условите и начинот за нивното користење, при што Владата ниту со Уставот, ниту со закон е овластена да утврдува нови извори на средства за финансирање на републичките стоковни резерви.

Исто така, Судот оцени дека Владата нема овластување да определува нови извори на средства за стоковните резерви на Републиката ниту според член 91 алинеја 1 од Уставот, кој предвидува Владата да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и да е одговорна за нивното извршување.

Судот, понатаму, оцени дека ниту со Законот за мерките кој може да се преземат заради спречување и отстранување на нарушувањето во стопанството на СР Македонија, Владата не била овластена да утврдува нови извори на средства за пополнување на стоковните резерви на Републиката, затоа што вакви интервенции во стопанството, согласно член 305 од Уставот, кој важеше со времето на донесувањето на оспорениот заклучок, можеа да се вршат само со закон.

Судот, исто така, утврди дека според член 2 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички, претпријатијата што вршат дејност во областа на електростопанството ги формираат цените врз основа на заеднички критериуми што ги утврдуваат во своите заедници, со примена на определени мерки на општествена контрола на цените, а во член 13 од Законот се утврдени мерките на непосредна општествена контрола на цените што може да ги пропише Владата.

Според тоа, Владата можела да пропише само некоја од мерките на непосредна општествена контрола на цените утврдени во член 13 од Законот, а не и да утврдува обврска за нивно наменско зголемување кое нема елементи на цена и кое претставува посебна давачка за корисниците на електричната енергија.

Поради тоа, Судот оцени дека обврската за зголемување на цената на електричната енергија заради обезбедување на средства за пополнување на стоковните резерви на Републиката пропишана со оспорениот заклучок, не може да претставува општествена контрола на цените.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

При оценувањето на оспорениот заклучок, Судот ги имаше предвид и одредбите од Уставот кој важеше во времето на донесувањето на оспорениот заклучок и при тоа оцени дека и според одредбите на овој Устав Владата не беше овластена да одлучува за обезбедување на средствата за пополнување на стоковните резерви на Републиката, туку за тоа беше овластено Собранието на Републиката со донесување на закон (Амандман 67 точка 2 подточка 1). Исто така, Судот смета дека таквото овластување за Владата не произлегуваше и од надлежностите на Владата да донесува прописи за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието (член 393 од Уставот), ниту од овластувањето да донесува мерки за остварување на утврдената развојна и економска политика (Амандман 76 точка 2 од Уставот).

8. Разгледувајќи ја оспорената одлука, Судот утврди дека таа е донесена согласно означениот заклучок на Владата и дека со неа се определува наменско зголемување на цената на електричната енергија за 20%, а средствата што ќе бидат собрани по овој основ е предвидено да бидат употребени за обезбедување на потребите од енергетски горива во Републиката.

Според член 39 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/87, 42/88, 7/88, 29/89 и 36/89) испораката на електричната енергија се врши според тарифни ставови, а врз основа на времето на потрошувачката, ангажираната моќност, количеството и квалитетот на енергијата што се презема, категоријата на потрошувачка, односно на корисникот за кој се применуваат одделни тарифни ставови, а цените на електричната енергија, според означениот Закон за општествена контрола на цените, ги формираат самостојно претпријатијата што вршат дејност во областа на електростопанството врз основа на заедничките критериуми што ги утврдуваат во своите заедници, во рамките на определениот систем на општествена контрола на цените утврдени со закон.

Според мислењето на Судот, со оспорената одлука фактички не се определува цена на електричната енергија, затоа што наменското зголемување на цената на електричната енергија, независно од наведените фактори и од вистинската потрошувачка на електричната енергија од секој корисник, всушност претставува воведување посебна јавна давачка за корисниците на електрична енергија за пополнување на стоковните резерви на Републиката.

Според член 33 и 68 од Уставот на Република Македонија даноци и јавни давачки се плаќаат на начин утврден со закон односно јавните давачки ги утврдува Собранието на Републиката.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука, без уставен и законски основ, е воведена посебна јавна давачка за корисниците на електричната енергија, заради обезбедување на средства за пополнување на стоковните резерви на Републиката, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.