Уставиот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 22 април 1992 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВААТ:
а) Одлуката за висината на надоместокот за користење на водостопански објекти и постројки од Хидромелиоративниот систем “Мантово” во Радовиш за 1991 година, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост “Мантово” во Радовиш на 13 март 1991 година и
б) Одлуката за укинување на точките 4 и 6 од одлуката означена под а) и за продолжување на важењето на останатите нејзини одредби, донесена од Работничкиот совет на означеното претпријатие на 5 февруари 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означеното претпријатие на начин определен за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.119/91 од 18 декември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точка 1 под а) од оваа одлука, затоа што според Законот за водите надоместоците за користење на хидромелиоративните системи се утврдат со закон, а нивната висина можат да ја определуваат Републичката и општинските самоуправни интересни заедници за водостопанство, а не и водостопанските организации, поради што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.
4. По поведувањето на постапката, Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост “Мантово” ја донел означената одлука во точка 1 под б) од ова решение, со која утврдил дека одредбите од точките 4 и 6 на одлуката означена во точката 1 под а) од оваа одлука се бришат, а останатите одредби продолжуваат да важат.
Судот оцени дека оваа одлука на Реобнтичкиот совет не претставува самостоен акт со кој се уредуваат определени односи, туку составен дел на првоозначената одлука, поради што оцени дека постојат услови за оценување и на нејзината законитост.
5. На седницата Судот утврди дека со одлуките означени во точка 1 од оваа одлука е утврдена висината на надоместоците за искористена вода, за обезбедено доведување вода и други надоместоци за користење на водите од хидромелиоративниот систем “Мантово” во Радовиш.
Според член 140 став 1, во врска со член 147 и член 150 во врска со член 145 од Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр.6/81, 37/87, 51/88, 20/90, 23/90 и 23/91) висината на надоместоците за користење на вода од хидромелиоративниот систем што се утврдени со законот ја определува општинската самоуправна интересна заедница за водостопанство односно републичката самоуправна интересна заедница за водостопанство, а не водостопанските организации.
Со оглед на тоа што со одлуките означени во точката 1 од оваа одлука Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост “Мантово” ја определува висината на надоместоците за користење на вода од хидромелиоративниот систем, за што според законот не е надлжен да одлучува, Судот утврди дека тие не се во согласност со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.