У.бр.156/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 април 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените прашања на работниците во Општинскиот суд во Титов Велес, донесен од Советот на Работната заедница на 12 октомври 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”, и во Општинскиот суд во Титов Велес на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.156/91 од 26 декември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за органите на управата.

4. На седницата Судот утврди дека оспорениот правилник е донесен од Советот на Работната заедница на Општинскиот суд во Титов Велес.

5. Во Законот за органите на управата, кој, согласно член 229, се применува и во судовите (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) не се предвидува обврска за издвојување средства за заедничка потрошувачка наменети за станбена изградба, туку според член 166 од законот само средства за работа на органот на управата, во кои спаѓаат средствата за лични доходи и непосредна заедничка потрошувачка на работниците, средствата за материјални трошоци, средствата за посебни намени и средствата за опрема, кои се обезбедуваат од буџетот на Републиката. Исто така, од Законот произлегува дека одлуките за начинот на распределба на средствата на органот на управата и нивното користење не ги донесуваат работниците, туку функционерот кој раководи со органот на управата (членовите 160, 275 и 224 од Законот за органите на управата).

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека работната заедница во органот на управата односно во судот, како облик на самоуправување, повеќе не може да ги уредува односите во судот, а во тие рамки ни да ги утврдува критериумите и мерилата за решавање на станбени прашања на работниците, Судот оцени дека оспорениот правилник не е во согласност со означените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.