214/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 50 став 1 под а) од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Акционерското друштво за производство на хартија и амбалажа “Комуна” во Скопје, донесен на 15 декември 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 50 став 1 под а) од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал еднаков број бодови за лицата кои живееле како потстанари без оглед колку време живееле во тој станбен статус, што не било во согласност со закон и со Општествениот договор за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените прашања на работниците.
3. На седницата Судот утврди дека во член 50 од Правилникот е предвиден основот степен на станбена загрозеност и се утврдени бодови за потстанарски станбен статус, за живеењето кај своите родители односно родителите на брачниот другар, за станарите и сопственисите на стан. Во член 51 од Правилникот е вреднуван станбениот статус на работникот со оглед на времето кое го поминал во него.
4. Според член 42 од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88 и 1/90) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, со општ акт на организацијата се утврдуваат условите и начинот за давање станови односно основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на трудот и солидарноста.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на организацијата да ги утврди основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка, а во тие рамки и за решавање на станбените потреби на работниците, при што е должна да ги изрази трудот и солидарноста.
Со оглед на тоа што во оспорениот член од Правилникот е почитувано начото на солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.
5. Во врска со наводот во иницијативата дека оспорениот член од Правилникот не е во согласност со соодветниот општествен договор, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на општите акти.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.