21/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 4 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на актот бр.01-4366/1 од 12.12.1991 година упатен од Министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија до Општините и самоуправните интересни заедници за становање во Република Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што го пропишувал сопственичко-правниот режим на становите во општествена сопственост, за што Министерот немал овластување.
3. На седницата Судот утврди дека оспорениот акт не претставува пропис со кој се уредува сопственичко-правниот режим на становите во општествена сопственост и правната положба на нивните корисници, поради што не може да биде основ за постапување на органите до кои е упатен.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот акт не може да биде предмет на уставносудска оценка во смисла на член 110 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.