Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 13 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по јавната расправа, на седницата одржана на 19 март 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ УТВРДУВА дека не се во согласност со Уставот на Република Македонија точка 2 во делот што се однесува на определбата на албанското население да му се признае право на отцепување на тоталитарното и асимилаторско панславјанско ропство, точка 4 став 3, точка 5 став 2, точка 6 став 2 во делот во кој службениот јазик во Република Македонија се третира како туѓ јазик и во делот што се однесува на оценката за денационализација и асимилација на албанската националност и точка 7 став 2 во делот што се однесува на иницирање сеалбанско собрание како носител на сеалбанската платформа, од Политичката декларација на Народната демократска партија (НДП) од Тетово, донесена од Собранието на партијата на 15 јуни 1991 година.
2. СЕ ОДЛАГА донесувањето на одлука и СЕ ДАВА МОЖНОСТ на Собранието на НДП да ја отстрани несогласноста на означените делови од Декларацијата со Уставот, најдоцна до 31 мај 1992 година.
3. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на Уводниот дел, точка 1, точка 3 и точка 4 став 1 од означената декларација.
4. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
5. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр 189/91 од 19 јануари 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста на уводниот дел и точките 1, 2, 3, точка 4 став 1 и 3, точка 5 став 2 и точка 6 став 2 од означената декларација, затоа што се постави прашањето дали во нив не се содржани определби и активности насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и дали не содржат ставови и оценки кои се насочени кон разгорување на национална и верска омраза или нетрпеливост и дали поради тоа се во согласност со член 20 став 3 од Уставот на Република Македонија.
На јавната расправа, што се одржа на 12 март 1992 година, беше изнесено мислење, кое го застапуваше и претставникот на НДП и кое беше содржано и во писмениот одговор на Правната комисија наНДП на решението за поведување на постапка, дека оспорената декларација не претставува акт за чија уставност Уставниот суд е надлежен да одлучува, затоа што таа не е означена како програма, ниту со неа се вршат измени или дополнувања на постојната програма на НДП, ниту, пак, содржи определби и ставови кои би и давале карактер на програмски акт. Во таа смисла, се наведе дека Декларацијата е политички документ во кој се констатира и актуелизира определена политичка ситуација во Југославија и во Република Македонија, која веќе не е актуелна, што би требало да се има предвид при одлучувањето. Освен тоа, се истакна дека Декларацијата не содржи повик на насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, ниту е насочена кон поттикнување на разгорување национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
На јавната расправа беше изнесено и мислење дека Декларацијата, без оглед на тоа што не е означена како програма, во себе содржи и програмски цели и определби на НДП, поради што во тие делови треба да се смета како програма во смисла на член 110 алинеја 7 од Уставот, а дека при нејзиното оценување треба да се има предвид не само дали таа изречно повикува на насилно уривање на уставниот поредок односно на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, туку дали нејзините определби и ставови објективно, во определен контекст, упатуваат на такви активности и цели, како и кон загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија како држава.
Претставникот на НДП го извести Судот дека е во тек изготвување нова програма на НДП и предложи Судот да го одложи одлучувањето до нејзиното донесување, кога ќе бидат формулирани политичките цели и задачи на оваа партија во согласност со новонастанатите политички околности, што ќе влијае и на преиспитување на одделни ставови и определби од Декларацијата.
6. На седницата Судот повторно го разгледа прашањето за карактерот на Декларацијата, имајќи ги предвид и мислењата изнесени на јавната расправа и оцени дека за неговото определување е битна содржината на Декларацијата, а не само нејзиниот назив и утврди дека таа во одделни делови содржи програмски определби, цели и задачи на НДП, како и стратегија на нивното остварување што и дава карактер на програмски акт. Притоа, Судот ја имаше предвид и можноста политичките партии да ги формулираат своите политички програмски цели во различни политички акти во зависност од актуелните политички прилики, кои изразуваат политичка платформа и цели на дејствувањето на политичката партија,. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека Декларацијата, во деловите што имаат карактер на програма, подлежи на уставно-судска оценка во смисла на член 110 алинеја 7 од Уставот.
7. На седницата и на јавната расправа Судот утврди дека во точка 2 од Декларацијата е утврдена определбата на НДП на албанското население во Југославија да му се признае статусот на народ и правото на слободно национално определување, за самоопределување и со правото на отцепување од тоталитарното и асимилаторско панславјанско ропство.
Во точка 4 став 3 од Декларацијата се прокламира дека НДП нема да ги прифати одлуките на ЈУ-самитот без учество на Албанците, а решение ќе побара во сенародно здружување и формирање на единствена албанска држава на Балканот, а во точка 7 став 2 се иницира формирање на сеалбанско собрание како носител на сеалбанската платформа.
Во точката 5 став 2 од Декларацијата се утврдува дека: “Албанците во Југославија се дискриминирани од страна на српските, црногорските и македонските хегемонисти во однос на основање на просветно-научни институции на албански јазик, од причина што преку овие институции ќе се открие горкото минато и сегашност, вистината за направените масакри од страна на Југословенските партизани, кои го избркаа фашизмот и го зазедоа нивното место, како што е масакрот во тетовскиот монопол, во земјоделското училиште во Тетово, на маршот на смртта на Јадранскиот брег, на албанските чистачи на мини на Сремскиот фронт, за многубројните убиства на Косово, за државно-институционалниот терор во ЈНА, за воено-полициската окупација, за геноцидот врз албанскиот народ…”.
Конечно, поврзано со точка 5 став 2, во точка 6 став 2 е изразен став дека на Албанците им се создава обврска педагошката евиденција и документација да ја водат на туѓ (македонски) јазик што, заедно со другите мерки во областа на образованието, било насочено кон денационализација и асимилација на албанскиот народ.
8. Со член 20 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на политичкото и друго здружување и правото на основање политички партии и здруженија на граѓаните, а според став 3 на овој член од Уставот нивните програми и дејствување не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Согласно член 1 став 2 од Уставот суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, а спорд член 3 и точка 2 од Амандманот 1 на Уставот територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива, а постојната граница е повредлива и може да се менува само во согласност со Уставот, врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените норми.
Во член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 11 како темелни вредности на уставниот поредок се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со уставот, владеењето на правото, како и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.
Тргнувајќи од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, Судот ги имаше предвид меѓународните акти-особено Повелбата на Обединетите нации, Завршниот акт на КЕБС и Париската повелба за нова Европа-според кои слободите и правата на човекот и граѓанинот, меѓу кои и правата на националните малцинства, не можат да се користат заради загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Во изнесените уставни одредби се утврдени основните принципи и вредности на демократскиот уставен порадок низ кој треба да се остваруваат основните граѓански и политички слободи и права на човекот и граѓанинот. Несомнено е дека слободата и правото на политичкото организирање и дејствување, како дел од корпусот на слободите и правата на човекот и граѓанинот, е темелна вредност и услов за опстојување и развивање на демократски политички односи во вршењето на власта во Република Македонија, во чија основа се граѓаните со своите слободи, права, стремежи и интереси, односно за остварување на уставната определба за Република Македонија како демократска држава поради што оваа слобода и право е изречно гарантирана во член 20 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Меѓутоа, слободата и правото на политичко организирање и дејствување не може да се сфати без никакво ограничување во целите и изборот на средствата за нивното остварување. Принципите и границите на остварувањето на слободата на политичкото организирање и дејствување недвосмислено се определени во член 20 став 3 од Уставот, според кој програмите и дејствувањето на политичките партии не може да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, како и во член 1, 3 и 8 од Уставот, кои обврзуваат на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката.
Според мислењето на Судот, во оценката на програмите на политичките партии од аспект на забраните што се утврдени во член 20 став 3 од Уставот треба да се земат предвид како оние програмски цели и определби кои директно и експлицитно повикуваат на насилно уривање на уставниот поредок односно изречно поттикнуваат разгорување на национална и верска омраза и нетрпеливост, така и оние определби и активности кои објективно значат насоченост кон она што Уставот не го дозволува.
Во конкретниот случај, Судот смета дека во точка 4 став 3 од Декларацијата на НДП се предвидени активности, кои, ако се преземат, се директно или индиректно насочени и кон насилно уривање на уставниот поредок, затоа што се поставени така што доколку правото на самоопределување и отцепување, назначено во точка 2 од Декларацијата, не се оствари на демократски начин и со политички средства, решение ќе се побара во сенародното здружување и формирање на единствена албанска држава на Балканот, што не може да се оствари не само без насилно уривање на уставниот поредок, туку и без загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Вквквиот однос и насоченост на предвидените активности во оваа точка кон уставниот поредок и кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија како држава, стануваат уште појасни ако се има предвид изразената определба во точка 2 од Декларацијата за остварување на правата на албанското население на отцепување заради ослободување од тоталитарното и асимилаторско пенславјанско ропство, а поврзано со тоа и определбата изрезена во точка 7 од Декларацијата за тесна соработка меѓу политичките партии во Југославија и Албанија и за формирање на сеалбанско собрание како носител на сеалбанската платформа. Од тие причини, Судот оцени дека точка 4 став 3 и точките 2 и 7 во означените делови од Декларацијата не се во согласност со член 20 став 3 од Уставот.
Наспроти оценките и ставовите во точка 2, точка 5 став 2 и точка 6 став 2 од Декларацијата, во кои се изразуваат ставови за тоталитарно и асимилаторско панславјанско ропство, терор, бројни масакри и геноцид врз албанската националност и за нејзината денационализација и асимилација, Судот утврди дека во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се поаѓа и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија. Според член 2 од Уставот на Република Македонија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, а според член 9 од Уставот сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно, помеѓу другото, од националното потекло. Од друга страна, во Уставот е обезбедена посебна заштита и посебни права на националностите и нивните припадници. Така, според член 7 од Уставот покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, во службена употреба е и јазикот и писмото на националностите во единиците на локалната самоуправа во кои нејзините припадници се во мнозинство или во значителен број, на начин односно под услови и на начин утврдени со закон, според член 48 од Уставот припадниците на националностите имаат право слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и национални особености и се гарантира етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет и правото на припадниците на националностите да основаат културни, уметнички, научни и други институции и здруженија, како и право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Од изнесените уставни одредби, според мислењето на Судот, недвосмислено произлегува дека со Уставот е обезбедена целосна граѓанска рамноправност на припадниците на националностите, па и на албанската, со припадниците на македонскиот народ.
Разгледувајќи ги оценките и ставовите од точка 2, точка 5 став 2 и точка 6 став 2, во врска со точка 4 став 3 од Декларацијата, Судот оцени дека со ваквиот начин на претставување на состојбите за наводната историска и актуелна обесправеност, денационализација и асимилација на албанското население, не само што се негира перспективата на заеднички соживот на македонскиот народ и припадниците на албанската националност во Република Македонија туку објективно се создава основа за нивно спротивставување и за поттикнување на разгорување на национална нетрпеливост и омраза, поради што оцени дека овие точки не се во согласност со член 20 став 3 од Уставот на Република Македонија.
9. Судот ги имаше предвид наводите на претставникот на НДП дека Декларацијата е донесена во време на важењето на поранешниот Устав, но оцени дека, согласно постојниот Устав на Република Македонија, Уставниот суд е овластен да ја оценува уставноста, помеѓу другото, и на важечките програми и статути, на политичките партии и здруженија на граѓаните во однос на важечкиот Устав, без оглед на тоа дали тие се донесени пред неговото прогласување. Но, и покрај тоа, Судот укажува дека и во член 5 став 2 и Амандманите 56, 66 и точка 1 и точка 7 од Амандман 70 на поранешниот Устав беа содржани во основа идентични одредби како и одредбите од постојниот Устав на Република Македонија кои се однесуваат на прашањата што се поставуваат во врска со оспорената декларација. Тоа особено може да се види од точка 7 на Амандман 70 на поранешниот Устав, според кој беше забрането политичко организирање и дејствување насочено кон насилна промена на уредувањето утврдено со Уставот, загрозување на независноста на земјата и на територијалната целокупност на Републиката, кршење на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот, како и кон разгорување на национална, расна и верска омраза и нетрпеливост.
10. Имајќи го предвид писменото обраќање на НДП како и искажувањето на претставникот на НДП на јавната расправа, Уставниот суд оцени дека постојат услови да му даде можност на Собранието на НДП само да ја отстрани неуставноста на деловите од Декларацијата означени во точката 1 од ова решение.
11. Врз основа на јавната расправа, Уставниот суд оцени дека не постојат основи за натамошно водење на постапката за оценување уставноста на уводниот дел, точка 1, точка 3 и точка 4 став 1 од Декларацијата.
12. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
-Политичка декларација на Народната демократска
партија (НДП) од Тетово (одлука за поништување).
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВААТ точка 2 во делот што се однесува на определбата на Народната демократска партија од Тетово на албанското населени да му се признае право на отцепување од тоталитарното и асимилаторското панславјанско ропство, точка 4 став 3, точка 5 став 2, точка 6 став 2 во делот во кој службениот јазик во Република Македонија се третира како туѓ јазик и во делот што се однесува на оценката за денационализација и асимилација на албанската националност и точка 7 став 2 во делот што се однесува на иницирање сеалбанско собрание како носител на сеалбанската платформа од Политичката декларација, донесена од Собранието на Партијата на 15 јуни 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.189/91 од 19 март 1992 година, објавено во (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/92), утврди дека деловите од Политичката декларација означени во точка 1 од оваа одлука не се во согласност со член 20 став 3 од Уставот на Република Македонија, од причините изнесени во тоа решение.
Уставниот суд го одложи донесувањето на одлуката и му даде можност на Собранието на Народната демократска партија да ја отстрани несогласноста на означените делови од Декларацијата со Уставот до 31 мај 1992 година.
4. На седницата Судот утврди дека Собранието на НДП во определениот рок не ја отстранило несогласноста на означените одредби со Уставот, поради што, тргнувајќи од карактерот и тежината на повредите на Уставот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука. (У.бр.189/91).