Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 16 јануари 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 11, 14, 16 и 24 од Правилникот за станбени прашања на Народниот музеј во Титов Велес, донесен во месец јули 1988 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување согласноста на означениот правилник со Општествениот договор за критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања во Општината Титов Велес од 30 октомври 1989 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се вршело различно вреднување на работниот стаж во и вон Музејот, двојно вреднување на придонесот во работата и засилено вреднување на работниците-брачни другари, што не било во согласност со уставниот принцип на еднаквост и со закон. Исто така, Правилникот се оспорува затоа што не ги определувал документите што треба да се поднесат при конкурирањето за добивање стан на користење и што не бил во согласност со Општествениот договор за критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања во Општина Титов Велес.
4. На седницата Судот утврди дека во член 11 од Правилникот се вреднува времето поминат во последната станбена состојба во текот на работниот однос во Музејот со определен број бодови, во зависност од станбената положба и времето поминато во неа. Во член 16 од Правилникот е предвидено работниот стаж да се вреднува еднакво без оглед на тоа во која организација е стекнат. Според оспорениот член 14 од Правилникот работниот придонес, како критериум за утврдување на редот на првенство, се вреднува со определен број бодови според личниот доход на работниците, а со членовите 22 и 23 се вреднува сложеноста на работните задачи, во зависност од степенот на стручната подготовка. Конечно, во член 24 од Правилникот е утврдено дека на работниците-брачни другари, без оглед дали барањето го поднел еден од нив им се зголемуваат бодовите во висина од 20% од вкупниот збор по сите основи.
Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните се еднакви пред Уставот и законот, а согласно член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдуваат со закон и со колективен договор.
Според членовите 42 и 43 од Законот за станбени односи-пречистен текст (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/88) давателот на станот со општ акт ги утврдува условите, начинот и постапката за доделување на станови на користење, како и критериумите за утврдување на редот на првенство за добивање стан на користење.
Врз основа на изнесените уставни и законски одредби, Судот смета дека е право на организацијата со општиот акт да утврди кои околности ќе ги предвиди како релевантни за утврдување редот на првенство за доделување стан на користење. Притоа, Судот смета дека не е повреден принципот на еднаквост ако со општиот акт, во зависност од различните услови, различно се вреднува различната должина на времето поминато во определена станбена состојба, различниот интензитет на станбените потреби на работниците кои се истовремено брачни другари или различниот степен на сложеноста на работните задачи, како специфичен критериум за вреднување на работниот придонес, независно од вкупниот личен доход што се остварува и според други критериуми, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот и со законот.
5. Во однос на наводот во иницијативата дека во Правилникот не се утврдени податоците и доказите што треба да се поднесат при конкурирањето за добивање стан, Судот утврди дека во член 42 од Правилникот е содржана одредба според која во конкурсот се определуваат доказите што се потребни за одлучувањето, но фактичко прашање е кои и колку документи се потребни во секоја конкретна постапка, за што Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
6. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на оспорениот правилник и означениот општествен договор.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.