93/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 26 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 од Одлуката за укинување односно намалување на комерцијалните попусти што им се одобруваат на корисниците на ПТТ услуги во Ценовникот на ПТТ услуги во внатрешниот сообраќај, донесена од Работничкиот совет на претпријатието за ПТТ сообраќај “Македонија” во Скопје, на седницата одржана на 29 мај 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што укинувањето на месечниот бонитет од 120 импулси во рамките на претплатата за користење на ПТТ услуги претставувало остварување на доход на организацијата без труд односно без да се пружат услуги, што не било во согласност со Устав и закон.
3. На седницата Судот утврди дека според член 1 од одлуката се укинува месечниот бонитет од 120 телефонски импулси на телефонските претплатници од 1 категорија. Понатаму, Судот утврди дека оспорената одредба од одлуката е вградена во Ценовникот на ПТТ услуги во внатрешен сообраќај од 1 септември 1990 година.
4. Според член 2 од Законот за системот на општествената контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички, претпријатијата ги формираат цените слободно според условите на пазарот. Според член 3 од овој закон претпријатијата што вршат дејност од областа на ПТТ сообраќајот ги формираат цените врз основа на заеднички критериуми што ги утврдуваат во своите заедници.
Според став 1 на член 2 од Законот за поштенските, телеграфските и телефонските услуги (“Службен лист на СФРЈ” бр.2/86), кој, исто така, според член 5 од Уставниот закон, се применув акако републички, ПТТ услугите се вршат врз основа на договор под условите определени со овој закон и со општите услови за вршење на ПТТ услуги, со кои се уредуваат единствените услови под кој ПТТ организациите ќе вршат одделни видови ПТТ услуги во согласност со закон. Во член 10 од овој закон е пропишано цената за извршена телефонска услуга да се плаќа однапред, ако со договор не е поинаку определено.
Во член 204 од Самоуправната спогодба за Општите услови за вршење на поштенски, телеграфски и телефонски услуги (“Службен лист на СФРЈ” бр.35/88) е предвидено телефонските претплатници, покрај цената за вршење на телефонски услуги, да плаќаат и определен износ на претплата во месечен износ кој се плаќа однапред како надомест за ставање на телефонските средства на располагање на телефонските претплатници, без оглед дали ги користат или не.
Од изнесените законски одредби произлегува дека ПТТ претпријатијата самостојно ги утврдуваат цените на ПТТ услугите врз основа на заеднички критериуми и дека правата и обврските на ПТТ организацијата и корисниците се утврдуваат со Општите услови за вршење на ПТТ услуги, според кои е предвидена можност да се наплатува претплата како надоместок за ставање на располагање на телефонските средства на корисниците. Дали, пак, во рамките на претплатата ПТТ организацијата ќе признава определен број импулси како месечен бонус, Судот смета дека е право на организацијата.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 1 од Одлуката со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.