У.бр.32/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 декември 1991 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 6 став 2 од Деловникот за текот и работата на конститутивната седница на Собранието на Општината Македонски Брод, донесен на 29 јануари 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во службеното гласило на Општината Македонски Брод.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.32/91 од 25 септември 1991 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 6 став 2 од деловникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека во член 6 став 2 од Деловникот е предвидено предлог за избор на претседател на Собранието да даде комисијата за избор и именување од редот на одборниците од политичката партија која има освоено најголем број одборнички места во Собранието на Општината.

5. Според членовите 2 и 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните се основниот носител на суверенитетот на власта што ја остваруваат преку демократски избрани претставници, без оглед на нивното политичко уверување. Ваквата позиција на граѓаните беше утврдена и со точка 1 од Амандман 64 и точка 2 од Амандман 68 на Уставот на Република Македонија.

Според член 2 од Законот за избор и отповикување на пратеници и одборници (“Службен весник на СРМ” бр.28/90) граѓаните со непосредно и тајно гласање избираат одборници во собранијата на општините.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека одборникот својот легитимитет го добива од граѓаните, а не од политичките партии. Затоа, Судот смета дека на одборниците не може да им се ограничува правото на вршење на функции во собранието на општината со оглед на нивната партиска припадност.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 6 став 2 од Деловникот е предвидено претседателот на Собранието на Општината да се предлага само од редот на одборниците на политичката партија која освоила најголем број одборнички места, одборниците се доведуваат во нерамноправна положба според нивната партиска припадност, а со тоа, Судот смета дека се доведува во прашање и уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните во остварувањето на власта.

6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член од Деловникот не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.