Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 27 ноември 1991 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на највисокото ниво на цените на комуналните услуги и цената на водата за пиење, донесена од Работничкиот совет на Јавното комунално претпријатие “Стандард” во Дебар на 28 септември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што цената на водата што ја плаќаат граѓаните и работните организации е иста, а водоводот е изграден со средства од самопридонесот и учество на Републиката, што било во спротивност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се предвидени цените за користењед на вода од градскиот водовод на единствен начин за сите корисници независно од нивното учество во изградбата на водоводот.
4. Според член 2 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, организациите на здружениот труд, претпријатијата и другите правни лица ги формираат цените слободно според условите на пазарот.
Од изнесеното произлегува дека е право на претпријатието самостојно да ги утврдува цените на своите производи и услуги, како еден од основите за стекнување на доходот, имајќи ги притоа предвид сите фактори на производството и работењето на претпријатието и дејствувањето на законитостите на пазарот.
Притоа, фактот што одделни корисници преку самопридонес учествувале во изградбата на водоводот може да има влијание на материјалните трошоци кој учествуваат во формирањето на цената на водата за пиење, но тоа е фактичко прашање за кое Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означената законска одредба, и одлучи како во точката 1 од ова решение.