Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2017 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 98 став 5 алинеја 6 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов и Народниот правобранител со Решение У.бр.121/2015 од 1 декември 2016 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 98 став 5 алинеја 6 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016).
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 98 став 5 алинеја 6 од Законот за административни службеници, на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако наврши 62, 63, 64 или 65 години старост (за жени), односно 64, 65, 66 или 67 години старост (за мажи).
5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1).Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).
Условите за стекнување на старосна пензија се уредени со членот 18 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014 ,160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015,173/2015 и 217/2015), според кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Прашањата во врска со работниот однос се уредуваат со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015). Во член 3 став (1) од овој закон е пропишано дека овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено. Наведената одредба значи дека во врска со прашањата од работен однос на административните службеници, а кои не се уредени со Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“, бр.27/2014, 199/2014, 48/2015 и 154/2015), се применуваат одредбите од Законот за работните односи. Истото ова е уредено и со член 4 став (5) од Законот за административни службеници кој пак пропишува дека за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.
Во член 104 став (1) од Законот за работните односи е пропишано дека работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж. Оваа одредба е во корелација со член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015 и 173/2015), кој пропишува дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Притоа, согласно член 126 став (1) од истиот закон е пропишано дека постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување се поведува по барање на осигуреникот, односно на корисникот на пензија, а за остварувањето на право на семејна пензија и други права на членовите на семејството на осигуреникот, односно на корисникот на пензија по барање на членот на семејството. Членот 104 став (1) од Законот за работните односи значи дека во секој случај кога работникот ќе наполни 64 години старост и најмалку 15 години работен стаж, кумулативно, работодавачот може по сила на закон да му го прекине работниот однос, со тоа што на работникот му е загарантирано правото да поднесе барање за остварување на право на старосна пензија согласно член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Членот 18 пак од Законот за пензиското и инвалидското осигурување дава можност жена и со наполнети 62 години старост и 15 години стаж да оствари право на старосна пензија, со тоа што во таков случај со оглед на фактот што не му е дадена законска можност со член 104 став (1) од Законот за работни односи, работодавецот сам по сила на закон да го раскине работниот однос, потребно е вработената сама да поднесе барање за раскинување на работниот однос. Согласно претходно наведеното, до навршување на 64 години старост и 15 години стаж, без оглед на тоа дали се работи за маж или жена не е потребна никаква изјава за продолжување на работниот однос, затоа што се исполнети законските услови за да може истиот да биде раскинат.
Со член 104 ставови (2), (3) и (4) е пропишана можноста работникот маж да може да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст, а работничката жена да може да побара продолжување на таквиот договор до 65 години возраст, при што работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување до периодот што го бара работникот маж или работничката жена, без можност да излезе надвор од утврдената законска рамка. Но, Уставниот суд со Одлуката У.бр.114/2014 од 29 јуни 2016 година, го укина член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи.
Оспорениот член 98 став 5 алинеја 6 од Законот за административни службеници е поместен во глава XV, со наслов: „Престанок на работниот однос на административните службеници“, со поднаслов: „Видови на престанок на работен однос“.
Според член 98 став 1 алинеја 5 од Законот, на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон ако наврши 62, 63, 64 или 65 години старост (за жена), односно 64, 65, 66 или 67 години старост (за мажи).
Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби, но и Одлуката на Уставниот суд У.бр.114/2014, Судот оцени дека уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос и засновање и престанок на работен однос, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи.
Според Судот, оспорената одредба на членот 98 став 5 алинеја 6 од Законот, не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, предвидувањето со оспорената одредба на административните службеници да им престане работниот однос на различна возраст во зависност од полот на административните службеници, значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол, секогаш кога условите за престанок на работниот однос по сила на закон и утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е овој случај. Оспорената одредба од Законот е императивна и им наметнува престанок на работниот однос на жените под различни услови од мажите, односно со навршени 62, 63, 64 или 65 години живот, во однос на 64, 65, 66 и 67 години живот за мажи. Но, во согласност со ставот на Судот изразен во Одлуката У.бр.114/2014 од 29 јуни 2016 година, друго прашање е правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Конкретно, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос односно остварување на правото на работа, кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.
Од анализата на содржината на оспорената одредба, исто така, неспорно произлегува дека истата е нејасна и непрецизна, со тоа и неприменлива, од причини што со наведувањето на различниот број на години на старост како услов за престанок на работниот однос и кај мажите ( 64, 65, 66 и 67) и кај жените (62, 63, 64 и 65) и тоа по сила на закон, со што се доведува во прашање една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, предвидено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Оспорената одредба е спротивна од начелото на владеењето на правото бидејќи е нејасна, непрецизна и неконзистентна, што доведува до правна несигурност кај граѓаните. Ова од причина што уредувањето на правото на престанок на работниот однос е регулирано во Законот за работните односи, кој пак, во своите одредби упатува на примена на посебен закон, во случајов -Законот за административни службеници, а кој повторно во уредувањето на прашањето за престанок на работниот однос се повикува и упатува на примена на Законот за работните односи. Токму заради ваквата законска неконзистентност, според Судот, оспорената одредба од Законот за административни службеници е во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Тргнувајќи од изнесената уставно-судска анализа, но и од веќе изнесениот став на Уставниот суд со Одлуката У.бр.114/2014, Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со начелото на еднаквост на граѓаните независно од полот и начелото на достапност на секое работно место секому под еднакви услови, со што се повредува членот 9 и член 32 став 5 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски, и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.121/2015
1 февруари 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски