Меѓународни признанија за Уставниот суд: Благодарници од Турција, Австрија и Азербејџан за  организирање на 4. Годишен состанок на BCCF во Охрид



До претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, пристигнаа писма со благодарност од претседателите на уставните судови на Турција, Австрија,  Азербејџан, од Врховниот суд на Арапската република Египет по одржувањето на 4. годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови (BCCF), организиран од 12 до 14 ноември 2026 година во Охрид.

Во писмата се изразува благодарност за укажаното гостопримство, високото ниво на организација и вниманието посветено на учесниците на меѓународниот настан.

Особено се истакнуваат квалитетот на стручната програма и значењето на меѓународната конференција, која овозможи размена на искуства и ставови за современите предизвици пред уставното судство, довербата на граѓаните во уставните судови, ефективноста на нивните одлуки и влијанието на дигиталната ера врз заштитата на човековите права.

Во доставеното писмо посебно е нагласено и усвојувањето на Охридската декларација како значаен резултат од годишниот состанок и важен чекор кон продлабочување на регионалната соработка и судскиот дијалог.

Упатените благодарности претставуваат признание за организациските напори на Уставниот суд на Република Северна Македонија и придонесот на институцијата во унапредувањето на меѓународната уставносудска соработка.

Претседателот на Уставниот суд на Австрија, проф. д-р Кристоф Грабенвартер, во своето писмо до претседателот д-р Дарко Костадиновски, изразува задоволство од остварената средба и можноста за размена на ставови за заедничките предизвици пред уставните судови. Тој ја оценува конференцијата во Охрид како одлична можност за продлабочување на меѓусебното разбирање на состојбите и специфичните околности во кои функционираат уставните судови од регионот, нагласувајќи дека пред нив претстојат сложени задачи. 

„Средбата со Вас и Вашите колеги од Уставниот суд на Северна Македонија ми претставуваше особено задоволство. Беше многу корисно да ги размениме нашите гледишта за предизвиците со кои се соочуваат нашите судови. Конференцијата на Форумот на балканските уставни судови во Охрид беше одлична можност за стекнување подлабок увид во состојбите и конкретните околности во кои работат судовите учесници, при што стана јасно дека пред сите нас претстојат сложени задачи, пишува Грабенвартер во писмото. 

Претседателот на Уставниот суд на Република Турција, Кадир Озкаја, во своето писмо упатува благодарност до претседателот д-р Дарко Костадиновски за неговиот личен придонес и за работата на Уставниот суд на Република Северна Македонија за време на претседавањето со Форумот на балканските уставни судови. Тој го издвојува усвојувањето на Охридската декларација како значаен резултат од состанокот, оценувајќи дека документот ја потврдува заедничката определба за владеење на правото и заштита на основните права и слободи и ќе придонесе за натамошно зајакнување на регионалната соработка и судскиот дијалог. Во писмото посебно се истакнуваат и богатото културно наследство на Охрид, природните убавини и внимателно организираната придружна програма, која овозможила продлабочување на професионалните и пријателските врски меѓу учесниците.

„Усвојувањето на Охридската декларација, како значаен резултат од состанокот, претставуваше конкретен израз на нашата заедничка решеност да го поддржуваме владеењето на правото и да ги заштитуваме основните права и слободи. Уверен сум дека Декларацијата ќе придонесе за унапредување на соработката во рамките на Форумот и за натамошно зајакнување на судскиот дијалог во регионот.

Исто така, би сакал да изразам благодарност за работата што Вашиот суд ја реализираше за време на своето претседавање со Форумот, како и за Вашиот личен значаен придонес во институционалниот развој на Форумот.

Особено нè радува што програмата ни овозможи да се запознаеме со богатата историја и културното наследство на Охрид и да уживаме во неговата извонредна природна убавина. Внимателно организираните културни и општествени активности ни овозможија да размениме мислења со нашите колеги во срдечна атмосфера и да ги зацврстиме пријателските врски меѓу нас, пишува претседателот на Уставниот суд на Турција. 

Претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фахми Искандар, во своето писмо изразува особено висока оценка за темелните подготовки, богатата научна програма и културните содржини со кои беше претставено македонското културно наследство. Тој го истакнува значењето на Форумот како платформа за размена на судиски искуства и зајакнување на институционалната соработка, изразувајќи уверување дека Охридската декларација ќе има значаен придонес во зацврстувањето на владеењето на правото и зголемувањето на довербата во уставната правда во дигиталната ера.

“Бевме длабоко импресионирани од темелните подготовки, богатата и содржајна научна програма посветена на „Современите предизвици за владеењето на правото“, како и од извонредните културни доживувања, преку кои беа претставени убавината и наследството на вашата прекрасна земја. Овој значаен собир обезбеди единствена и вредна платформа за плоден дијалог, меѓусебна размена на судиски искуства и зајакнување на институционалните врски меѓу уставносудските институции. Убедени сме дека резултатите од овој Форум, а особено Охридската декларација, значително ќе придонесат за зацврстување на владеењето на правото и зголемување на довербата на јавноста во уставната правда во дигиталната ера, истакнува во писмото претседателот Искандар.

„Годишниот состанок и конференцијата, одржани на тема „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“, претставуваа значајна можност за размена на стручни мислења и конструктивен дијалог за важни прашања, како што се јакнењето на довербата на јавноста во уставните судови и улогата на уставните судови во дигиталната ера. Настанот придонесе и за зајакнување на соработката и меѓусебното разбирање меѓу уставните судови од различни земји, пишува претседателот на Уставниот суд на Азербејџан, д-р Фарад Абдулаев. 

Со одржувањето на Форумот во Охрид, Уставниот суд го заокружи своето претседавање со BCCF, а претседавањето за 2027 година му беше предадено на Уставниот суд на Црна Гора.