На 27 ноември(петок), 2026 година, со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 27. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира за дванаесет иницијативи со кои се бара испитување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободите и правата, еден предмет во кој ќе се дискутира за оценување на уставност на програма и статут и за еден предмет ќе се одлучува по Нацрт-одлука.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.150/2025
Оспорени одредби:
Член 50 став 5 во делот „со подзаконски акт на Академијата“, член 60 став 3 во делот „го губи статусот кандидат“ и член 60 став 4 во делот „утврдена пресметка“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 129/2023 и 53/2024).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените делови се недоволно прецизни и јасни во примената и тоа може да доведе до арбитрерно постапување и создавање неизвесни состојби, што според него е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
2. Реферат У.бр.152/2025
Оспорени одредби: Член 33-д став 5 алинеја 1 во делот „за отуѓување“ од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.59/2025 и 154/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со Законот се дозволува можност на потенцијалниот инвеститор да стекне сопственост над земјиште кое е во приватна сопственост, врз основа на дозволено правно дело, но можност потенцијалниот инвеститор да стекне сопственост над државно земјиште не е дозволена. Сепак, подносителот тврди дека оспорениот дел е премногу општ и не се прави разлика меѓу земјиштето кое е во државна и она кое е во приватна сопственост, што може да доведе до нарушување на правната сигурност и повреда на владеењето на правото.
3. Реферат У.бр.201/2025
Оспорени одредби: Член 26 став 1 алинеја 6 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 194/2024).
Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со членот 26 се уредува прекинувањето на одобрената секундарна правна помош, а со оспорената одредба таа надлежност му е дадена на Министерството кое треба да го донесе решението за прекин на правната помош. Подносителот тврди дека му е дадена надлежност на Министерството на извршен орган, еднострано и без консултација да ја прекине веќе одобрената секундарна правна помош врз основа на проценка дека трошоците се несразмерно повисоки во споредба со вредноста на спорот. Се тврди дека не станува збор за формален услов како промена на имотната состојба, туку за дискрециона проценка на целисходност и исплатливост на судската заштита.
4. Реферат У.бр.32/2026
Оспорени одредби: член 124 ставови 8, 11 и 12 од Законот за електронските комуникации (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 135/2025 и 269/2025).
Подносител на иницијативата: Адвокатка Александра Илиева-Милчова
Од наводите во иницијативата:
Подносителката смета дека наведените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот, односно со уставните гаранции за владеење на правото, правната сигурност, слобода на пазарот и претприемништвото и забраната на монополска положба и монополско однесување на пазарот.
Според наведеното во иницијативата, со донесувањето на оспорените одредби, Собранието им овозможило на операторите еднострано да ги менуваат условите на веќе склучени договори, при што улогата на крајниот корисник се сведува на можност да го раскине договорот доколку не се согласува со измените.
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби се нејасни и непрецизни, бидејќи не уредуваат дали измените на договорот стапуваат во сила автоматски по истекот на рокот од 30 дена, дали е потребно склучување анекс на договорот, ниту на кој конкретен начин треба да биде извршено известувањето на корисникот. Подносителката укажува дека не е јасно дали известувањето треба да биде лично доставено, испратено по пошта, преку друг надлежен орган, јавно објавено или доставено на друг начин, што според неа создава правна несигурност и можност за арбитрарна примена.
5. Реферат У.бр.85/2026, У.бр.86/2026 и У.бр.87/2026
Подносител на иницијативите: Оливре Давидовски
У.бр.85/2026
Оспорена одредба:
Член 11 став 1 во делот „судска“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021 и 111/2026).
У.бр.86/2026
Оспорена одредба:
Член 10 став 5 во делот „судска, арбитражна“ и став 6 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021 и 111/2026).
У.бр.87/2026
Оспорена одредба:
Член 41 став 2 во делот „врз основа на претходна согласност од Министерството“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021 и 111/2026).
Од наводите во иницијативите:
Подносителот наведува дека законодавецот со осорениот дел од одредбата вовел апсолутна забрана за користење на одредена категорија факти, изјави и документи во судска постапка, без да предвиди исклучоци или можност за судска проценка на нивната релевантност. Според него, се создава правна норма која е нејасна, непрецизна и непредвидлива, бидејќи не утврдува граници, услови и критериуми за нејзината примена.
Во иницијативата се наведува дека таа забрана директно влијае врз можноста судот да ја утврди фактичката состојба, бидејќи го принудува да игнорира потенцијално релевантни факти и докази. Подносителот укажува дека со оспореното решение се дава апсолутна предност на доверливоста на медијацијата, без да се изврши балансирање со потребата од утврдување на вистината и обезбедување правична судска постапка. Притоа, се нагласува дека не се предвидени механизми за проценка дали во конкретен случај заштитата на доверливоста е оправдана.
6. Реферат У.бр.62/2026
Оспорен член: член 63-а став 1 во делот „опомена“ од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, 187/2013, 43/2014, 129/2015, 39/2016, 71/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021 и 199/2023).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XX од Уставот бидејќи за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања според Амандманот XX од Уставот.
Со оспорениот член 63-а став 1 од Законот во делот „опомена“ се дозволува на лице кое е овластено да врши надзор над примената на одредбите на Законот да изрекува прекршочна санкција иако тоа лице не ја претставувало Комисијата формирана во рамките на прекршочниот орган или надлежен суд.
Се наведува дека инспекторот може да биде дел од учесниците во постапката, но не може да ја води прекршочната постапка односно да биде прекршочен орган, ниту самостојно да изрекува мерка „опомена“ бидејќи е спротивно на одредбите од Законот за прекршоци.
7. Реферат У.бр.95/2026
Оспорени одредби:
Член 11 став 1, став 7 во делот „со свое мислење“ и став 8 во делот „им се доставува писмено известување, со копија од решението за именување“ од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот, со оспорените одредби се повредуваат владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, начелото на законитост од член 51 од Уставот, како и правото на судска заштита од член 50 од Уставот.
Подносителот тврди дека во овој случај, со иницијативата не укажува на постоење на правна празнина, туку, напротив, тврди дека оспорените одредби, иако формално уредуваат „постапка на именување“, не воспоставуваат правни мерила за избор помеѓу кандидатите кои ги исполнуваат законските услови. Според него, ваквото законско решение овозможува одлучување без објективни и проверливи критериуми, поради што нормата станува нејасна, непредвидлива и подложна на арбитрарност.
8. Реферат У.бр.145/2025
Оспорен акт:
– Член 209 став 2 делот „приватно-јавна„ од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија„ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија„ бр.154/2019, 76/2020, 178/2021, 58/2024 и 124/2025).
Содржина на оспорениот акт:
Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, основан согласно досегашните прописи за високото образование, продолжува со работа како приватно-јавна високообразовна установа.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од член 29 став 2 од Законот за високото образование, со кој е предвидено Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово да продолжи со работа како приватно-јавна високообразовна установа, не е во согласност со Уставот.
Подносителот тврди дека согласно член 2 точка 22 од Законот за високото образование, приватно-јавна непрофитна високообразовна установа е високообразовна установа основана од непрофитна фондација со јавни средства и од странски и домашни извори, која остварува јавен интерес, при што средствата стекнати од нејзиното работење се користат исклучиво за вршење на високообразовна дејност и установата не се основа за распределба на профит.
9. Реферат У.бр.156/2026
Оспорен член: член 29 став 4 од Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2023 и 37/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот се повикува на член 28 став 8 и член 29 став 3 од истиот закон, од кои, според него, произлегува дека Комисијата која го спроведува испитот за финансиски инспектор е составена од лица вработени во Министерството за финансии, како и дека издавањето на потврдата за успешно завршена обука претставува управна функција на Министерството. Врз основа на ова, изнесува став дека членовите на Комисијата, покрај платата, не можат да примаат и посебен паричен надоместок за вршење работи кои, според подносителот, се во рамките на надлежностите на органот во кој се вработени.
10. Реферат У.бр.86/2024
Оспорена одредба:
Член 38 од Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно стручни, научни, наставни и соработнички звања на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола донесен на 164-тата седница на Универзитетскиот сенат на 21.09.2018 година (Билтен бр. 446 на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола 03.10.2018).
Подносител на иницијативата: Проф.д-р Виолета Маневска
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со членот 38 од Правилникот на ректорот му е дадена можноста да прави дискриминација помеѓу учесниците во постапката по поднесен приговор.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член се предвидува дека во случај ректорот да донесе решение за необјавување на приговорот, тогаш на учесникот му се загрозува правото на приговор, бидејќи самото објавување претставува услов за понатамошно развивање на постапката, односно со денот на неговото објавување тече рок во кој треба да се постапи по истиот. Тоа значи дека со необјавување на приговорот се попречува постапката за постапување по истиот.
Исто така, во иницијативата се наведува дека со оспорениот член се излегува надвор од предвидените права и обврски на ректорот со Законот за високото образование, со што универзитетот самоволно и надвор од предвиденото во закон определува овластување за ректорот да може да одлучи за необјавување на приговорот.
11. Реферат УЗ.бр.58/2026
Оспорени одредби: член 4 став 1 алинеја 7¹ од Правилникот за начинот на остварување на правото на парична помош на родител кој има дете со попреченост, образецот на барањето и потребната документација за остварување на ова право („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.109/2019, 258/2022 и 231/2023).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба, како дел од потребната документација за остварување на правото на траен надоместок на родител, е предвидена потврда од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија дека родителот, по наполнувањето на 60 години живот за жена, односно 62 години живот за маж, не користи право на пензија.
Подносителот тврди дека Правилникот е донесен врз основа на член 60 став 5 од Законот за социјалната заштита, а дека Уставниот суд, со Решението У.бр.47/2026 од 8 јули 2026 година, повел постапка за оценување на уставноста на делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од член 60 став 2 од истиот закон.
12. Реферат УЗ.бр.86/2025
Оспорени одредби: член 6 став 7 и став 8 во делот „како и даде податоци за остварени нето приходи кои не се во согласност со податоците добиени од Управата за јавни приходи или од други извори“ од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија бр.18/2015, 64/2015, 96/2015, 125/2015, 191/2015, 187/2016, 146/2018, 44/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.198/2019, 63/2020, 202/2020, 303/2020, 217/2021, 179/2023, 277/2023, 57/2024, 71/2024, 251/2024 и 56/2026).
Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Според наводите, со оспорените делови од Правилникот како подзаконски акт се предвидува престанок на својството на осигурено лице и губење на правата врз основа на критериумите во оспорените одредби, кои не се предвидени со одредбите на Законот за здравствено осигурување. Подносителот тврди дека на тој начин се врши неовластено проширување на материјалните критериуми кои ги дефинирал член 52-а од овој Закон, од кои произлегувало дека единствен законски основ за губење на правото кај оваа категорија лица е фактичко работно ангажирање или вршење дејност спротивно на закон. Наведено е дека Правилникот го проширува овој основ и на приходна состојба, што претставува нов правен режим, непредвиден со закон. Губењето на својството на осигурено лице и престанок на правата од задолжителното здравствено осигурување според наводите во иницијативата, претставуваат ограничување на уставно заштитено социјално право.
II БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
- БЗСП.бр2/2026
Предмет на барањето:
Заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на национална и социјална припадност.
Подносител на барањето: Ненад Петров од Штип
Наводи во барањето:
Ненад Петров од Штип до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на национална и социјална припадност. Бараната заштита ја поврзува со постапувањето на Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Основниот суд Штип и Апелациониот суд Штип во врска со управувањето и одземањето патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки и со прекршочните пресуди донесени против него.
- БЗСП.бр8/2026
Предмет на барањето:
Бранко Кузмановски бара бара поништување на Решение на Основниот суд Виница од 17.02.2022 година, Решението на Апелациониот суд Штип од 18.04.2022 година и Пресудата на Врховниот суд од 18.02.2026 година, повикувајќи се на правото на заштита од дискриминација по основ на социјална припадност.
Наводи во барањето:
Според подносителот, повредата произлегува од тоа што трите суда одбиле приговор за стварна ненадлежност на Основниот суд Виница, со што овозможиле против него да се води кривична постапка пред суд кој, според неговото мислење, не бил стварно надлежен.
Подносителот наведува дека согласно член 32 став 1 алинеја 4 од Законот за судовите, за кривичното дело од член 368-а од Кривичниот законик стварно надлежен бил Основниот кривичен суд Скопје, односно специјализираното судско одделение, а не Основниот суд Виница. Според него, пониските судови и Врховниот суд погрешно го примениле Законот за јавното обвинителство наместо Законот за судовите, при што своите одлуки ги засновале врз претпоставка дека Законот за судовите не бил усогласен со измените на Кривичниот законик, наместо врз важечките законски одредби.
III ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ НА ПРОГРАМА И СТАТУТ
- УПСПЗГ.бр.1/2025
Оспорени одредби:
Член 33 став 2 во делот „Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието“, член 34 став 1, член 35 и член 63 од Статутот на Здружението ловечко друштво „Церн камен 2010 Вевчани“, донесен на 21.12.2014 година.
Подносител на иницијатива: Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зекири + партнер ДОО Скопје, претставувано од управителот, Арлинд Зекири.
Наводи во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се спротивни со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, како и со член 4 став 1, член 19 став 2, член 21, член 22 став 1 и член 24 ставови 3 и 4 од Законот за здруженија и фондации.
Во иницијативата се тврди дека делот „Додека Дисциплинскиот суд е орган на Собранието“ содржан во член 33 став 2 од Статутот, се наведува дека е контрадикторен со ставот 1 од истиот член каде е определено дека органи на Ловечкото друштво се собрание, управен одбор, надзорен одбор и дисциплински суд. Се наведува дека ваквото уредување е спротивно и на член 22 став 1 од Законот за здруженија и фондации, со којшто е уредено дека Собранието е највисок орган на здружението којшто го сочинуваат сите членови. Подносителот изведува заклучок дека дисциплинскиот суд не може истовремено да биде посебен орган на здружението, а исто така и составен орган на друг орган на здружението, во конкретниот случај на Собранието, коешто претставува највисок орган на Здружението во кое членуваат сите членови.
III ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА
- УЗ.бр.51/2025
На 08 април 2026 година, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 78-љ од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998, 49/2003, 82/2005, 24/2007, 116/2010, 47/2011, 51/2011, 136/2012, 23/2013, 187/2013, 44/2014, 61/2015, 154/2015, 39/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.265/2024 и 132/2025) и на уставноста и законитоста на Колективниот договор за културата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.10/2020 и 21/2020-исправка).
https://ustavensud.mk/2026/04/%d1%83%d0%b7-%d0%b1%d1%80-51-2025/
