Во пресрет на 4.Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови што ќе се одржи во Охрид на 13 ноември, на 12 ноември 2026 година, во билатерална посета на Уставниот суд на Република Македонија престојуваше претседателот на Уставниот суд на Австрија, проф. д-р Кристоф Грабенвартер и шефицата на кабинетот на Претседателот г-ѓа Мариане Брукмулер. Претседателот д-р Грабенвартер беше примен од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија д-р Дарко Костадиновски и судиите м-р Татјана Васиќ Бозаџиева, д-р Ана Павловска Данева, м-р Мери Дика Георгиевска, Насер Ајдари и м-р Фатмир Скендер. На средбата присуствуваше и Татјана Јањиќ Тодорова советник на Уставниот суд за меѓународни правни односи и соработка и советникот на Судот Мартин Трајановски.
Во фокусот на разговорите што се одвиваа во пријателска и отворена атмосфера беа сериозните предизвици со коишто се соочуваат европските уставни судови во одбрана на уставните вредности на владеењето на правото и особено нивната независност и самостојност која е под закана и во неколку европски земји. Стана збор и за начините на коишто уставните судови на Австрија и Република Северна Македонија комуницираат со јавноста и граѓаните со една еднствена цел преку транспарентност во работата на судовите да се зголеми довербата на јавноста во уставните судови, да се овозможи подобро разбирање на нивната положба и улога во системот и особено на нивните одлуки кои имаат значајни последици по општеството. Од страна на претседателот на Уставниот суд на Австрија беше нагласена отвореноста на австрискиот Уставен суд кон граѓаните и јавноста, преку присуство на Судот во медиумите и на социјалните мрежи и особено за иницијативите насочени кон младите со цел нивно запознавање, од најмлада возраст, со човековите слободи и права и и важноста на негувањето на демократските вредности.

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија д-р Дарко Костадиновски го сподели искуството на Уставниот суд со преносот во живо на седниците на Судот кое се имплементира од март 2026.
На средбата беше допрена и темата на вештачката интелигенција во врска со која беше истакната важноста судското одлучување да остане и понатаму производ на човечките квалификации и стручност и на хуманата, а не вештачката интелигенција.
Заеднички беше заклучокот дека е потребно да се зајакне меѓународната соработка на судовите и меѓусебната подршка со оглед на тоа што се соочуваат со исти предизвици во остварувањето на нивната основна функција, заштита на демократијата, владеењето на правото и човековите слободи и права. Во тој контекст беше поздравен и судскиот дијалог што уставните судови од балканските земји го остваруваат во рамките на Балканскиот форум на уставни судови и преку кој се остварува соработка и размена на знаења, искуства и најдобри практики.
Проф. д-р Кристоф Грабенвартер ќе учествува како почесен гостин воведничар на 4. Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови што ќе се одржи во Охрид на 13 ноември 2026 година, со излагање на тема: „Значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови“.

