
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.149/2025
Скопје, 23.09.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 23 септември 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 112 став 1 алинеја 5 и алинеја 6 во делот „делумно“ од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2013, 41/2014, 101/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019, 71/2020, 155/2024 и 212/2026).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата и делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според наводите, алинеја 5 на став 1 од член 112 од Законот, не е прецизна поради тоа што предвидува правна последица одземање на овластувањето на овластен геодет и истата е нејасна во однос на тоа дали станува збор за мерка забрана за вршење професија, дејност или должност за дело сторено во врска со вршење на овластувањето како овластен геодет или за друго дело за кое овластениот геодет е огласен за виновен.
Исто така, се наведува дека начелото на владеењето на правото во себе ја содржи правната сигурност дека во правниот промет е потребно да постојат доволно јасни и прецизни норми коишто нема да дозволат истите да се применуваат на арбитрарен начин бидејќи во таков случај може да дојде до тоа истите да се применуваат на различни начини што не би требало да биде дозволено.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од член 112 став 1 алинеја 5 од Законот, не е доволно јасна и прецизна и со тоа се остава можност, арбитрарно да се постапува и применува со што се нарушува правната сигурност на граѓаните и начелото на владеење на правото. Во правниот промет потребно е да постојат јасни и прецизни норми коишто нема да дозволат истите да се применуваат на различни начини.
Понатаму, се наведува дека во Законот за катастар на недвижности, како и во предлог-законот не постојат доволно образложени причини што има за последица одземање на овластувањето на овластениот геодет при делумно одземање на деловната способност.
Исто така, ваквото нормирање на оспорениот член 112 став 1 алинеја 6 во делот „делумно“ од Законот, доколку делумно му биде одземена деловната способност не само на овластениот геодет туку и на друго лице, тоа не подразбира дека е потребно да се ограничуваат или одземаат сите права коишто ги има.
Поради ваквата формулација на одредбите коишто според наводите се нејасни и непрецизни, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека член 112 став 1 алинеја 5 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2013, 41/2014, 101/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019, 71/2020, 155/2024 и 212/2026), предвидува дека овластувањето за овластен геодет се одзема, ако му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност и според став 6 ако овластениот геодет делумно ја изгуби деловната способност.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 110 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 1 од Законот, предмет на уредување на овој закон е управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, одржувањето на катастарот на недвижности, востановувањето и одржувањето на катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, основните геодетски работи, геодетските работи за посебни намени, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижности, премерот и одржувањето на државната граница на Република Македонија, топографските карти, масовната процена на недвижностите, воспоставувањето и управувањето со Графичкиот регистар за градежно земјиште, водењето на Регистарот за просторни единици, водење на Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, надзорот на работењето на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, како и статусот, организацијата, работењето и надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности.
Со член 2 точка 17 од истиот закон е пропишано дека „овластен геодет“ е физичко лице кое се стекнало со овластување за вршење на геодетски работи согласно со овој закон.
Во Законот за катастар на недвижности со наслов „Одземање на овластување за овластен геодет во случај на изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност и делумно губење на деловната способност“, е содржан член 114 кој предвидува дека Агенцијата во случајот од члеn 112 став 1 алинеи 5 и 6 од овој закон го одзема овластувањето за овластен геодет, со право по истекот на времето за кое е изречена мерката забрана за вршење професија, дејност или должност, односно по престанок на причините за делумно губење на деловната способност, да побара враќање на овластувањето што го докажува со доставување на соодветен акт од надлежниот орган кој ја изрекол мерката.
Член 112 став 1 од Законот има 12 алинеи кои укажуваат на случаите кога овластувањето за овластен геодет се одзема и тоа: ако овластениот геодет во извршувањето на геодетските работи не постапува согласно со овој закон и прописите донесени врз основа на него, како и согласно со правилата и стандардите на геодетската струка; геодетските елаборати изготвени во писмена форма своерачно не ги потпишува; геодетските елаборати изготвени во електронска форма не ги потпишува со валиден сертификат издаден од овластен издавач; не ги користи податоците од катастарот на недвижностите и не ги користи само за намената за која се издадени; му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност; овластениот геодет делумно ја изгуби деловната способност; овластениот геодет во рокот определен во членот 109 став 3 од овој закон не поднесе барање за продолжување на овластувањето за овластен геодет, или доколку барањето за продолжување на овластувањето му биде одбиено; изготвува геодетски елаборати без претходно извршен премер и увид на недвижностите на самото место; не посетува континуирана обука од областа на геодетските работи; овластениот геодет во рокот определен во член 109-а став 5 од овој закон не поднесе барање за престанок на мирувањето на овластувањето за овластен геодет или доколку барањето за престанок на мирувањето му биде одбиено; овластениот геодет кој не е вработен кај трговец поединец овластен геодет; односно кај трговско друштво за геодетски работи се утврди дека извршува геодетски работи за трговците поединци овластени геодети, односно за трговските друштва за геодетски работи и ако се утврди дека при стекнувањето на овластувањето не ги исполнувал условите по однос на видот и степенот на образование, државјанство и работно искуство, пропишани со закон.
Во ставот 2 од истиот член е наведено дека овластувањето за овластен геодет од ставот 1 на овој член го одзема Агенцијата со решение. Според став 3 од овој член, Решението од ставот 2 на овој член е конечно и извршно, а против истото дозволена е тужба пред управен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.
Во ставовите 4 и 5 од истиот член се наведува дека одземањето на овластувањето се запишува во Именикот на овластени геодети и Агенцијата е должна за промената во Именикот од ставот 4 на овој член веднаш да ја извести Комората.
IV
Од наведените законски одредби, јасно произлегува дека уредувајќи ги прашањата за вршењето на геодетските работи, законодавецот ѝ доделил јавни овластувања на Агенцијата со решение да ги одзема овластувањето за овластен геодет.
Во член 114 од Законот за катастар на недвижности јасно е наведено дека Агенцијата во случајот од член 112 став 1 алинеи 5 и 6 од овој закон го одзема овластувањето за овластен геодет, со право по истекот на времето за кое е изречена мерката забрана за вршење професија, дејност или должност, односно по престанок на причините за делумно губење на деловната способност, да побара враќање на овластувањето што го докажува со доставување на соодветен акт од надлежниот орган кој ја изрекол мерката.
Во однос на наводите во иницијативата дека алинеја 5 на член 112 став 1 од Законот не е доволна јасна и прецизна и со тоа се остава можност арбитрарно да се применува одредбата, а со тоа се повредува принципот на правнa сигурност како составен дел на владеењето на правото, според Судот се неосновани.
Ова од причина што подносителот не го зел предвид член 114 од Законот којшто појаснува дека тој што го изгубил овластувањето за овластен геодет може да побара враќање на овластувањето доколку достави соодветен акт од надлежен орган којшто ја изрекол мерката. Во овој случај станува збор за надворешна санкција којашто се изрекува во кривична или прекршочна постапка кога е утврдено дека лицето со своето однесување не е подобно да ја врши професијата.
Правното дејство на оспорената алинеја е во тоа што катастарот нема дискреционо право, туку е должен да ја спроведе правосилната одлука во која е содржана одредена мерка, да ја примени мерката и да му го одземе овластувањето за овластен геодет и на овој начин се обезбедува заштита на јавниот интерес и довербата во катастарскиот систем.
Во однос на наводот дека делот „делумно“ на алинеја 6 на член 112 од Законот е нејасен и непрецизен и овозможува различно толкување при примената, Судот оцени дека е неоснован. Ова оттаму што тоа е норма со јасно формулирана содржина, од која јасно произлегува значењето на употребениот израз во Законот и е јасна во поглед на содржаниот оспорен дел. Ова од причина што ако овластениот геодет делумно ја изгуби деловната способност тоа се заснова на лична правна неспособност, ова не е санкција туку правна пречка поврзана со личниот статус на овластен геодет и неговата способност да може да презема правни дејствија која има превентивен карактер, а не казнен карактер како што е предвидено во алинеја 5 од истиот член и закон.
Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот утврди дека член 112 став 1 алинеја 5 и алинеја 6 во делот „делумно“ од Законот, јасно укажуваат дека овластувањето на овластениот геодет му се одзема кога ќе настанат законски утврдени причини во случај кога му е изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност или ако делумно му е одземена деловната способност.
Исто така, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата и во тој дел дека оспорените одредби од член 112 од Законот се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што оспорената алинеја 5 од Законот претставува уставно оправдано одземање на овластувањето за овластен геодет поради изречена санкција од надлежен орган и има за цел да спречи вршење на професија од лица кои биле санкционирани за повреда на правниот поредок, а ограничувањето во оспорениот дел од алинеја 6 од истиот член на Законот е легитимно и пропорционално на целта да се обезбеди стручност, правна сигурност и заштита на имотните права во правниот промет со недвижности.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од член 112 став 1 алинеја 5 и алинеја 6 во делот „делумно“ од Законот за катастар на недвижности, се во функција на темелната вредност владеење на правото поради фактот што спречуваат вршење на дејност од страна на лица кои не ги исполнуваат условите за вршење на професијата овластен геодет, поради што се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски