УЗ.бр.66/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.66/2025
Скопје, 07.10.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 7 октомври 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот од точка 103 од Записникот од шестата седница на Владата на Република Северна Македoнија, усвоен на 4 февруари 2020 година.

О б р а з л о ж е н и е

I

Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Се наведува дека со истиот се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и членовите 9, 30, 32, 51 и член 54 од Уставот.

Подносителот тврди дека е носител на сродни права чии предмети под уметничко име Славко Димитров биле декларирани во Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи ММИ Скопје. Истиот смета дека има непосреден правен интерес, бидејќи како носител на сродни права бил директно погоден од неможноста за остварување надомест.

Наведува дека, од 2015 година, иако неговите предмети на сродни права јавно се експлоатирале, тој не добил материјален надомест за нивното користење поради блокадата којашто била создадена со оспорениот заклучок на Владата, а врз база на извештај од ММИ претрпел материјална штета во приближен износ од 300.000,00 денари за период од 2015 до 2025 година, за користење на неговите фонограми.

Со оспорениот заклучок, се суспендира примената на Законот за авторско право и сродни права, на начин што Владата ја ограничува законската надлежност на Министерството за култура, што претставува мешање на надлежностите на органите на управа и нарушување на принципот на поделба на власта. Владата, со заклучок, без законски основ го суспендира Законот што е во примена со што е повредено начелото на супремација на Уставот и законите.

Спротивно на член 9 од Уставот, со Заклучокот се врши дискриминација од причина што носителите на авторски права имаат право на колективно управување преку постоечки организации, додека носителите на сродни права се лишени од ова право, што претставува неоправдано различно третирање на граѓаните врз основа на видот на интелектуална сопственост и нееднаквост во културниот сектор.

Со оспорениот заклучок на подносителот на иницијативата му била оневозможена заштитата и реализацијата на сродните права како имотни права, на начин што не остварил материјални бенефиции од користењетп на неговите заштитени авторски дела за период од 2015 година до 2025 година, со што му е нанесена материјална штета во износ од 300.000,00 денари, на кој начин директно се повредува уставното право на сопственост и слободно уживање без законска основа, спротивно на член 30 од Уставот.

Со Заклучокот се ограничува и правото на работа во областа на културата без определување рок. Иако се најавени измени на Законот за авторското право и сродните права, истите сè уште не се донесени, а со тоа со оспорениот заклучок се става трајна суспензија на законските одредби со што се загрозува културниот развој и економската активност на уметниците, спротивно на членовите 32 и 54 од Уставот.

На ваков начин се создава правна несигурност и системска дискриминација што го ограничува подносителот да ги оствари своите права, создавајќи му трајна материјална и културна штета спротивно на меѓународните стандарди за заштита на интелектуална сопственост.

Со иницијативата се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок и истиот да го поништи.

II

На седницата Судот утврди дека Заклучокот од точка 103 од Записникот од шестата седница на Владата на Република Северна Македoнија усвоен на 4 февруари 2020 година, ја има следната содржина:

„Владата ja разгледа Информацијата за потребата од постапување по Барањето на Владата на Република Северна Македонија и по барањата на организациите за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи, ја усвои и заклучи:

1. Министерството за култура да не донесе решенија за давање дозвола за колективно управување со правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „ММИ“ Скопје, Здружението за заштита на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи МИП – Скопје и Асоцијацијата за колективно управување со сродните права на уметниците – изведувачи и произведувачите на фонограми ШПАТО – Скопје.

2. Се задолжува Министерството за култура да формира работна група за подготовка на измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права, во која ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни, со цел да се надминат различните ставови и недоразбирањата во однос на одредени одредби од Законот.“

III

Со член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Северна Македонија се уредува дека Владата на Република Северна Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

IV

Со иницијативата се оспорува дел од содржината на Записникот од шестата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 4 февруари 2020 година, поточно содржината на точката 103 од Записникот донесена во форма на заклучок, наведена погоре.

При разгледувањето на прашањето дали оспорениот заклучок на Владата, по својата форма и содржина претставува пропис во смисла на член 91 алинеја 5 или член 110 алинеја 2 од Уставот за чија уставност и законитост е надлежен да одлучува Уставниот суд, Судот го имаше предвид член 35 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019 и 96/2026), во кој е утврдено дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Според член 36 став 7 од Законот, Владата со заклучок зазема ставови по прашањата што ги претресува на седница, утврдува мислење по предлозите на закони и други прописи и по материјали што до Собранието ги поднеле други овластени предлагачи, одлучува за определени прашања на внатрешната организација и односи на Владата, ги определува задачите на министерствата и органите на државната управа и задачите на своите служби и зазема ставови за прашања од своја надлежност.

Прашањето за објавување на актите на Владата на Република Северна Македонија е уредено во Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 276/2024).

Според член 76 став 1 од Деловникот, уредбите, одлуките, упатствата и програмите на Владата се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Согласно со став 2 од истиот член, решенијата се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, доколку Владата не одлучи поинаку. Според став 3, актите коишто ги донесува Владата хартиено или електронски преку системот е-Влада се доставуваат до овластениот предлагач и останатите засегнати страни. Согласно со став 4 од истиот член, Владата може да одлучи да се објават и определени заклучоци на Владата. Според став 5 од истиот член, за објавување на прописите и другите акти на Владата и за исправките на текстовите на објавените акти на Владата, се грижи генералниот секретар.

Со наведените деловнички одредби, како и со одредбите од Законот за Владата на Република Македонија, се прави јасна дистинкција на прописите од другите акти што ги донесува Владата на Република Северна Македонија во остварувањето на правата и должностите утврдени со Уставот и со законите и тоа во однос на нивното објавување.

Оттука, ако се има предвид природата на прашањата за кои Владата на Република Северна Македонија може да донесе заклучок согласно со цитираните одредби од Законот и Деловникот, како и тоа дека заклучоците не подлежат на уставната обврска за објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија”, произлегува дека тие, ниту по содржина, ниту по форма претставуваат прописи во смисла на член 91 алинеја 5, член 52 и член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот одлучува за согласноста на прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, од содржината на оспорениот акт, Судот утврди дека тој не содржи општо задолжително правило што е одлика на пропис којшто е подложен за уставно-судска анализа. Ова од причини што оспорениот заклучок, нема нормативна содржина, односно неговата цел не е да се уредуваат општествени односи ниту да се утврдуваат обврски надвор од закон.

По однос на правната природа на оспорениот заклучок, произлегува дека, како акт на Владата, како што е дефиниран во Законот за Владата на Република Северна Македонија и во Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија не претставува пропис ниту општ акт и дека тоа е всушност оперативен акт што го усвојува Владата по прашањата по кои расправа на седница врз основа на предлози содржани во материјалите и во извештаите на работните тела. Оттука, и објавувањето или необјавувањето на овие заклучоци зависи од одлука на Владата.

Во ваков случај, доколку означениот заклучок на Владата на Република Северна Македонија се разгледува во контекст на погоре изнесеното, произлегува дека не ги содржи формалните и материјалните елементи карактеристични за секој пропис, па затоа гледано од овие аспекти истиот не претставува пропис во смисла на наведените уставни одредби.

Меѓутоа, и во случај кога актот што се оспорува не ги содржи формалните елементи карактеристични за пропис, од значење е содржината којашто ја има прописот, поточно, дали таа содржина значи доуредување, односно конкретно разработување на законска одредба за нејзино извршување, или значи изворно уредување на прашања коишто може да бидат предмет на уредување само на закон, што според Судот, не е случај со предметниот заклучок.

Имајќи предвид дека оспорениот заклучок ниту по форма, ниту по содржина, не е пропис подобен за уставно-судска оцена во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Судот.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски