
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.194/2025
Скопје, 07.10.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 7 октомври 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 194/2024).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите, истата е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 30 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба е формулирана на општ и недоволно прецизен начин, бидејќи не ги утврдува конкретните обврски и одговорности на вештакот, ниту критериумите врз основа на кои се оценува нивното исполнување. Како што се наведува, употребата на формулацијата „не ги исполнил своите обврски и одговорности согласно со закон“ не овозможува однапред да се утврди кои постапки или пропусти ќе претставуваат основ за одбивање на исплатата, ниту степенот и тежината на евентуалната повреда.
Понатаму, не е уредена ниту постапката по која Министерството за правда ја утврдува оваа состојба, ниту се предвидени објективни мерила или задолжително прибавување на стручно мислење, со што на органот на извршната власт му се остава широка дискреција во одлучувањето. На тој начин Министерството фактички врши оценка на стручната работа на вештакот, иако не е орган надлежен за таква стручна контрола.
Во однос на уставноста, се наведува дека ваквата нејасност и неопределеност на нормата е спротивна на начелото на владеење на правото, бидејќи не обезбедува правна сигурност и предвидливост. Како што се наведува, адресатите на нормата не можат однапред да ги знаат правните последици од своето однесување, ниту да предвидат во кои случаи може да им биде ускратен надоместокот.
Исто така, според наводите, со оспорената одредба се повредува правото на сопственост, бидејќи надоместокот за извршеното вештачење претставува имотно право кое произлегува од закон и од извршена работа, а неговото ускратување се овозможува врз основа на нејасни и непрецизно утврдени услови.
Понатаму се наведува дека нормата создава услови за нееднаков третман на вештаците кои се наоѓаат во иста или споредлива правна положба, бидејќи поради отсуство на јасни критериуми, во идентични ситуации може да се донесат различни одлуки (целосна, делумна или никаква исплата). Како што се наведува, ваквата можност за селективна примена создава ризик од произволност.
Во иницијативата дополнително се посочува дека постои неоснована разлика во третманот помеѓу вештаците и другите даватели на бесплатна правна помош, за кои се утврдени попрецизни услови за намалување или одбивање на надоместокот, како и разлика во однос на случаи кога вештачењето се врши надвор од системот на бесплатна правна помош, каде надоместокот редовно се исплаќа.
Со оглед на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 194/2024), е пропишано дека Министерството со решение ќе одбие да му го исплати на субјектот кој го вршел вештачењето целосно или делумно надоместокот за дадената секундарна правна помош во конкретниот случај ако при увид или проверка на трошковникот се утврди дека субјектот кој го вршел вештачењето не ги исполнил своите обврски и одговорности согласно со закон.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдена, во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, според член 9 став 2 од Уставот.
Согласно со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Во став 2 од истиот член е определено дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Согласно со член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 1 од Законот за бесплатна правна помош (*) е определено дека со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, видовите, опсегот на бесплатната правната помош, давателите и корисниците на бесплатна правна помош, нивните обврски и одговорности, постапката во која се остварува правото на бесплатна правна помош, финансирањето, наградата и надоместокот на трошоците за дадената бесплатна правна помош, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, транспарентност и отчетност во давањето бесплатна правна помош, посебните постапки за правна помош, надзорот над примената на овој закон и други прашања кои се однесуваат на бесплатната правна помош.
Целта на овој закон е да се овозможи и унапреди правото нa физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита, според член 2 став 1 од истиот закон. Во став 2 од овој член е определено дека правото на бесплатна правна помош се остварува во обем и постапка уредена со овој закон. Според став 3 од овој член, овој закон не се применува за правни работи за кои е предвидена бесплатна правна помош со посебни закони.
Бесплатна правна помош е правна помош одобрена и финансирана од страна на државата на начин и под услови предвидени со овој закон, според член 3 точка 1 од овој закон, додека според точка 2 на овој член, примарна правна помош е вид на бесплатна правна помош која се обезбедува од страна на Министерството за правда (во натамошниот текст: Министерството), овластеното здружение и правната клиника.
Со член 4 став 1 од овој закон е уредено дека бесплатната правна помош се дава под услови и во постапка предвидени со овој закон. Според став 5 од истиот член, средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош во постапките предвидени со овој закон се обезбедуваат од буџетот на Министерството, како и од донации и други приходи во согласност со закон. Во став 8 од овој член е определено дека министерот за правда го пропишува начинот на постапување при давањето бесплатна правна помош.
Во член 13 став 5 од овој закон е уредено дека со потврдата со која се одобрува секундарна правна помош се овластува назначениот адвокат за давање секундарна правна помош, се ослободува корисникот од судски такси и трошоци поврзани со постапката пред суд согласно закон, се ослободува корисникот од трошоците за вештачењето и се ослободува корисникот од административни такси. Според став 6 од овој член, вештачењето од став 5 алинеја 3 на овој член, се обезбедува преку субјекти кои вршат вештачење согласно со закон.
Во член 34-а став 1 од истиот закон е определено дека вештачењето за потребите на корисниците на секундарната правна помош го вршат субјектите од член 13 став 6 од овој закон од соодветна област, што е неопходно за правното прашање за кое е одобрена секундарната правна помош. Според став 2 од истиот член, изборот односно определувањето на субјектите од ставот 1 на овој член кои ќе го вршат вештачењето се врши согласно со законите со кои се уредуваат постапките во кои ќе биде користено како доказно средство.
Согласно со член 34-в став 1 од овој закон, за извршено вештачење или супервештачење, согласно со одредбите од овој закон, субјектите од член 13 став 6 од овој закон имаат право на награда и право на надоместок за реално направените трошоци во висина утврдена со закон. Во став 9 од овој член е определено дека Министерството за правда со решение ќе одбие да му го исплати на субјектот кој го вршел вештачењето целосно или делумно надоместокот за дадената секундарна правна помош во конкретниот случај ако при увид или проверка на трошковникот се утврди дека субјектот кој го вршел вештачењето не ги исполнил своите обврски и одговорности согласно со закон. Според став 10 од овој член, против решението од ставовите 7 и 9 на овој член субјектот кој го вршел вештачењето може да поведе управен спор пред надлежен суд.
IV
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок и истото подразбира дека во правниот поредок треба да постојат закони со јасни, прецизни и предвидливи правни норми. Во конкретниот случај, употребата на општата формулација „не ги исполнил своите обврски и одговорности согласно закон“ не обезбедува прецизност и определивост на правната норма, бидејќи не упатува на конкретни одредби, ниту утврдува мерливи или проверливи критериуми врз основа на кои би се оценувало постапувањето на субјектот. Ваквата неопределеност создава правна несигурност, бидејќи адресатите на нормата не можат однапред да ги предвидат условите под кои ќе им биде исплатен или ускратен надоместокот, што е спротивно на барањата што произлегуваат од владеењето на правото.
Имено, повикувањето на „обврски и одговорности согласно закон“ без нивна конкретизација во самата одредба или без упатување на јасно утврдени критериуми, остава широка дискреција на органот да одлучува за исплата на надоместок, што може да доведе до различна и нееднаква примена во идентични или слични ситуации.
Во таа насока, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 9 од Уставот, со кој се гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Отсуството на јасни критериуми за утврдување на неисполнување на обврските создава ризик различни субјекти да бидат различно третирани врз основа на слободна оценка на органот, без објективни и проверливи параметри, што може да резултира со нееднаквост во примената на законот.
Ваквата законска поставеност му овозможува на Министерството за правда, како орган на државната управа, со широка и недоволно ограничена дискреција да оценува дали се исполнети обврските на субјектот кој вршел вештачење и врз таа основа да одлучува за исплатата на надоместокот. Отсуството на јасно утврдени законски параметри, постапка и стручни критериуми ја поместува границата од законски насочена дискреција кон можност за произволност во одлучувањето. Со тоа се доведува во прашање начелото на правна сигурност според кое правата и обврските треба да бидат уредени со закон, а не препуштени на слободна оценка на органот на управата.
Правото на надоместок за извршено вештачење, иако е уредено со закон и финансирано од буџетски средства, претставува имотно право коешто ужива уставноправна заштита во рамки на уставното право на сопственост. Оспорената одредба овозможува целосно или делумно ускратување на тој надоместок, што претставува ограничување на имотното право. Но, истото ќе биде уставно прифатливо, само ако е уредено на јасен и прецизен начин во закон, има легитимна цел и е пропорционално на целта.
Легитимната цел на оспорената одредба е заштита на буџетските средства и обезбедување квалитетно и одговорно извршување на услугите во системот на бесплатна правна помош, што е во согласност со целта на Законот, утврдена во член 2 од истиот. Меѓутоа, постоењето легитимна цел само по себе не е доволно за уставна прифатливост на мерката којашто треба да биде пропорционална.
Во оваа смисла, основано се постави прашањето дали оспорената одредба ги исполнува барањата на принципот на пропорционалност. Имено, иако мерката може да се смета за соодветна за остварување на целта, бидејќи овозможува контрола на исполнувањето на обврските, нејзината нужност и пропорционалност во потесна смисла се доведуваат во прашање поради отсуството на јасни критериуми и гаранции против произволност. Без прецизно утврдени услови и стандарди, не може да се оцени дали ограничувањето на имотното право е сведено на она што е навистина неопходно, ниту дали постои правична рамнотежа помеѓу јавниот интерес и заштитата на правата на поединецот. Ваквата неопределеност може да доведе до повреда на гаранцијата на правото на сопственост од член 30 став 1 од Уставот.
Дополнително, фактот дека е обезбедена судска заштита против решението со кое Министерството за правда ќе одбие да му го исплати надоместокот на субјектот кој го вршел вештачењето, сама по себе не овозможува да се надмине и разреши недоволната прецизност и јасност на законската норма, бидејќи судската контрола претпоставува постоење на доволно јасни законски критериуми врз основа на кои може да се оценува законитоста на поединечните акти.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека основано се се постави прашањето за согласноста член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош (*) со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 30 став 1 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски