Билатерална средба со делегација на Врховниот уставен суд на Египет во пресрет на 4. Годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови 

Во пресрет на 4. Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови (BCCF), на 11 ноември 2026 година, во Уставниот суд ќе се одржи билатерална средба со висока делегација на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет.

Египетската делегација ќе ја предводи Н.Е. Булос Фахми Искандар, претседател на Врховниот уставен суд на Египет, а во нејзиниот состав ќе биде и Махмуд Мохамед Али Гонеим, потпретседател на Судот.

Од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија, на билатералната средба ќе учествуваат претседателот д-р Дарко Костадиновски и судиите д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Мери Дика-Георгиевска.

Средбата ќе биде посветена на унапредувањето на билатералната соработка, размената на искуства и уставносудски практики, како и на предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во заштитата на уставноста, човековите права и владеењето на правото.

Посетата на египетската делегација е дел од меѓународните активности што му претходат на 4. Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови, чиј домаќин е Уставниот суд на Република Северна Македонија, а кој ќе се одржи од 12 до 14 ноември во Охрид.

Во фокусот на годишниот состанок ќе биде меѓународната конференција со наслов: „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“, закажана за 13 ноември. Конференцијата ќе обедини претседатели и судии на уставни судови, претставници на меѓународни организации и истакнати правни експерти, кои ќе дискутираат за јакнењето на довербата на граѓаните во уставните судови, предизвиците на дигиталната ера и ефективната заштита на уставните права.

Претседателот на Врховниот уставен суд на Египет, Булос Фахми Искандар, ќе биде и еден од говорниците на конференцијата, со учество во првата тематска сесија посветена на прашањето „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“.

Учеството на претставници на уставни судови и институции од земји надвор од балканскиот регион ја потврдува меѓународната димензија и значење на настанот, како и можностите за поширока размена на искуства и добри практики во областа на уставната правда.

Повеќе информации за програмата и учесниците на IV Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови се достапни на: https://ustavensud.mk/bccf/