Претседатели и судии на уставни судови, претставници на меѓународни организации и истакнати правни експерти ќе учествуваат на меѓународната конференција посветена на довербата во уставното судство, современите предизвици и владеењето на правото.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, од 12 до 14 ноември 2026 година, во Охрид ќе биде домаќин на 4. Годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови (BCCF).
Покрај годишниот состанок на претседателите на уставните судови – членки на Форумот, во фокусот ќе биде ставена и меѓународна конференција со тема „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“, која ќе се одржи на 13 ноември 2026 година.
Конференцијата ќе отвори прашања од суштинско значење за современото уставно судство, со посебен акцент на јакнењето на довербата на граѓаните во уставните судови, предизвиците што ги носи дигиталната ера и обезбедувањето ефективна уставна заштита.
Свеченото отворање ќе започне со интонирање на државната химна и прикажување документарен филм посветен на 62-годишното постоење на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Во рамките на поздравниот дел од програмата, предвидени се обраќања на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, министерот за правда, проф. д-р Јетон Шасивари, како и на Кристиан Делиорга, судија на Уставниот суд на Романија и претставник на Асоцијацијата на уставни судови што користат француски јазик (ACCF).
Во програмата е предвидено и видеообраќање на амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Воведното стручно обраќање ќе го одржи проф. д-р Кристоф Грабенвартер, претседател на Уставниот суд на Република Австрија, на темата „Значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови“.
Неговото излагање ќе биде посветено на улогата на соработката, размената на искуства и уставносудската практика во справувањето со заедничките предизвици и во зајакнувањето на уставната правда.
Работниот дел од конференцијата ќе се одвива низ три тематски сесии, во кои ќе учествуваат претседатели и судии на уставни судови, претставници на европски и меѓународни институции и универзитетски професори.
Првата сесија, со наслов „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, ќе ја модерира д-р Садет Јуксел, судијкаа на Европскиот суд за човекови права. Предвидени се излагања на Мерсида Џаферлари, уставна судијка од Албанија, Павлина Панова – претседателка на Уставниот суд на Бугарија, Неџми Реџепи – претседател на Уставниот суд на Косово и Булос Фахми Искандар претседател на Врховен уставен суд на Египет
Втората сесија, која ќе продолжи со разгледување на прашањата за довербата во уставното судство, ќе ја модерира Мартин Кујер, судија Врховен суд на Холандија и член на Венецијанската комисија.
Во дискусијата со свои обраќања ќе учествуваат Снежана Арменко претседателка на Уставниот суд на Црна Гора, Кадир Озкаја Претседател на Уставен суд на Турција, судијката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, проф. д-р Ана Павловска-Данева, и проф. д-р Рената Дескоска, потпретседателка на Венецијанската комисија.
Третата сесија ќе биде посветена на довербата во уставните судови во дигиталната ера, со посебен осврт на новите технологии, нивното влијание врз правосудството и предизвиците за заштитата на уставните права. Модератор ќе биде Рената Дескоска, а во сесијата се предвидени излагања на Лариса Велиќ, судија на Уставен суд на Босна и Херцеговина, Муса Лараба, генерален секретар на Конференцијата на Африканска уставна јурисдикција (CJCA), Татјана Васиќ-Бозаџиева, судија на Уставен суд на Република Северна Македонија и Мартин Куијер.
Конференцијата ќе заврши со обраќање на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски.
Усвојување на Охридска декларација
Еден од значајните аспекти на годишниот состанок е иницијативата за усвојување на Охридска декларација како основа за понатамошно унапредување на регионалната соработка.
Во рамките на годишниот состанок ќе се одржи и состанок на Одборот на членови на Форумот на балканските уставни судови, на кој ќе се разгледуваат прашања поврзани со понатамошното функционирање на Форумот и претседавањето со него.
За Форумот и надлежностите
Форумот на балканските уставни судови претставува платформа за соработка, професионален дијалог и размена на искуства меѓу уставните судови во регионот.
Негови членки се уставните судови на Албанија, Бугарија, Република Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Турција, а во работата на Форумот како набљудувачи учествуваат и институции од Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Грција.
По претходните годишни состаноци одржани во Софија во 2023 година, Приштина во 2024 година и Анталија во 2025 година, Охрид е четвртиот домаќин на Форумот.
Со организирањето на овој меѓународен настан, Уставниот суд на Република Северна Македонија ја продолжува својата заложба за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, размената на добри практики и зајакнувањето на улогата на уставните судови во заштитата на уставноста, законитоста и основните слободи и права на граѓаните.
Деталната Агенда за настанот можете да ја прочитате на веб страницата на Судот
