Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски и судиите проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, учествуваше на меѓународната конференција во Белград, одржана по повод „20 години од Уставот на Република Србија“. Настанот се одржа од 28 до 30 октомври 2026 година во Република Србија.

Во рамки на третата панел-дискусија, посветена на нормативната контрола, теоријата и практиката, свое излагање имаше судијката проф. д-р Ана Павловска-Данева.
Судијата проф. д-р Ана Павловска Данева во своето излагање на тема „Механизми за подобрување на ефикасноста на уставното судство во вршење општа нормативна контрола“ истакна дека ефикасноста во спроведувањето на оваа дејност не се сведува само на постигнување на поголеми резултати со помалку вложени средства, туку тоа има многу пошироко значење кое опфаќа:
1. Достапност до Уставниот суд,
2. Навременост во постапувањето која е поврзана со предметот на нормативна контрола што е во надлежност на Судот и неговиот обем;
3. Транспарентност на Судот изразена преку објавувањето на издвоените мислења на судиите и
4. Употреба на интерпретативни одлуки како начин за отстранување на неуставните значења на законските норми без нивно укинување.
Прашањата кои судија д-р Ана Павловска-Данева на конференцијата ги отвори за дебата во меѓународната стручна и научна јавност се однесуваат на потребата од редистрибуција на надлежноста за оценка на законитоста на подзаконските акти на единиците на локалната самоуправа од уставното во редовното судство по примерот на хрватскиот модел.
Истовремено, судија Павловска-Данева го потенцираше значењето на апстрактната нормативна контрола бидејќи токму преку оваа дејност секој уставен суд ја остварува својата улога на врховен чувар на највисоките правни идеали како што се правдата, слободата, еднаквоста и правната сигурност.

Конференцијата обедини претседатели и судии на уставни судови, судии на Европскиот суд за човекови права, претставници на Венецијанската комисија, високи претставници на правосудни институции и универзитетски професори.
Во фокусот на дискусиите беа развојот на уставноста, современите предизвици на уставното судство, заштитата на човековите права, вештачката интелигенција и гаранциите за фер судење пред уставните судови.



