У.бр.47/2026

Не се пронајдени зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.47/2026
Скопје, 07.10.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 7 октомври 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, на седницата одржана на 8 јули 2026 година, го донесе Решението У.бр.47/2026 со кое поведе постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и член 35 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 60 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025), правото на траен надоместок го остварува родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж.

III

Согласно со член 1 став 1 од Уставот, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.

Согласно со член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Според став 2 од истиот член, Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот, согласно став 3 од овој член.

Според член 4 став 1 точка 5 од Законот за социјалната заштита, „лице со попреченост“ е лице кое има долготрајни телесни, интелектуални, ментални или сетилни нарушувања кои во интеракција со различни пречки може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.

IV

Согласно со Уставот, Република Северна Македонија е социјална држава којашто има уставна обврска да се грижи за социјалната заштита и сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, при што во Законот за социјалната заштита е утврдено дека државата е еден од носителите на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување.

Од анализата на Законот за социјалната заштита произлегува дека во разработка на формите на социјална заштита, законодавецот ги утврдил можните корисници на правото на парична помош од социјална заштита во секој конкретен случај, помеѓу кои и правото на траен надоместок.

Од содржината на одредбата во која е содржан оспорениот дел, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на траен надоместок за родител кој се грижел за дете со попреченост, но истото се условува со кумулативно исполнување на повеќе услови, меѓу кои и тоа родителот да е невработен, да не користи право на пензија и да има навршено определена возраст (60 години за жена, односно 62 години за маж). Со ваквото законско решение, правото не се врзува исклучиво за фактичка состојба каде има дете со попреченост и долготрајна грижа за него, туку во значителен дел се условува со статусни и материјални карактеристики на родителот.

Ваквото нормативно уредување отвора дилема дали ова право претставува мерка на социјална заштита поврзана со специфичната состојба на семејството со дете со попреченост или напротив, е право коешто зависи од материјалната положба на родителот.

Од уредувањето во член 35 од Уставот произлегува дека мерките на социјална заштита, особено оние коишто се однесуваат на лица со попреченост и нивните семејства, треба да бидат насочени кон нивната фактичка состојба и потребите коишто произлегуваат од неа. Во конкретниот случај, со предвидените услови законодавецот го исклучува правото на траен надоместок за родители кои, и покрај тоа што се грижеле за дете со попреченост под исти фактички околности, се вработени или користат право на пензија. Со тоа, лица кои се наоѓаат во идентична положба во однос на основот на правото коешто произлегува од грижата за дете со попреченост, се доведуваат во нееднаква положба врз основа на нивниот работен или пензиски статус.

Исклучувањето лица кои користат право на пензија, без притоа да се прави разлика во однос на висината на пензијата или реалната материјална положба, може да доведе до ситуации во кои лица со минимални приходи се лишени од правото, иако нивната фактичка состојба и потреби се споредливи со оние на лицата кои го остваруваат правото со што се доведува во прашање и усогласеноста на оспорената одредба со начелото на социјална праведност.

Законот за социјалната заштита експлицитно го предвидува начелото на социјална праведност. Исклучувањето родители поради формален статус (пензија/работа) може да значи дека лица со реална потреба остануваат без поддршка, што го доведува во прашање уставниот концепт на социјална држава.

Од друга страна, критериумот возраст како ограничување не е во директна врска со грижата за детето и неговите потреби. Односно, фактот дека родител кој има 59 години не може да го оствари правото, иако ги исполнува сите услови, укажува на арбитрарност на законското решение.

Според Судот, поставувањето на критериумот возраст за остварување на правото на траен надоместок не произлегува непосредно од природата и целта на ова право. Грижата за дете со попреченост и последиците кои таа ги има врз животот и можностите на родителот постојат независно од тоа дали родителот ја достигнал предвидената возраст. Оттука, Судот цени дека ваквиот услов воведува ограничување коешто не е во функционална врска со целта на правото.

Иако законодавецот има овластување да го уредува начинот на социјалната заштита, тоа не може да се остварува на начин којшто ја менува уставната гаранција за правото на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани, затоа што е спротивно на член 35 од Уставот.

Оттука, Судот оцени дека член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и член 35 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски