У.бр.146/2024

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.146/2024
Скопје, 23.09.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 23 септември 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на 13 став 2 во делот „и заклучок“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020, 86/2020, 136/2020 и 154/2023).

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со актуелниот Закон за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука којашто гласи исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, при што одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Според наводите, оспорениот дел на одредбата од Законот би можел уставноправно да се проблематизира како спротивен на начелото на владеење на правото и правната сигурност, поради причините наведени подолу.

Со актуелниот Закон за општата управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/2015 и 65/2018), се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес, по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности, постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.

Во иницијативата се цитираат член 4 став 1 алинеи 4, 5, 6 и 12 од Законот за општата управна постапка.

Понатаму, се наведува дека, Законот за општата управна постапка, веќе не го предвидува „заклучокот” како еден од видовите управни акти, онака како што било предвидено во претходниот Закон за општата управна постапка, којшто веќе не е во примена, и каде посебно беше уредено дека со „заклучок“ се одлучувало за прашања коишто се однесуваат на постапката.

Од ова произлегува дека во вршење на управните работи преку кои се изразуваат или извршуваат надлежностите на јавните органи, а со кои се решава или влијае на правата, обврските или правните интереси на физичките лица, правните лица или другите странки во постапката, не се носи „заклучок“, дотолку повеќе што истиот не може да претставува еден од видовите извршни исправи во смисла на член 13 став 2 од Законот за извршување, односно „заклучок“ во ниту еден случај не може да претставува извршна одлука донесена во управна постапка којашто може да гласи исполнување на парична обврска во смисла на член 12 став 1 алинеја 2 од Законот за извршување, со оглед на тоа што системскиот Закон за општата управна постапка во целиот свој текст оперира со формално-правниот поим „управен акт“, кој акт е дефиниран како поединечен акт на јавен орган кој е донесен врз основа на закон со кој се решава за правата, обврските и правните интереси на странките. Управните акти, според наводите, можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение, но не и заклучок.

Имајќи го предвид горенаведеното, а и фактот дека Законот за извршување е донесен после донесувањето на Законот за општата управна постапка, според наводите е нејасно како истиот може во член 13 став 2 да уредува дека како одлука во управна постапка, во смисла на овој закон, се смета и заклучок на орган на државната управа, како и на правно лице, донесени во вршењето на нивните јавни овластувања утврдени со закон.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел од одредбата на Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 ставови 1 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија од причини што е нејасен, неконзистентен и неразбирлив, поради што создава можност за различно толкување во постапувањето, со што се повредува правната сигурност на граѓаните.

Врз основа на сето погоре наведено, се предлага Уставниот суд да поведе постапка, да донесе решение согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот и да го укине оспорениот дел од одредбата на Законот.

II

На седницата Судот утврди дека со член 13 став 2 од Законот за извршување( „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018, 233/2018, 14/2020, 86/2020, 136/2020 и 154/2023), се пропишува дека како одлука во управна постапка, во смисла на овој закон, се смета решение и заклучок на орган на државната управа, како и на правно лице, донесени во вршењето на нивните јавни овластувања утврдени со закон, а како порамнување во управна постапка се смета порамнување склучено во смисла на Законот за општата управна постапка.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

IV

Во иницијативата како суштински се поставуваат прашањата дали оспорената одредба од член 13 став 2 од Законот за извршување е јасна и прецизна во делот во кој заклучокот со кој се појаснува одлуката донесена во управна постапка се определува како извршна исправа, и дали ваквото определување е во согласност со Законот за општата управна постапка, којшто повеќе не го предвидува заклучокот како управен акт.

Од анализата на уставните и законските одредби, а имајќи ги предвид наводите од иницијативата, произлегува дека причините за неуставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот, се темелат на тоа дека истиот е нејасен и постои меѓусебна неусогласеност на два закони. Поради фактот дека со иницијативата всушност се бара оценување на меѓусебна согласност на два закони, Судот оцени дека ваквото барање не е во надлежност на Уставниот суд.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Судот е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, но нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на законите, како што е во конкретниот случај помеѓу Законот за извршување и Законот за општа управна постапка. Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност на Судот.

Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски