Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, заедно со судиите проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, денеска учествуваат на меѓународна конференција посветена на улогата на уставните судови во заштитата на демократијата и демократското функционирање на институциите.
Настанот се организира во Приштина, по повод 17-годишнината од основањето на Уставниот суд на Република Косово. Учествуваат високи претставници на уставните и врховните судови од повеќе европски држави, меѓународни правни институции и истакнати експерти од областа на уставното право.
Костадиновски е еден од говорниците на сесијата посветена на темата „Уставните судови, демократијата и владеењето на правото“, на која ќе се дискутира за улогата на уставното судство во зачувувањето на демократијата, почитувањето на принципот на поделба на власта и обезбедувањето институционална рамнотежа.
Во дискусијата ќе се вклучат и претседателот на Уставниот суд на Литванија, проф. д-р Томас Давулис, потпретседателката на Уставниот суд на Словенија, д-р Нежа Коговшек Шаламон, судијата на Уставниот суд на Австрија, проф. д-р Георг Линбахер, и судијката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, проф. д-р Лариса Велиќ.
Во рамки на конференцијата се предвидени и дискусии за примената на меѓународните и европските правни стандарди во уставното судство, со посебен осврт на практиката на Европскиот суд за човекови права и улогата на Венецијанската комисија.
