Делегација на Уставниот суд ќе учествува на меѓународна конференција за улогата на уставните судови во заштитата на демократијата во Приштина, Република Косово

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски, судиите м-р Фатмир Скендер и проф. д-р Ана Павловска-Данева ќе учествува на меѓународна конференција на темата „Улогата на уставните судови во заштитата на демократијата и демократското функционирање на институциите“, која ќе се одржи на 22 октомври 2026 година во Приштина, Република Косово.

Претседателот Костадиновски ќе има обраќање во рамки на втората панел-сесија, со фокус на темата „Уставните судови, демократијата и владеењето на правото“, посветена на улогата на уставните судови во заштитата на демократските вредности, одржувањето на институционалниот баланс помеѓу властите и владеењето на правото. 

Конференцијата се организира по повод 17-годишнината од основањето на Уставниот суд на Република Косово, а ќе собере претседатели и судии на уставни и врховни судови, претставници на европски судски институции, Венецијанската комисија и експерти од областа на уставното право.

На истата сесија, освен Костадиновски, ќе се обратат и претседателот на Уставниот суд на Литванија, проф. д-р Томас Давулис, потпретседателката на Уставниот суд на Словенија, д-р Нежа Коговшек Шаламон, членот на Уставниот суд на Австрија, проф. д-р Георг Линбахер, и судијката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, проф. д-р Лариса Велиќ.