
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.5/2026
Скопје, 30.09.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 30 септември 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 41 став 1 и член 46 ставови 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025) и уставноста и законитоста на Одлуката бр.0201-1642/2 од 29.12.2025 година, донесена од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права Скопје.
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Ѓорѓи Крстевски и Рамиз Јусуфи, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот и Одлуката означени во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека оспорените одредби од Правилникот и оспорената одлука не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот и член 3, член 66 став 1, член 133 ставови 1 и 6 и член 144 ставови 1 и 2 од Законот за авторското право и сродните права.
Според наводите со оспорената одлука не се почитува уставно-судската практика на Уставниот суд, бидејќи содржи одредби чијашто содржина е идентична со одредбите на актот коишто со одлуките У.бр.268/2024 и У.бр.197/2024 на Судот се укинати.
Покрај ова, се наведува дека со оспорената одлука се повредува принципот на еднаквост и правото на сопственост, бидејќи со истата авторите чии дела се емитуваат во терминот од 00:00 до 07:00 часот, или чии дела се користат како авизо/кулисна музика, се ставаат во нееднаква положба во однос на останатите автори. На ваков начин се ограничува надоместокот на 600 и 1200 ефективни секунди, со што авторот се лишува од неговото право на сопственост загарантирано со член 30 од Уставот. Авторскиот надоместок мора да биде заснован исклучиво на единствениот законски критериум- фактот на користење и времетраењето на делото, без оглед на времето од денот кога истото се користи или улогата на музиката во програмата.
Со оспорената одлука се создава нетранспарентност и се повредува принципот на правна сигурност, бидејќи истата не се објавува ниту во „Службен весник на Република Северна Македонија“, ниту на веб-страницата на ЗАМП, со што се оневозможува пристапот до истата.
Во однос на оспорените одредби од Правилникот, се наведува дека со истите се воведуваат критериуми како комерцијална цел на користење, големина и карактер на публика, географски опсег на медиумот, фреквенција и интензитет на користење и технолошкиот контекст на користењето, и со истите се создава дискриминација и неповолно вреднување на користените авторски дела, бидејќи во Законот за авторското право и сродните права наведените критериуми се однесуваат на определување на авторски надоместок што корисниците го плаќаат кон организацијата, а не на распределбата на авторските надоместоци. При распределбата на надоместоците единствен законски критериум е фактот на користење и времетраењето на делото.
Со вака утврдени критериуми за распределба на авторските надоместоци се излегува надвор од законската рамка, што е спротивно на член 51 од Уставот.
Се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилникот и оспорената одлука и истите да ги поништи, а до донесување конечна одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот и оспорената одлука.
II
На седницата Судот утврди дека според член 41 став 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025), распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење. Под други битни околности за користење на авторското музичко дело особено се сметаат: комерцијална цел на користење; големина и карактер на публиката; географски опсег на медиумот; фреквенција и интензитет на користење и технолошкиот контекст на користењето.
Потоа, согласно со член 46 став 1 од овој правилник, пресметката на авторскиот надомест се врши врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или било каква употреба на музичкото дело, притоа особено имајќи ги предвид сите релевантни битни околности за определување на висината на авторскиот надоместок во смисла на член 41 став 1 од овој Правилник и член 66 в. в. член 144 став 2 од ЗАПСП.
Според став 2 на овој член, вредноста за 1 (една) минута траење на авторското музичко дело се определува со коефициент 1 (еден), кој го утврдува Собранието по предлог на Управниот одбор.
Судот, исто така, утврди дека од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП, врз основа на член 46 став 2 в.в став 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025) и член 13 од Статутот на ЗАМП, на седницата одржана на ден 26.12.2025 година, е донесена Одлуката бр.0201-1642/2.
Во член 1 на оваа одлука е предвидено дека се усвојува предлогот на Управниот одбор и се носи одлука за утврдување на коефициентот како вредност за траење на користењето на авторско музичко дело.
Согласно со член 2 на истата одлука според критериумите големина и карактер на публиката и фреквенција и интензитет на користење, во рамки на принципот на правичност и во согласност со член 41 став 1 в.в член 46 став 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, авторските музички дела се вреднуваат со коефициент на часовна проценка, поради што се утврдува дека ефективното траење од 600 секунди на музичко дело емитувано во временскиот период од 00:00 до 07:00 часот од страна на корисниците сместени во репартициските класи од член 34 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, се вреднува со коефициент 1 (еден).
Во член 3 од оваа одлука е предвидено дека според критериумите комерцијална цел на користење и фреквенција и интензитет на користење, во рамки на принципот на правичност и во согласност со член 41 став 1 в.в член 46 став 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, се утврдува дека ефективното траење од 600 секунди на музичко дело емитувано како позадински музички мотиви за најава и/или одјава на програма и емисии, за раздвојување на делови од иста емисија или повеќе различни емисии, се вреднува со коефициент 1 (еден) и ефективното траење од 1.200 секунди на музичко дело емитувано во говорни емисии и во својство на придружна музика во емисии од други жанрови, се вреднува со коефициент 1 (еден).
Според член 4 на истата одлука, на сите останати правни ситуации на користење на авторски музички дела кои не се предмет на уредување на членовите 2 и 3 од оваа одлука, се применуваат правилата уредени со Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Со член 5 став 1 од оваа одлука е утврдено дека истата стапува во сила веднаш, а ќе почне да се применува на распределбата на авторските надоместоци за 2026 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2027 година. Во став 2 на овој член е уредено времетраењето на важноста на оваа одлука, според кој истата важи сè до нејзино отповикување или изменување и дополнување со соодветен акт на Собранието на ЗАМП Скопје.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Член 30 став 1 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2 на истиот член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Согласно со ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исправка, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025), е предвидено дека со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.
Според член 3 на овој закон авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Согласно со член 12 став 1 од Законот, авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.
Според член 20 став 1 од Законот, авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело, додека согласно став 2 од истиот член, авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.
Член 66 став 1 од овој закон, уредува дека авторскиот надоместок се определува според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење.
Согласно со член 132 став 1 од истиот закон, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).
Обврските на организацијата се утврдени со член 133 точки 1-12 од Законот, и тоа: 1) ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство; 2) ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично; 3) донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон; 4) склучува договори со соодветни организации во странство; 5) неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин; 6) ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; 7) бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; 8) врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права; 9) обезбедува внатрешна контрола, отчетност и одговорност на органите и лицата за работите во нивна надлежност во согласност со закон и општите акти; 10) обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата); 11) обезбедува и овозможува увид во работењето и податоците од страна на носителите на правата, на начин, во обем и под услови определни со закон и општи акти на организацијата и 12) обезбедува и одржува просторни, кадровски и други услови определени со овој закон заради успешно остварување на работата.
Согласно со член 138 став 1 точки 1-8 од овој закон, при определување висината на надоместоците се земаат предвид: правата, видовите и обемот на нивно користење; бројноста на потенцијалните корисници; категоријата и големината на просторот; времетраењето и бројот на користењата; разликата на цените во работењето на корисникот поради користењето на делата, односно предметите на сродните права; структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузно емитување); религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и интересите на младите и лицата со посебни потреби.
Во член 144 став 1 од овој закон е предвидено дека организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање. Според став 2 на овој член, распределбата на надоместоците од став 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Врз основа на член 132 став 2 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), Собранието на ова здружение, на седницата одржана на 23.09.2014 година го донело Правилникот за распределба на авторските надоместоци, којшто е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 од 24 септември 2014 година.
Овој правилник е изменуван и дополнуван повеќе пати и тоа: Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2016); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022) кој е поништен со Одлука У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија; Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023); Правилник за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024); Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024) и Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2025).
Согласно со член 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, овој правилник ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).
Според член 2 став 1 точки 1-4 од Правилникот, ЗАМП е организација за колективно управување на авторските музички права на носителите на права која согласно со Решение за давање дозвола на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр.54-54-5454/1 од 03.04.2011 година објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/11 од 10.05.2011 година, ги управува следните права: 1. Умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми; 2. Јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување; јавно пренесување; радиодифузно емитување; реемитување и ставање на располагање на јавноста); 3. Кабелско реемитување на музички несценски дела; 4. Надомест од правото на следство на оригинал (ракопис) на музички дела. Согласно со став 2 на овој член, ЗАМП во случаите на единствените надоместоци согласно ЗАПСП а предвидени во Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување посебен договор или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права.
Во член 39 од Правилникот е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.
IV
Здружението за заштита на авторски музички права, согласно со член 144 став 1 од Законот, има законско овластување да донесе општ акт за распределба на надоместоците со кој ќе ги разработи законските одредби за нивна практична примена. Меѓутоа, подзаконскиот акт мора да остане стриктно во рамки на Законот и е правно неосновано да содржи одредби коишто создаваат нови материјални критериуми со кои се менува законскиот концепт на распределба на авторските надоместоци или се овозможува различен третман на носителите на правата.
Анализата на наведените законски одредби покажува дека во рамки на Законот се прави разлика помеѓу определувањето на висината на надоместокот што корисниците го плаќаат кон организацијата и распределбата на веќе прибраните средства на носителите на права. Овие две фази се меѓусебно поврзани, но имаат и суштинска разлика.
Определувањето на висината на надоместокот што корисниците го плаќаат кон организацијата е регулирано со член 66 насловен „Определување надоместок“ и член 138 насловен „Определување на висината на надоместоците“ од Законот, додека распределбата на веќе прибраните средства на носителите на права е регулирана во членовите 144 и 145 со наслов „Распределба на надоместоците“ од Законот.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 41 став 1 од Правилникот, во корелација со содржината на наведените законски одредби, Судот оцени дека наводите се основани.
Имено, критериумите утврдени во оспорената одредба од Правилникот (комерцијална цел на користење, големина и карактер на публиката, географски опсег на медиумот, фреквенција и интензитет на користење и технолошкиот контекст на користењето), врз основа на кои се врши распределба на веќе прибраните средства на носителите на права, не се предвидени во член 144 став 2 од Законот како критериуми за распределба на авторските надоместоци, а истите имаат суштинска улога во определувањето на висината на средствата што ќе им се исплатат на носителите на права.
Со критериумите предвидени во оваа одредба, се воспоставува нов модел на распределба на авторските надоместоци, различен од моделот заснован во закон, што според Судот претставува повреда на член 144 став 2 од Законот, како и на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, бидејќи е правно неосновано со подзаконски акт, на различен начин, да се регулира правно прашање што на експлицитен начин е веќе регулирано во закон.
Со оспорената одредба, исто така, се создава нееднаквост помеѓу носителите на правата, спротивно на член 9 од Уставот.
Имено, различната висина на надоместокот, по автоматизам не подразбира повреда на начелото на еднаквост доколку користењето на делата е различно. Повреда на ова начело постои во случај кога двајца автори се наоѓаат во иста или споредлива фактичка и правна положба, односно кога нивните дела се користени во ист или еднаков обем и времетраење, а се вреднуваат различно врз основа на околности коишто не се поврзани со самото користење на делото.
Поради фактот дека со оспорената одредба се овозможува за две авторски дела користени еднаков број пати и со еднакво времетраење, едниот автор – носител на правото во однос на другиот, да добива повисок надомест, без да постои објективна и оправдана причина, само затоа што неговото дело било користено од корисник со поголема комерцијална моќ, поголема публика, поголем географски опсег, различни фреквенции и интензитет или различен технолошки контекст, во околности кога надоместоците согласно со законските одредби треба да се распределуваат согласно со користењето на делото и времетраењето, според Судот, се создава неоправдана нееднаквост помеѓу авторите, односно повреда на член 9 од Уставот.
Покрај ова, Судот изрази сомнеж и за согласноста на оспорената одредба со правото на сопственост, загарантирано со член 30 став 1 од Уставот.
Правото на авторот да оствари материјална корист од користењето на своето авторско дело претставува имотно право поврзано со авторското право и при распределбата на авторските надоместоци неопходнo е да се обезбеди заштита и на економската компонента на авторското право.
Имено, Судот оцени дека со критериумите утврдени во оспорениот член 41 став 1 од Правилникот, се овозможува различно вреднување на исто авторско дело, што негативно влијае врз економската карактеристика на авторското право односно стекнување несоодветен надоместок од користењето на делото.
Во однос на член 46 став 1 од Правилникот, со кој се уредува пресметката на авторскиот надоместок, имајќи ги предвид, покрај другите, и критериумите од член 41 став 1 од истиот акт, а коишто не се содржани во законските одредби, Судот смета дека основано може да постави прашањето за неговата согласност со член 144 став 2 од Законот, како и со член 51 од Уставот, имајќи го предвид образложението коешто се однесува на член 41 став 1 од овој правилник.
Судот, исто така, изрази сомнеж за согласноста на член 46 став 2 од Правилникот, со цитираните уставни и законски одредби, поради причините наведени подолу.
Од содржината на оваа одредба, може да се констатира дека истата има технички карактер, односно само ја утврдува вредноста за 1 (една) минута траење на авторско музичко дело со коефициентот 1 (еден), кој го утврдува Собранието по предлог на Управниот одбор, но истата, е во директна врска со член 41 став 1 од Правилникот. Фактот што со истата се овозможува различно вреднување на исто или еднакво користење на авторските дела, бидејќи е во директна врска со член 41 став 1 од Правилникот, којшто содржи критериуми, што не се содржани во закон, е доволен аргумент пред Судот основано да се постави прашањето за нејзината согласност со член 144 став 2 од Законот за авторското право и сродните права, како и со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 51 од Уставот.
Дополнителен аргумент, дека оспорените одредби од Правилникот не се во согласност со цитираните уставни и законски одредби, е оспорената одлука, којашто е донесена врз основа на член 46 став 1 в.в. став 1 од Правилникот, со која се операционализирани критериумите утврдени во членовите 41 и 46 од овој акт, и врз основа на нив, се овозможува различно вреднување на користено авторско музичко дело.
Во однос на прашањето за подобноста на оспорената одлука за уставно-судска оцена, Судот оцени дека нејзината содржина односно материјалниот аспект на истата е од суштинско значење за одлучување за нејзина подобноста од страна на Судот.
Имено, истата содржи општи норми коишто се однесуваат на неопределен број граѓани и произведуваат правни и економски последици. Поради фактот дека станува збор за акт од општ јавен интерес, Судот оцени дека истата е подобна за уставно-судска оцена.
Критериумите утврдени во Одлуката, претставуваат операционализација на критериумите утврдени во членовите 41 и 46 од Правилникот, коишто се однесуваат на распределба на авторските надоместоци и се различни од утврдените критериуми во член 144 став 2 од Законот.
Со оглед на тоа дека Одлуката содржи критериуми коишто во Законот не се утврдени како критериуми за распределба на авторските надоместоци, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на истата со член 144 став 2 од Законот.
Критериумите утврдени во Одлуката овозможуваат исти или еднакво користени авторски дела да бидат различно вреднувани без оправдани причини, што доведува до создавање на нееднаквост на авторите, спротивно на член 9 од Уставот.
Покрај ова, Судот оцени дека различното вреднување на исти или еднакво користени авторски дела истовремено има влијание и врз обемот на материјалните права на авторите, со што основано се поставува прашањето за нејзината согласност со член 30, во врска со член 47 став 2 од Уставот.
По однос на предлогот во иницијативата за донесување решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби од Правилникот и оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 37 став 1 од Актот на Судот, од причина што не постојат околности за настанување тешко отстранливи последици.
Имајќи го предвид наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 41 став 1 и член 46 ставови 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и Одлуката бр.0201-1642/2 од 29.12.2025 година, донесена од Собранието на ЗАМП, со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот, како и со член 66 став 1 и член 144 став 2 од Законот за авторското право и сродните права.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски