У.бр.72/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.72/2025
Скопје, 23.09.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Мери Дика-Георгиевска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 став 1 алинеја 6 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 23 септември 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА неуставност и незаконитост на член 3 став 22 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.26/2025), во време на важењето.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ АД Битола, преку извршниот директор Весна Белешовска-Бунтеска, со Решението У.бр.72/2025 од 13 мај 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и членовите 51 и 55 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 3 став 22 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 26/2025), е уредено дека вкупниот максимален износ на директни плаќања по корисник пресметан во зависност од големината на површината на земјоделско земјиште, единицата земјоделски производ и бројот на грла добиток од подмерките од оваа уредба не може да биде поголем од 30.000.000 денари по корисник збирно за подмерките: 1.1., 1.2., 1.3., 1.4., 1.5., 1.6., 1.7., 1.8., 1.9., 1.10., 1.11., 1.12., 1.13., 1.14., 1.15. и 1.16. од оваа уредба и 30.000.000 денари по корисник збирно за подмерките 2.1., 2.2., 2.3., 2.4., 2.5., 2.6., 2.7., 2.8., 2.9., 2.10., 2.11., 2.12, 2.13., 2.14., 2.15. и 2.16. од оваа уредба.

III

Владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, според член 51 од Уставот.

Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Со Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2010, 53/2011,126/2012 15/2013, 69/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015, 83/2015, 154/2015, 11/2016, 53/2016, 120/2016, 163/2016, 74/2017, 83/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.152/2019, 244/2019, 275/2019, 110/2021, 123/2022, 65/2023 и 218/2024), се уредуваат планирањето на развојот на земјоделството и руралниот развој, целите на националната земјоделска политика, планирање, следење и процена на националната земјоделска политика, партнерство со социјални и економски партнери од областа на земјоделството, мерките за уредување и поддршка на земјоделски пазари, директни плаќања и рурален развој, државната помош во земјоделството и руралниот развој, формите на организирање и здружување во земјоделството и контролата на спроведување на мерките и надзорот над спроведувањето.

За спроведување на целите од член 3 на овој закон, Владата на Република Северна Македонија донесува национална стратегија за земјоделство и рурален развој.

Според член 8 од Законот, Владата на предлог на министерот донесува повеќегодишна програма за користење на финансиските средства од инструментот за претпристапна помош за развој на земјоделството и руралниот развој од Европската Унија во согласност со склучените договори и спогодби со Европската Унија за користење на инструментите за претпристапна финансиска помош и планските документи на Европската Унија.

Во член 47 ставови 1 и 2 од Законот е уредено дека директни плаќања се мерка за поддршка на доходот на земјоделските стопанства кои се исплаќаат на земјоделските стопанства и тоа по површина земјоделско земјиште, единица земјоделски производ и грло добиток. Висината на директните плаќања од став 2 се утврдува во зависност од видот на културата, видот, класата и квалитетот на земјоделскиот производ и видот на добитокот. Ставовите 4 и 5 од истиот член уредуваат дека правото на директните плаќања може да се ограничи со располагање на минимум површина земјоделско земјиште и/или број на грло добиток и/или минимум единица земјоделски производ од страна на корисниците од член 14 на овој закон. Максималниот износ на директните плаќања по корисник може да се ограничи во зависност од големината на површина на земјоделско земјиште, единицата земјоделски производ и број на грло добиток со кои располага корисникот.

Поблиските критериуми од ставовите 2, 3 и 4 на овој член, корисниците од член 14 на овој закон по одделни мерки, максималните износи од став 5 на овој член и начинот на директните плаќања, годишно ги пропишува Владата на предлог на министерот, според став 6 од истиот член.

Законот, прецизно ја предвидел политиката на директни плаќања одделно по површина земјоделско земјиште, согласно со член 52 од Законот, пресметка на директните плаќања по грло добиток согласно со член 54 од Законот и пресметувањето на висината на директни плаќања по единица производ, согласно со член 59 од истиот закон.

IV

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 2 од Уставот, во конкретниот случај, Судот ја ценеше оспорената одредба од Уредбата од аспект на нејзината соглaсност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и членовите 51 и 55 од Уставот, како и согласноста со погоре изнесените одредби од Законот за земјоделство и рурален развој.

Врз основа на член 47 став 6 од Законот, Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 4 февруари 2025 година, донела Уредба со која се пропишуваат поблиските критериуми за директните плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година.

Со член 3 од Уредбата насловен „Начин на директни плаќања“, во оспорениот став 22, се определува дека вкупниот максимален износ на директни плаќања по корисник пресметан во зависност од големината на површината на земјоделско земјиште, единицата земјоделски производ и бројот на грла добиток од подмерките од оваа уредба, не може да биде поголем од 30.000.000 денари по корисник, збирно за наведените подмерки.

Оспорената одредба од Уредбата ги уредува директните плаќања на вкупниот максимален износ за сите добра по корисник збирно, наместо максимален износ за секое добро поединечно по корисник за секој вид подмерка.

Оттука, произлегува дека Владата, во оспорениот дел од Уредбата, го утврдила максималниот износ на директни плаќања по корисник збирно за сите подмерки спротивно на одредбите од Законот за земјоделство и рурален развој и целите на националната земјоделска политика. Овој начин на кумулативно ограничување на вкупен износ на плаќања по корисник, не е во согласност со принципот на еднаквост на пазарните субјекти, бидејќи не овозможува рамноправна распределба на финансиската поддршка за секоја дејност одделно, а со тоа е и спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото како уставна темелна вредност којашто има за цел создавање услови за функционирање и развој на стопанството, а државата треба да биде гарант на оваа слобода како регулатор на економските текови во стопанството.

Судот утврди дека со воведеното ограничување на директни плаќања по корисник збирно, нарушено е начелото на правна сигурност кај засегнатите субјекти, од причина што корисниците легитимно очекувале да добијат утврдена сума на директни плаќања за секоја подмерка одделно согласно со членовите 52, 54 и 59 од Законот за земјоделство и рурален развој. Дотолку повеќе што со годишните уредби за директни плаќања до 2017 година бил создаден еден правен стандард во креирање на политиките за директни плаќања. Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од Уредбата, Владата воведува ограничување по корисник на директни плаќања, иако условите од Законот не се промениле, со што се нарушил правниот континуитет.

Правната сигурност како еден од клучните елементи на владеењето на правото ја подразбира сигурноста на субјектите во нивната правна положба, како и забрана јавните власти да воведуваат мерки со кои би ја влошиле, односно би ја направиле понеповолна правната положба за сите субјекти. Во конкретниот случај, во ситуација кога не се изменети условите предвиден со Законот, со годишната уредба се воведува ново ограничување, коешто го нарушува создадениот правен континуитет со претходните уредби до 2017 година, кога не бил пропишан збирен износ по корисник за сите предвидени подмерки. Обезбедувањето на сигурноста на правната положба нужно бара заштита и почитување на стекнати права врз основа на закон.

Со оглед на тоа дека законодавецот ги определил целите на националната земјоделската политика, пропишал надлежен орган за планирање, следење на спроведувањето и проценка на влијанието на мерките и инструментите на политиките за уредување и поддршка на земјоделски пазари, директни плаќања и рурален развој, нивната натамошна разработка преку пропишувањето на поблиски критериуми за остварување на ова право, висината и начинот на директни плаќања со оспорениот подзаконски акт донесен од страна на Владата треба да биде во рамки на Законот, што не е случај со оспорената уредба, поради што истата не е во функција на операционализација на Законот.

Врз основа на претходно изнесеното, Судот оцени дека член 3 став 22 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2025 година, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и членовите 51 и 55 од Уставот, во време на важењето.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваa одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски