Скендер: Транспарентноста не смее да се поистоветува со прејудицирање и коментирање на одлуките

Судијата на Уставниот суд, м-р Фатмир Скендер се обрати на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, што се одржа во Охрид во периодот 16–17 септември. Во контекст на транспарентното работење на Уставниот суд, тој посочува и на потребата од внимателност при јавните седници, особено за да не се прејудицираат одлуките пред нивното донесување. Според него, одлуките на Судот треба да се оценуваат преку нивните образложенија и правната аргументација содржана во нив.

„ Независноста на судијата пред сè значи способност да се спротивстави на секое надворешно влијание и да остане доследен на својот став, без оглед на притисоците или околностите. Судијата мора да има интегритет и храброст да одлучува врз основа на Уставот и правото, а не според очекувањата на јавноста или на кој било друг. Кога станува збор за транспарентното работење Уставниот суд, како битен елемент за довербата на судот, при расправа за предметите на самите седници кои се јавни и се емитуваат во живо, по мое мислење потребно е да бидеме многу внимателни да не ги прејудицираме одлуките пред истите да бидат донесени. Впрочем тое е обврска која е пропишана со актот на судот, каде е кажано дека при одлучувањето во судот јавноста е исклучена. Според мое мислење одлуките кои ги донесуваат судовите, па и Уставниот суд не треба да се коментираат. Ова од причина што коментарот на одлуката што ја носи Судот е во самото образложение засновано на правната аргументација”, изјави Скендер.