Павловска-Данева: Довербата почнува од независноста и се потврдува преку интегритетот на судиите и транспарентноста на институцијата

Судијката на Уставниот суд, проф. д-р Ана Павловска-Данева, се обрати на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, што се одржа во Охрид, во периодот 16-17 септември 2026 година. Во своето излагање таа се осврна на меѓусебната поврзаност на независноста, стручноста, интегритетот и транспарентноста како клучни предуслови за градење доверба во уставното судство, нагласувајќи дека независноста мора да биде видлива и препознатлива и за граѓаните.

„Ако зборуваме за механизмите што можат да доведат до поголема доверба во уставните судови, тие мора да се разгледуваат како меѓусебно поврзани елементи. Првиот и основен предуслов е независноста на Судот , способноста да се одбие политичкото влијание и да се постават јасни граници кон секој што де обидува да изврши таков вид на влијание или “насочување” на работата на судијата. Но независноста не може да се одржи без стручност, компетентност и личен интегритет на судиите, затоа што токму судијата со знаење и интегритет може доследно да ги брани тие граници. Конечно, сите овие квалитети мора да станат видливи за јавноста, а тоа е можно само преку транспарентност. Секој уставен суд треба, во рамките на сопствената правна традиција, институционални можности и ресурси, да најде начин своето работење и своите одлуки да ги направи достапни и разбирливи за граѓаните. Само така независноста, стручноста и интегритетот се претвораат во доверба“, изјави судијката Павловска-Данева.