У.бр.160/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.160/2025
Скопје, 15 јули 2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 во делот „трошоците“ од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2021).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 во делот „трошоците“ од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, бидејќи смета дека истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека не е спорно оти со Законот се уредуваат условите и постапките за преземање дејствија од страна на царинскиот орган кога постојат оправдани причини за сомневање дека стоката ги повредува правата од интелектуална сопственост, ниту дека при привремено задржување на стоката или одложување на нејзиното пуштање во слободен промет настануваат трошоци за чување, складирање и други поврзани активности.

Според наводите во иницијативата, спорно е тоа што со оспорената одредба не се предвидени критериуми, параметри или мерила врз основа на кои би се пресметувале овие трошоци, поради што нивното определување се остава на слободна и арбитрарна оценка.

Подносителот смета дека ваквата законска поставеност создава можност трошоците за чување, складирање и поврзаните активности да бидат определени во неоправдано високи износи, дури и во значителен несразмер во однос на царинските и другите давачки што се плаќаат при увоз на стоката.

Во иницијативата се наведува дека во таков случај носителот на правото би бил изложен на товар што фактички би имал карактер на санкција, иако за тоа не се пропишани јасни законски основи и граници.

Дополнително, се истакнува дека поради непостоење законски параметри, различни видови стоки би можеле нееднакво да се третираат при пресметувањето на трошоците, односно исти стоки да се третираат различно, а различни стоки да се третираат исто, што според подносителот, ја доведува во прашање правната сигурност како составен елемент на начелото на владеење на правото.

Поради тоа, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и истиот да го укине како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 33 став 1 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2021), носителот на правото ги надоместува трошоците настанати од царинските органи од моментот на задржувањето или одложување на пуштањето на стоките, вклучувајќи складирање на стоките и активности поврзани со нив, согласно член 19 став 1, член 20 став 1 и член 22 став 2 и став 3 од овој закон, како и трошоци за уништување на стоките во согласност со членовите 26 и 29 од овој закон.

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија пропишана во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот .

Согласно со член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во став 2 од истиот член е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 1 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2021), е определено дека со овој закон се уредуваат условите и постапките за преземање дејствија од страна на царинскиот орган кога постојат оправдани причини за сомневање дека стоката ги повредува правата на интелектуална сопственост, е или треба да биде предмет на царински надзор или царинска контрола во царинското подрачје на Република Северна Македонија согласно царинските прописи во случаите кога:
а) е декларирана за пуштање во слободен промет, извоз или повторен извоз;
б) се внесува или изнесува од царинското подрачје на Република Македонија или кога е ставена во постапка на транзит;
в) е ставена во постапка на царинско складирање, увоз за облагородување, преработка под царинска контрола или привремен увоз, или која е ставена во слободна зона или слободен склад во согласност со царинските прописи.

Во член 2 став 1 од истиот закон е определено дека овој закон не се применува за стока пуштена во слободен промет наменета за крајна употреба. Според став 2 од истиот член овој закон не се применува за стока од некомерцијална природа која се наоѓа во личниот багаж на патниците. Во став 3 од овој член е определено дека овој закон не се применува на стока што е произведена со согласност на носителот на правото или за стока произведена од лице кое е овластено од носителот на правото да произведе одредена количина на стока, над договорената количина помеѓу тоа лице и носителот на правото. Одредбите од овој закон не ја исклучуваат примената на прописите со кои се регулира заштитата на правата од индустриска сопственост, авторското право и други сродни права, или прописите во врска со кривичните постапки, според став 4 од истиот член.

Во член 5 од овој закон е утврдено дека барање за преземање царински дејствија за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост имаат право да поднесат следните лица и субјекти: носители на правото, физички или правни лица овластени да ги користат правата на интелектуална сопственост, или застапници кои се овластени од страна на носителот на правото да започнат постапка со цел да се утврди дали е повредено правото на интелектуална сопственост и групи на производители предвидени за географски ознаки кои ги претставуваат производителите на производи со географска ознака, односно претставниците на овие групи и стопански субјекти кои имаат право да ја користат географската ознака, како и надлежни органи или органи одговорни за таквата географска ознака согласно закон.

Според член 6 став 1 од овој закон, за преземање дејствија од член 5 од овој закон, барателот е должен во барањето за преземање царински дејства да даде изјава согласно со став 2 на овој член и доказ дека барателот е носител на правото за предметната стока. Во став 2 од истиот член е пропишано дека со изјавата од став 1 на овој член, носителот на правото или овластеното лице презема одговорност кон лицата вклучени во еден од случаите од членот 1 став 1 на овој закон, кога постапката започната согласно со членот 19 од овој закон е прекината заради дејствие или пропуст на носителот на правото или кога е утврдено дека предметната стока не повредува право од интелектуална сопственост. Со изјавата носителот или овластеното лице, исто така, се согласува да ја подмири штетата, согласно со член 32 како и сите трошоци настанати согласно со член 33 од овој закон.

Во член 18 став 1 од истиот закон е пропишано ако носителот на правото ги користи информациите обезбедени од страна на царинскиот орган за цели различни од оние утврдени во член 24 од овој закон или истите ги злоупотреби, Царинската управа нема да постапува по прифатеното барање и ќе одбие да го продолжи периодот во кој царинскиот орган треба да преземе дејствие. Според став 2 од овој член, Царинската управа нема да постапува по прифатеното барање за преземање царински дејствија до истекот на периодот на неговата важност, доколку носителот на правото: не ги исполнува обврските за известување утврдени во член 17 од овој закон, не ја исполнува обврската за враќање на мостри во согласност со член 22 став 3 од овој закон, не ги исполнува обврските во врска со трошоците утврдени во член 33 од овој закон и без оправдана причина, не поведува постапки согласно со член 26 став 5 или член 29 став 9 од овој закон.

Член 32 од овој закон е насловен „Одговорност на носителот на правото“ и во став 1 е определено доколку постапката која е започната во согласност со овој закон е прекината поради дејствија или пропусти на носителот на правото, и кога се земаат мостри во согласност со член 22 став 2 од овој закон и не се враќаат или се оштетени и неупотребливи поради било кое дејствие или пропуст на носителот на правото, или доколку подоцна се утврди дека предметната стока не ги повредува правата на интелектуална сопственост, носителот на правото е одговорен спрема декларантот, сопственикот или лицето кое ја поседува стоката за претрпената штета, согласно закон. Според став 2 од овој член, доколку носителот на правото не постапува согласно со членот 26 став 2 од овој закон, царинските органи нема да постапуваат по прифатеното барање за преземање на царински дејствија. Во овој случај носителот на правото го губи правото да поднесе ново барање за преземање на царински дејствија за истото право од интелектуална сопственост, во рок од една година.

Член 33 од овој закон е насловен „Трошоци“ и во став 1 е пропишано дека носителот на правото ги надоместува трошоците настанати од царинските органи од моментот на задржувањето или одложување на пуштањето на стоките, вклучувајќи складирање на стоките и активности поврзани со нив, согласно член 19 став 1, член 20 став 1 и член 22 став 2 и став 3 од овој закон, како и трошоци за уништување на стоките во согласност со членовите 26 и 29 од овој закон. Според став 2, носителот на правото кој е информиран за одложување на пуштањето или задржувањето на стоките, на негово барање, добива информации од царинскиот орган за тоа каде и како тие стоки се чуваат и за проценетите трошоци за складирање од став 1 на овој член. Информациите за проценетите трошоци може да се изразат во однос на времето, производот, количината, тежината или услугата, во зависност од околностите на складирање и природата на стоката. Носителот на правото може да бара надомест од сторителите на повреди или од друго лице во согласност со закон, согласно со став 3 од овој член.

IV

Подносителот на иницијативата ја темели својата аргументација на ставот дека со Законот за царински мерки за спроведување заштита на правата од интелектуална сопственост не се пропишани параметри врз основа на кои се пресметуваат трошоците за чување, складирање и активностите поврзани со задржаната стока, поради што се остава простор тие да се утврдуваат арбитрарно, што според него ја доведува во прашање правната сигурност како елемент на начелото на владеење на правото.

Пред сè, овој закон системски ја уредува постапката за заштита на правата од интелектуална сопственост преку царински мерки, при што во член 1 јасно се определува неговата цел, а тоа е воспоставување услови и постапки за дејствување на царинските органи при сомневање за повреда на овие права . Оваа цел е во функција на заштита на правниот поредок, економијата и потрошувачите, што претставува легитимен јавен интерес.

Во рамки на ова уредување, законодавецот воспоставил систем на права и обврски на носителот на правото. Од анализата на наведените одредби од истиот закон, произлегува дека обврската за надоместување на трошоците е поврзана со постапката која се спроведува по барање на носителот на правото, односно лицето кое бара од царинските органи да преземат дејствија заради заштита на правата од интелектуална сопственост. Така, уште при поднесување на барањето, носителот на правото дава изјава со која презема одговорност не само за евентуална штета, туку и за сите трошоци коишто ќе настанат во постапката, вклучувајќи ги и трошоците за чување и складирање на стоката. Ова значи дека обврската за трошоци претставува однапред прифатен услов за активирање на механизмот на заштита.

Исто така, од наведените одредби од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, произлегува дека царинските органи не ги утврдуваат самостојно трошоците за складирање, бидејќи чувањето на стоката се врши во складови што функционираат согласно со царинските прописи и имаат статус на јавни царински складови, при што висината на трошоците произлегува од услугата што ја вршат тие складишта, а не од дискрециона одлука на царинскиот орган.

Во таа смисла, обврската носителот на правото да ги надомести трошоците претставува логична последица од фактот што токму тој ја иницира постапката за преземање царински дејствија за заштита на неговото право.

Дополнително, Законот предвидува и одговорност на носителот на правото за штета во случаи кога ќе се утврди дека нема повреда или кога постапката е неосновано иницирана, како и последици ако не ги исполни обврските поврзани со трошоците. Ова укажува дека законодавецот воспоставил баланс помеѓу правото на заштита и одговорноста за користење на тој механизам.

Во конкретниот случај, од особено значење е фактот дека трошоците не ги утврдува царинскиот орган по слободна дискреција, туку тие произлегуваат од реални услуги како складирање, ракување, уништување, коишто ги обезбедуваат субјектите надвор од органот, односно јавните царински складови. Оттука, не може да стане збор за арбитрарно утврдување на јавна давачка, туку за надомест на реално настанати трошоци.

Темелната вредност владеење на правото бара правните норми да бидат јасни и предвидливи. Во таа насока, наводите дека со оспорената одредба се повредува оваа темелна вредност, Судот оцени дека се неосновани, бидејќи во конкретниот случај висината на трошоците по природа зависи од конкретни факти. Законодавецот токму тоа го направил, односно ја утврдил обврската, субјектот, како и видот на трошоците, додека нивната висина ја условил со објективни услови.

Легитимната цел на оспорената одредба е да се обезбеди ефикасно функционирање на системот за заштита на правата од интелектуална сопственост преку царински мерки, како и да се спречи неоправдано оптоварување на државата со трошоци за постапки коишто се иницирани во приватен интерес.

Од направената анализа, произлегува дека обврската за трошоци се јавува само кога се преземаат конкретни дејствија во интерес на носителот на правото.

Трошоците се ограничени на реално настанати активности и
носителот на правото доброволно ја презема оваа обврска со поднесување на барањето. Воедно, постои можност за нивно префрлање на сторителот на повредата, со што се воспоставува разумен баланс помеѓу јавниот интерес и интересите на носителите на правата.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, фактот дека параметрите за пресметување на трошоците не се утврдени во самиот закон, не ја прави законската одредба нејасна, непрецизна или произволна, ниту претставува повреда на темелната вредност владеење на правото. Наводите во иницијативата во суштина се однесуваат на практичните последици од примената на законското решение и на евентуалната висина на трошоците, што претставува прашање на примена на Законот, а не на неговата уставност.

Поради сето погоре наведено, Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски