У.бр.187/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.187/2025
Скопје, 15.07.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 76 став 2 во делот „езера” и член 192 од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија” бр. 67/2004, 14/2006; 84/2007, 35/2010, 47/2011, 148/2011, 59/2012, 13/2013, 163/2013, 41/2014, 146/2015, 39/2016, 63/2016 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 151/2021 и 3/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредба и одредба од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите од иницијативата, делот „езера” од член 76 став 2 и член 192 од Законот за заштита на природата се спротивни на член 8 став 1 алинеја 10 и член 56 ставови 1 и 3 од Уставот.

Делот „езера” од одредбата, се оспорува со наводи дека е преопшт и генерализиран поим којшто во себе ги опфаќа сите езера кои се наоѓаат на територијата на Република Северна Македонија, вклучувајќи ги и Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, а Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро по својата суштина и есенција дава посебен приоритет само на овие три езера.
Член 192 од Законот, според кој „Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро ќе престане да важи во рокот утврден со членот 187 став 2 на овој закон, а најдоцна со донесувањето на актот за нивно прогласување како заштитени подрачја”, се оспорува со наводи дека донесувањето акти не може да замени закон којшто е посилен во правото од подзаконскиот акт.

Од наведените причини, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на делот „езера” од член 76 став 2 и член 192 од Законот, и истите да ги поништи. Воедно, согласно со член 37 од Актот на Судот, се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените содржини од одредбите.

II

На седницата Судот утврди дека според член 76 став 2 од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија” бр. 67/2004, 14/2006, 84/2007, 35/2010, 47/2011, 148/2011, 59/2012, 13/2013, 163/2013, 41/2014, 146/2015, 39/2016, 63/2016 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 151/2021 и 3/2025), споменици на природата се: езера, реки, клисури, водопади, извори, пештери, формации на карпи, геолошки профили, минерали и кристали, фосили, ретки или автохтони дрвја и грмушки кои се одликуваат со голема старост и специфични хабитуелни карактеристики, како и ограничени мали подрачја на ендемски и ретки животински или растителни заедници значајни по својата научна вредност.

Судот, исто така, утврди дека според член 192 од истиот закон, Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро ќе престане да важи во рокот утврден со член 187 став 2 на овој закон, а најдоцна со донесувањето на актот за нивно прогласување како заштитени подрачја.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според став 3 од истиот член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според член 1 став 1 од Законот за заштита на природата, со овој закон се уредува заштитата на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и заштита на природното наследство, во заштитени подрачја и надвор од заштитени подрачја, како и заштитата на природни реткости.

Член 6 точка 10 од Законот, уредува дека план за управување со заштитеното подрачје е плански документ во кој субјектот задолжен за работите на управување со заштитеното подрачје ги планира мерките и активностите за заштита на природното наследство. Според точка 51 од истиот член, ревалоризација е стручно и научно проценување на вредностите на природното наследство во функција на потврдување, проширување, зајакнување или намалување на досегот и дејството на заштита, вклучувајќи го изземањето или престанувањето на заштитата. Согласно со точка 60 од истиот член, заштитено подрачје е географско подрачје со точно дефинирани граници кое има статус признаен и утврден со закон или друг правен акт и е прогласено за заштитено подрачје заради остварување на долгорочна заштита и управување преку преземање на правни и други мерки, а со цел за постигнување на целите на зачувување на природата, продолжување на функциите на екосистемот и со него поврзаните културни вредности.

Според член 55 став 1 од Законот, водите и водните живеалишта, во смисла на овој закон, претставуваат природно богатство и се зачувуваат во нивната природна состојба, а според став 2 од истиот член, водните живеалишта ги вклучуваат езерата, акумулациите, барите, мочуриштата и други водни површини, како и извори, потоци, реки и други водотеци со крајбрежниот појас кој не е помал од 10 метрa од бреговата линија утврдена при постоење на највисок водостој.

Согласно со член 65 став 1 од Законот, системот на заштитени подрачја се состои од заштитени подрачја и подрачја предложени за заштита.

Со член 66 став 1 од Законот, се утврдени шест категории на заштитени подрачја, од кои во првата категорија спаѓаат – строг природен резерват и подрачје на дивина, во втората категорија – национален парк, во третата категорија – споменик на природата, во четвртата категорија – парк на природата, во петтата категорија – заштитен предел и во шестата категорија спаѓа повеќенаменско подрачје.

Според член 76 став 1 од Законот, споменик на природата е дел на природата со една или повеќе природни карактеристики и специфични, загрозени или ретки обележја, својства или форми и има посебна научна, културна, воспитно-образовна, духовна, естетска и/или туристичка вредност и функција. Според став 2 од истиот член, споменици на природата се: езера, реки, клисури, водопади, извори, пештери, формации на карпи, геолошки профили, минерали и кристали, фосили, ретки или автохтони дрвја и грмушки кои се одликуваат со голема старост и специфични хабитуелни карактеристики, како и ограничени мали подрачја на ендемски и ретки животински или растителни заедници значајни по својата научна вредност.

Со одредбите од член 92 до член 97 од Законот, е уредена постапката за прогласување на заштитено подрачје.

Според член 92 став 1 од Законот, строгите природни резервати, подрачјата на дивина, националните паркови, спомениците на природата и парковите на природата се прогласуваат за заштитено подрачје со закон.

Согласно со член 97 (привремена заштита) став 1 од Законот, деловите на природата за кои се води постапка за нивно прогласување за заштитено подрачје, се ставаат под привремена заштита. Според став 2 од истиот член, решение за привремена заштита на деловите на природата од став 1 на овој член, го донесува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштитата на природата. Согласно со став 3 од истиот член, привремената заштита трае една година од денот кога е донесено решението од став 2 на овој член, или најдоцна до донесувањетo на актот за прогласување на заштитено подрачје.

Со одредбите од член 98 до член 102-а од Законот, се уредува донесувањето на плановите за управување со заштитени подрачја, важноста на плановите за управување со заштитени подрачја, хармонизирање на плановите за управување со мерките и активностите за заштита, постапката за донесување на плановите за управување со заштитените подрачја, контролата врз спроведувањето на плановите за управување со заштитените подрачја и одржливо користење на природните ресурси.
Според член 99 став 1 од Законот, плановите за управување со заштитените подрачја се донесуваат за период од десет години, а најдоцна во рок од две години од денот на прогласувањето на заштитено подрачје.

Согласно со член 187 став 1 од Законот, во рок од шест години од денот на отпочнувањето на примената на овој закон, надлежниот орган за вршење на стручни работи за заштитата на природата ќе изврши ревалоризација на заштитените подрачја, заштитени пред денот на отпочнувањето на примената на овој закон и ќе изготви нови акти за прогласување во согласност со одредбите за отпочнувањето на примената на овој закон. Според став 2 од истиот член, до донесувањето на плановите за управување, субјектите задолжени за вршење на работите на управувањето со заштитените подрачја, донесуваат акти, кои ги содржат основите на планот за управување, за привремено регулирање на управувањето.

Со член 192 од Законот, е уредено дека Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро ќе престане да важи во рокот утврден со член 187 став 2 на овој закон, а најдоцна со донесувањето на актот за нивно прогласување како заштитени подрачја.

IV

Од погоре цитираните уставни одредби произлегува дека темелната вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, нормативно е разработена со член 56 став 1 од Уставот, утврдувајќи дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон, се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Со став 3 од истиот член, Уставот упатува со закон да се уредува начинот и условите под кои определени добра од општ интерес можат да се отстапат на користење.

Посебната заштита на добрата од општ интерес за Републиката, се остварува со донесување на закони од сферата на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, меѓу кои и со Законот за заштита на природата.

Целта заради која е донесен Законот за заштита на природата е да се обезбеди сеопфатна правна рамка за интегрално регулирање на сите прашања од областа на заштита на природата како што се заштитата на биолошката и пределската разновидност, заштитените подрачја и заштитата на минералите и фосилите.

Системот на заштитени подрачја, според овој закон, се состои од заштитени подрачја и подрачја предложени за заштита.

Законот предвидува шест категории заштитени подрачја, а третата категорија ги опфаќа спомениците на природата во која согласно со член 76 став 2 од Законот, спаѓаат: езера, реки, клисури, водопади, извори, пештери, формации на карпи, геолошки профили, минерали и кристали, фосили, ретки или автохтони дрвја и грмушки кои се одликуваат со голема старост и специфични хабитуелни карактеристики, како и ограничени мали подрачја на ендемски и ретки животински или растителни заедници значајни по својата научна вредност.

Според Судот, делот „езера” од наведениот член, не е спротивен на наведените уставни одредби. Напротив истиот е израз на уставната обврска на државата да обезбеди посебна заштита на сите природни богатства на територијата на Републиката во кои неспорно спаѓаат и езера.

Околноста што во одредбата од член 76 став 2 од Законот, е употребен поимот „езера”, без поименично наведување на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, според Судот, не ја исклучува ниту ја намалува нивната заштита, ниту го доведува во прашање нивното исклучително природно, научно, културно и еколошко значење.

Во однос на член 192 од Законот, којшто уредува престанување на важење на претходно донесениот Закон за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро во рокот утврден со член 187 став 2 од овој закон, а најдоцна со донесувањето на актот за нивно прогласување како заштитени подрачја, според Судот истиот , исто така, не е спротивен на погоре наведените уставни одредби.

Станува збор за норма од преоден и усогласувачки карактер со цел интеграција на посебниот режим на заштита на езерата во единствен систем на управување со заштитени подрачја, обезбедување континуитет на заштитата без правен вакуум, воспоставување современ модел на управување преку планови за управување и акти за привремено регулирање. Престанувањето на важењето на Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е условено со воспоставување на новиот систем на управување и не резултира со намалување на степенот на заштита на овие три природни богатства.

Имено, од член 187 став 1 од Законот, јасно произлегува дека од денот на отпочнувањето на примената на овој закон, обврска на надлежниот орган за вршење на стручни работи за заштита на природата, е да изврши ревалоризација на претходно заштитените подрачја, и да изготви нови акти за нивно прогласување за заштитени подрачја. До нивното прогласување за заштитени подрачја, одредбата од член 187 став 2 од Законот, уредува обврска за субјектите задолжени за вршење на работите на управувањето со заштитените подрачја, да донесуваат акти за привремено регулирање на управувањето до нивното прогласување за заштитени подрачја.

Актите од член 187 став 2 од Законот, не претставуваат замена за закон, туку се подзаконски инструменти за спроведување на законските решенија. Согласно со член 97 (привремена заштита) став 1 од Законот, деловите на природата за кои се води постапка за нивно прогласување за заштитено подрачје, се ставаат под привремена заштита. Со други зборови, тоа се акти за привремено регулирање на управувањето со претходно прогласените заштитени подрачја.

Согласно со член 92 став 1 од Законот, спомениците на природата во кои спаѓаат и езерата се прогласуваат за заштитено подрачје со закон. Во оваа смисла, оспорениот член 192 од Законот, јасно уредува дека Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро ќе престане најдоцна со донесувањето на актот за нивно прогласување како заштитени подрачја, што значи престанувањето на Законот е условено со донесување на закон како акт, а не акт во смисла на подзаконски акт како што се наведува во иницијативата.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека член 76 став 2 во делот „езера” и член 192 од Законот, не се спротивни на член 8 став 1 алинеја 10 и член 56 ставови 1 и 3 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски