
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.24/2026
Скопје, 08.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 83 став 4 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 151/2026).
О б р а з л о ж е н и е
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истата не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, член 100 став 4 од Уставот и Амандманот XXV на Уставот.
Со оспорената одредба се повредува темелната вредност – владеење на правото, бидејќи суштинско прашање поврзано со вршењето на судската функција како што е оценка на одолжувањето на судската постапка, се препушта на подзаконско уредување без законски утврдени критериуми, граници и процесни гаранции, што создава правна несигурност и овозможува дискреционо нормирање од страна на извршната власт.
На овој начин се повредува и темелната вредност на уставниот поредок – поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, затоа што извршната власт добива овластување да уредува правила за оценување на постапувањето на судовите во рамки на судската постапка, со што недозволено навлегува во суштината на судската власт и воспоставува механизам на институционално влијание врз судското постапување.
Во однос на општоприфатените норми на меѓународното право, се наведува дека според меѓународните стандарди за независност на судството, прашањата поврзани со времетраењето и водењето на судските постапки треба да бидат во надлежност на судската власт или независни судски тела, а не на органи на извршната власт.
Понатаму, со оспорената одредба се повредува Амандманот XXV на Уставот, согласно кој судската власт е утврдена како самостојна и независна, бидејќи преку подзаконско уредување од страна на Владата се создава институционална зависност на судската власт од извршната.
Исто така, се повредува и член 100 став 4 од Уставот, со кој се забранува политичко организирање и дејствување во судството, сo оглед дека овластувањето на Владата на предлог на министерот за правда, да уредува начин на испитување на одолжувањето на судската постапка претставува форма на политичко влијание врз судската функција.
II
На седницата Судот утврди дека според член 83 став 4 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018, и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 151/2026), начинот за спроведување на испитувањето на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка се уредува со подзаконски акт што го донесува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за правда.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот, владеeњето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок.
Според член 24 став 1 од Уставот, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и на нив да добие одговор.
Член 51 став 1 од Уставот, предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во став 1 на точка 1 од Амандманот XXV на Уставот со кој е заменет член 98 од Уставот на Република Северна Македонија е предвидено дека судската власт ја вршат судовите. Според ставот 2 на оваа точка, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, додека согласно со став 4 на истата точка, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Ставот 1 на точка 1 од Амандманот XXVIII на Уставот, уредува дека Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Во член 100 став 4 од Уставот е предвидено дека се забранува политичко организирање и дејствување во судството.
Согласно со став 1 на точка 1 алинеи 1-8 на Амандманот XXIX на Уставот, Судскиот совет на Република Северна Македонија: ги избира и разрешува судиите и судиите поротници; утврдува престанок на судиската функција; ги избира и разрешува претседателите на судовите; ја следи и оценува работата на судиите; одлучува за дисциплинската одговорност на судиите; одлучува за одземање на имунитетот на судиите; предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија од редот на судиите и врши други работи утврдени со закон.
Според член 1 став 1 од Законот за судовите, судската власт ја вршат судовите во Република Македонија, додека согласно со став 2 на овој член, судовите се самостојни и независни државни органи.
Согласно со член 10 став 1 алинеја 3 од овој закон, постапката пред судот се уредува со закон и меѓу другото се заснова врз начелото на судење во разумен рок.
Со член 36 став 1 од Законот за судовите, е утврдено дека странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија.
Во член 76 став 1 точка 4 од Законот е предвидено дека под нестручно и несовесно вршење на судиската функција се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето и тоа, меѓу другото ако без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите кои му се доделени во работа или на друг начин ја одолговлекува постапката.
Член 82 став 1 од Законот за судовите предвидува дека работите на правосудната управа ги врши Министерството за правда, додека според став 2 на овој член, за вршење на работите на правосудната управа, Министерството за правда комуницира со претседателот на соодветниот суд.
Според член 83 став 1 од овој закон, во делокругот на правосудната управа спаѓа обезбедувањето општи услови за вршење на судската власт, а посебно подготвување на закони и други прописи од областа на организацијата и работењето на судовите и постапката пред судовите, донесување на судски деловник, грижа за континуираната обука на судиите и судската служба, обезбедување материјални, финансиски, безбедносни, просторни и други услови за работа на судовите, вршење на работите од меѓународната правна помош, извршување на казните изречени за казниви дела, прибирање статистички и други податоци за работата на судовите, надзор над ажурното вршење на работите во судот и спроведување на судскиот деловник, надзор над спроведувањето на прописите за судски депозити и гаранции, испитување на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка или на работата на судските служби, како и други управни задачи и работи определени со закон.
За испитување на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка министерот за правда формира комисија составена од двајца претставници од Министерството за правда и еден претставник определен од Врховниот суд на Република Македонија, за што изготвува извештај согласно со став 2 на овој член.
Извештајот од ставот 2 на овој член комисијата го изготвува и го доставува до Министерството за правда во рок од 30 дена од денот на приемот на претставката или поплаката, а согласно со став 3, Министерството за правда најдоцна во рок од три дена од приемот на извештајот го доставува до Судскиот совет на Република Македонија.
Со оспорениот став 4 на член 83 од овој закон, начинот за спроведување на испитувањето на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка се уредува со подзаконски акт што го донесува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за правда.
Согласно со член 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.269/2025 и 132/2026), со истиот се уредуваат постапката за изборот и одговорноста на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија, начинот на остварување на неговите функции, изборот, престанокот и разрешувањето на судија и судија поротник, постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, следењето и оценувањето на работата на судиите, начинот на работа и одлучување и други прашања поврзани со работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија и неговата Стручна служба.
Според член 40 став 1 алинеја 6 од Законот, Судскиот совет, меѓу другото, надлежен е да одлучува за утврдување одговорност на судија и претседател на суд.
Член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019 и 96/2026), предвидува дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Во член 17 став 1 алинеи 1 и 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019-автентично толкување и 121/2024) е утврдено дека Министерството за правда, меѓу другото, ги врши работите што се однесуваат на судството, јавното обвинителство, јавното правобранителство и врши други работи утврдени со закон.
IV
Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, содржината на член 9 од Законот за извршување, релевантната уставна и законска рамка, како и правниот однос што се уредува со оваа одредба, произлезе анализата како што следи понатаму.
Притоа појдовно е прашањето за природата на правосудната управа. Членовите 82 и 83 од Законот за судовите ја позиционираат правосудната управа како збир на административни и организациски работи коишто обезбедуваат услови за функционирање на судската власт. Меѓу нив спаѓа и испитувањето на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка.
Според Судот, овие дејствија по својата правна природа не претставуваат вршење на судската функција, во смисла на одлучување за права и обврски во конкретни спорови, туку административна функција насочена кон организациска поддршка и следење на функционирањето на системот. Уставната гаранција дека судската власт ја вршат судовите и дека тие се самостојни и независни се однесува на вршењето на судската функција, односно на судењето и одлучувањето, а не на административната обработка на информации или претставки.
Во таа насока, поделбата на власта како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, според Судот, не може да се толкува како апсолутна изолација на секоја гранка од секој контакт со друга, туку како функционално разграничување на нивните суштински надлежности.
Судската власт е самостојна во вршењето на судската функција; меѓутоа, организациските и административните аспекти на нејзиното функционирање можат да бидат уредени со закон и да вклучуваат одредена улога на органи од извршната власт, се додека тие не навлегуваат во одлучувањето по конкретни предмети.
Во конкретниот случај, оспорената одредба не предвидува ниту Владата, ниту Министерството за правда да оценуваат судски одлуки, да даваат задолжителни насоки за постапување во конкретен предмет или да изрекуваат дисциплински санкции. Тие се ограничени на уредување на начинот на испитување на претставки, додека конечната оценка за евентуална одговорност останува во надлежност на Судскиот совет.
Системската поставеност на членовите 82 и 83 од Законот за судовите дополнително ја потврдува оваа оценка. Член 83 став 1 од овој закон, ги набројува работите на правосудната управа во целина: обезбедување општи услови за вршење на судската власт, надзор над ажурноста, прибирање статистички податоци, испитување на претставки и сл.
Оспорениот став 4 на член 83 од Законот, којшто се однесува на уредување на начинот на спроведување на испитувањето на претставките, мора да се чита во овој контекст, а не изолирано. Според Судот, одредбата не создава нов институт, туку ја операционализира веќе утврдената надлежност за испитување на претставки.
Во однос на улогата на Владата, уставната рамка е јасна, согласно со член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Законот за Владата на Република Северна Македонија, во член 35 предвидува дека за извршување на законите Владата донесува уредби, упатства и други акти. Оттука, самото законско овластување Владата да го уреди начинот на спроведување на испитувањето на претставките претставува пример на делегирање во рамки на извршувањето закон, а не излегување од уставниот модел. Министерот за правда има улога на предлагач, но одлуката ја носи Владата како колективен орган, што дополнително ја институционализира и ја оддалечува од индивидуална политичка интервенција.
Клучно е и прашањето за значењето на поимот „начинот“ во оспорениот член 83 став 4 од Законот за судовите. Овој поим упатува на процесна и техничка разработка на постапувањето по претставките (рокови, форма на извештај, прибирање податоци), а не на материјално уредување на дисциплинската одговорност.
Материјалната рамка за дисциплинска одговорност е содржана во Законот за судовите, конкретно во член 76 став 1 точка 4 од овој закон, каде како нестручно и несовесно вршење на судиската функција е предвидено и одолговлекување на постапката без оправдани причини. Оттука, дисциплинскиот основ не е создаден со подзаконскиот акт, туку е утврден со закон.
Во оваа насока се поставува и прашањето за непостоењето изречна законска дефиниција на поимот „одолжување на судската постапка“. Според Судот правната сигурност не бара секој описен поим да биде нормативно дефиниран со апсолутна прецизност, особено кога неговата примена е предмет на индивидуална оценка во рамки на дисциплинска постапка пред надлежен орган.
„Одолговлекувањето“ е фактичка состојба што се оценува во контекст на конкретен предмет, имајќи ги предвид роковите, сложеноста на предметот и преземените дејствија. Не постои автоматизам ниту непосредна санкција што произлегува од констатација на комисијата, туку одлуката за евентуална одговорност ја носи Судскиот совет којшто ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Особено е значајно разграничувањето меѓу механизмите од член 83 и член 36 од Законот за судовите. Втората одредба предвидува право на странката да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд каде станува збор за судска заштита на субјективно право, којашто може да доведе до утврдување повреда и до определени правни последици. Наспроти тоа, член 83 не уредува заштита на субјективно право, туку создава административен начин за обработка на претставки што евентуално може да иницира дисциплинска постапка.
Овие два механизми имаат различна правна природа, друг предмет и специфични правни последици. Постоењето дисциплински механизам не ја дерогира судската заштита на разумен рок, ниту пак создава паралелен систем на одлучување за исто право.
Во однос на член 24 од Уставот, оспореното законско решение претставува операционализација на уставно гарантираното право на претставка. Уставот не ја гарантира само можноста за поднесување претставка, туку и обврската на органите да постапат и да дадат одговор, при што член 83 став 4 од Законот за судовите обезбедува институционална форма преку која ова право се реализира.
Посебен предмет на анализа е член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот – почитување на општоприфатените норми на меѓународното право. Оваа уставна одредба упатува на норми коишто во меѓународното право имаат карактер на општо прифатени правила. Притоа, независноста на судството претставува таква општоприфатена норма и од тој аспект во конкретниот случај, не може да се утврди дека постоењето административен механизам за испитување претставки, со конечна одлука од страна на независен Судски совет, е спротивно на таа норма.
Во однос на член 100 став 4 од Уставот, којшто забранува политичко организирање и дејствување во судството, според Судот, донесувањето подзаконски акт од страна на Владата за извршување закон не може да се квалификува како политичко дејствување во судството.
Политичко дејствување подразбира партиско влијание или интервенција во вршењето на судската функција. Овде станува збор за нормативно уредување на административен аспект на правосудната управа, без влијание врз судењето во конкретни предмети.
Имајќи го предвид претходното, не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 83 став 4 од Законот за судовите со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 и член 100 став 4 од Уставот, како и со Амандманот XXV на Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски