
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.69/2025
Скопје, 17.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Предлог-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково брдо – 2“ во Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.7/2008).
Образложение
I
Велиновски Владе, преку адвокатот Ќирил Величковски од Делчево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на членовите 22, 23 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Се наведува дека при донесувањето на Одлуката, не била испочитувана уставната одредба во која е уредено правото на непосредно учество на граѓаните во одлучување за прашања од локално значење во областа на урбанизмот.
Имено, во постапката за донесување на оспорената одлука надлежниот орган не објавил повик за јавна презентација и анкета на начинот определен согласно со членовите 22, 23 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање како би можеле сите заинтересирани лица да дадат свои забелешки и предлози.
Ваквата одлука, а потоа и нејзината примена, може да доведе до неосновано ограничување и повреда на правото на сопственост.
Поради наведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
II
На седницата Судот утврди дека Одлуката за донесување на Предлог-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо – 2“ во Делчево, е донесена од страна на Советот на Општина Делчево и е објавена во „Службен гласник на Општина Делчево“ бр.7/2008.
Согласно со член 1 од Одлуката, со истата се донесува Предлог-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо –2“ во Делчево, дел од блок 1.3 во урбана единица 1 од Генералниот урбанистички план на Делчево, со опфат од 10.60 ха. дефиниран со следните граници: југозапад ул. „Бул.Македонија“ до мост на река Габровчица, југоисток од мостот на река Габровчица оди возводно по течението на река Габровчица до к.п. број 7065, североисток оди по меѓата на к.п. број 7065 и ул.„Вера Јоциќ“ и северозапад ул.„Македонска“.
Во член 2 од Одлуката е уредено дека составен дел на оваа Одлука е Предлог-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево со технички број 2378/08 и Извештај од спроведената јавна анкета број 08-508/5 од 01.09.2008 година.
Согласно со член 3 од Одлуката, урбанистичкиот план се заверува со печат на Советот на Општина Делчево и потпис на претседателот на Советот на Општината.
Во член 4 од Одлуката е уредено дека урбанистичкиот план со сите негови делови се чува и спроведува во Одделението за урбанизам, заштита на животната средина и комунални дејности на општината.
Во член 5 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Делчево“.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, се владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).
Во член 51 од Уставот е уредено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Точка 1 на Амандманот XVII на Уставот уредува дека во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Член 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2024), уредува дека единици на локалната самоуправа се општините коишто се правни лица и своите надлежности ги извршуваат преку органи избрани непосредно од граѓаните.
Во член 22 систематизиран во глава III од Законот насловена „Надлежности на општините“,се утврдени надлежностите на општините. Меѓу другото, истите се надлежни за вршење на работите од областа на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Согласно со став 2 на овој член, надлежностите од став 1 на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон, а во став 3 е уредено дека со закон се утврдуваат работите од надлежност на општината кои таа задолжително ќе ги врши.
Според член 32 став 1 од Законот, Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамки на надлежностите на општината.
Согласно со член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 137/2007 и 151/2007- исправка), истиот ги уредува условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата, како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Според член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно со член 11 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
Член 18 став 1 од Законот, уредува дека изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.
Во член 22 став 1 од Законот, е уредено дека плановите од член 7 се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Член 23 од Законот ја уредува постапката за донесување на генерален урбанистички план.
Во член 24 став 1 од Законот е уредено дека по нацртот на деталниот урбанистички план, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Понатаму во став 5 од истиот член е уредено дека јавната презентација се организира во простории и време што ќе ги определи градоначалникот на општината. Јавната анкета и јавната презентација се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Согласно со став 6 од истиот член се изготвува извештај од страна на Комисијата која потоа согласно со став 8 од истиот член Комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
На плановите од член 7 став 2 од Законот, изработени во форма на нацрт-план се дава мислење односно согласност доколку станува збор за предлог план од надлежен орган на државна управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот а доколку органот за издавање на мислење и согласност не дадат во рок од 15 дена ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени и планови се доставува до надлежен орган за донесување (член 25).
Според член 26 став 5 алинеја 2 од Законот, советот на општината, меѓу другото, донесува детален урбанистички план.
Согласно со член 27 став 3 од Законот, одлуката за донесување на урбанистичките планови задолжително се доставува до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.
Во член 67 од Законот е уредено дека надзор над законитоста на работата на органите на општината, општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје кои се однесуваат на изработката, донесувањето и спороведувањето на урбанистичките планови го врши органот на државната управа надлежен за вршење на работите во областа на уредување на просторот.
IV
Во претходната постапка Судот, со барање до доносителот на актот побара достава на целокупната документација која претходела на донесување на Одлуката, оспорената одлука и службеното гласило во кое истата е објавена со барање за произнесување по наводите од иницијативата.
Доносителот на оспорениот акт ја достави следната документација:
– Програма за изработка на урбанистички планови на подрачјето на Општина Делчево за 2008 година бр. 07-136/1 од 21.02.2008 година објавена во „Службен гласник на Општина Делчево“ бр. 2/2008;
– Нацрт-одлука за утврдување на Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет Милково Брдо-2 во Општина Делчево објавена во „Службен гласник на општина Делчево“ бр. 5/2008;
– Извештај за постапување по забелешки од стручно мислење број 0301-551 од 29.07.2008 година од АД за урбанизам, проектирање и инжинеринг „ЗУМ“ Скопје;
– Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета на Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/1 од 04.08.2008 година;
– Соопштение за организирање јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/2 од 04.08.2008 година;
– Решение за објавување на Одлуката за организирање јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/3 од 04.08.2008 година;
– Решение за формирање на комисија за изготвување на извештај од одржаната јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/4 од 27.08.2008 година;
– Дневни весници „Вечер“ и „Време“ со објава на Соопштението за организирање јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево;
-Анкетни листови со известувања од Комисијата;
-Известување за постапување по извештајот за спроведување на јавна анкета, јавна презентација, стручна расправа и стручна консултација по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/6 од 16.09.2008 година;
– Барање согласност на Предлог- детален урбанистички план дел од локалитет „Милково брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/7 од 17.09.2008 година до Министерството за транспорт и врски;
– Согласност на Предлог ДУП за локалитет „Милково брдо“-2, (10,65 ха) во Делчево бр. 16-11086 од 26.09.2008 година од Министерството за транспорт и врски и
– Одлука за утврдување на Нацрт-детален урбанистички план дел од локалитет „Милково брдо 2“ во Делчево број 07-453/1 од 27.06.2008 година („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.7/2008).
Од одговорот од страна на доносителот на оспорениот акт, произлезе дека се спроведени и други фази на постапката, но за нив на Судот не му е доставена документацијата и тоа: Стручна ревизија на Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево од јуни 2008 година изработено од АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „ЗУМ“ Скопје; Извештај за постапување по извршена стручна ревизија број 0301-475 од 24.06.2008 година; Одговор на стручна ревизија од изработувачот на планот од јуни 2008 година; Стручно мислење бр. 16-7503 од 11.07.2008 година од Министерството за транспорт и врски; Извештај од Комисијата за одржување јавна анкета со осврт на јавната презентација, стручна расправа и стручна консултација бр. 08-508/5 од 01.09.2008 година, Предлог-план изработен од АД „ЗУМ“ Скопје со техн. бр. 2378/08 од септември 2008 година и Извод од план.
V
Уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку системот на просторно и урбанистичко планирање којшто меѓу другото, се темели и на начелото на заштита на јавниот интерес.
За оваа темелна вредност се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови.
Заштитата на јавниот интерес се обезбедува преку постапките за донесување на урбанистичките планови, коишто се спроведуваат во фази и во постапка којашто треба да биде јавна, транспарентна и инклузивна, во која граѓаните непосредно учествуваат со давање свои мислења и забелешки, со учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија. На крајот постапката завршува со давање согласност од надлежното министерство со што се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите од Законот и прописите донесени врз основа на Законот. Вака операционализираната темелна вредност – уредувањето и хуманизацијата на просторот во практиката се гарантира и заштитува и преку темелната вредност – владеење на правото.
Согласно со уставните начела и законските одредби, постапката за донесување на плановите се состои од збир на дејствија коишто се преземаат последователно, а при оцената на постапката се оценува секое дејствие поединечно. Притоа законитоста на дејствијата има влијание на тоа дали постапката е спроведена согласно со закон.
Имено, од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Од наведените уставни и законски одредби, произлегува дека согласно со начелото на супсидијарност, општините се надлежни само за она што со Уставот и закон е предвидено како нивна надлежност (член 20 од Законот за локалната самоуправа).
Основната улога и надлежност на општината како единица на локалната самоуправа е уредување и хуманизација на просторот, урбанистичко планирање на истиот и таа се остварува преку донесување на урбанистички планови и програми. Своите надлежности општините ги остваруваат преку органите на општината (Совет и градоначалник), а Советот е претставнички орган на граѓаните со точно пропишани законски надлежности.
Според наводите на подносителот, надлежниот орган не објавил повик за јавна презентација и анкета, на начинот определен согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање како би можеле сите заинтересирани лица да дадат свои забелешки и предлози, а примената на планот може да доведе до неосновано ограничување и повреда на правото на сопственост.
Од анализата на доставената документација, Судот утврди дека на 04.08.2008 година е донесена Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета на Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево.
Соопштението за организирање јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/2 од 04.08.2008 година, е објавено во дневните весници „Вечер“ и „Време“.
Од страна на градоначалникот на Општина Делчево донесено е Решение за формирање на комисија за изготвување на извештај од одржаната јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/4 од 27.08.2008 година.
На 08.08.2008 година во просториите на старата зграда на Општина Делчево била одржана јавната презентација по Нацрт-деталниот урбанистички план.
Јавната анкета во траење од 10 работни дена е спроведена од 11.08.2008 година до 25.08.2008 година. Врз основа на јавната анкета биле поднесени анкетни листови.
Од изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека надлежниот орган објавил повик за јавна презентација и анкета, на начин определен со Законот за просторно и урбанистичко планирање како би можеле сите заинтересирани лица да дадат свои забелешки и предлози.
Понатаму, Комисијата изготвила Извештај за одржување јавна анкета со осврт на јавната презентација, стручна расправа и стручна консултација, заведен под бр. 08-508/5 и Известување за постапување по извештајот за спроведување на јавна анкета, јавна презентација, стручна расправа и стручна консултација по Нацрт-детален урбанистички план за дел од локалитет „Милково Брдо 2“ во Делчево бр. 08-508/6.
Воедно од доставената документација, Судот утврди дека Комисијата постапила согласно со член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и ги известила подносителите на анкетните листови за прифаќање или неприфаќање на забелешките или предлозите од анкентните листови.
Во однос на наводите дека примената на планот може да доведе до неосновано ограничување и повреда на правото на сопственост, согласно со член 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да го преиспитува работењето на субјектите кои одлучувале за целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија, туку Комисија којашто е надлежна да постапува по забелешки и предлози од граѓаните и да одлучува за нивната оправданост или неоправданост. Судот нема надлежност ниту да го преиспитува работењето на субјектите кои се надлежни за примена на планот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски