
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.14/2026
Скопје, 15.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.07-4554/14 од 31 мај 2012 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.8 од 5 јуни 2012 година);
– Одлуката за дополнување на Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.07-1135/9 од 21 февруари 2013 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.3 од 25 февруари 2013 година);
– Одлуката за дополнување на Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.09-4969/10 од 2 јуни 2022 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.7 од 6 јуни 2022 година) и
– Одлуката за дополнување на Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.09-1596/17 од 27 февруари 2023 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.3 од 1 март 2023 година).
О б р а з л о ж е н и е
I
Синиша Стаменов од Куманово, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во диспозитивот на ова решение како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Според наводите во иницијативата, со оспорените одлуки на Советот на Општина Куманово, се утврдуваат населени места ослободени од плаќање на комунална такса за јавно осветлување.
Се наведува дека со одлуките не е опфатена населба во село Орашец, иако фактичката состојба во истата е идентична или понеповолна во однос на населените места што се ослободени од плаќање.
Во предметната населба нема јавно осветлување, никогаш не било воспоставено такво осветлување, електроенергетската инфраструктура е самофинансирана од страна на граѓани, а постојниот систем е технички несоодветен за воспоставување јавно осветлување.
И покрај тоа, се врши наплата на комунална такса за јавно осветлување преку сметки издадени од ЕВН Македонија.
Подносителот поднесувал барања за ослободување од плаќање на таксата, но истите не биле прифатени. Се укажува дека со оспорените одлуки се врши селективно ослободување на одредени населени места, без јасни и објективни критериуми.
Според наводите, ваквата состојба доведува до нееднаков третман на граѓаните, наплата на давачка без обезбедена услуга, долготрајно оптоварување без правна основа, со што се повредува начелото на еднаквост на граѓаните и начелото на владеење на правото како и принципот на пропорционалност.
Се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, истите да ги укине како неуставни и незаконити, а до донесување конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на истите.
II
На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Куманово, врз основа на член 6 ставови 2 и 3 од Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 64/2005 и 92/2007), член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 68 од Статутот на Општина Куманово („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.13/2003, и 13/2007), на седницата одржана на 31 мај 2012 година, ја донел Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.07-4554/14 од 31 мај 2012 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.8 од 5 јуни 2012 година).
Според член 1 од Одлуката, со истата се ослободуваат од комунална такса за јавно осветлување физички и правни лица иматели на броила за мерење на потрошувачка на електрична енергија од населени места во Општина Куманово каде нема систем на јавно осветлување и тоа село Бељаковце, село Довезенце, село Мургаш, село Новосељане, село Косматац, село Скачковце, село Јачинце, село Зубовце, село Пезово, село Кшање и село Живиње.
Согласно со член 2 од истата одлука, ослободувањето од плаќање од јавна такса ќе го врши Советот за урбанизам, комунална дејност и заштита на животната средина и природата со изготвување на список на иматели на броила од населените места, врз основа на податоци добиени од ЕВН Македонија, КЕЦ Куманово. Одлуката, заедно со списокот на иматели на броила кои се ослободуваат од комунална такса за јавно освлетлување се доставуваат до ЕВН Македонија, КЕЦ Куманово согласно со член 3 од Одлуката.
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово“ според член 4 од истата.
Врз основа на истите правни основи како и првооспорената одлука, Советот на Општина Куманово, на седницата одржана на 21 февруари 2013 година, ја донел Одлуката за дополнување на Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.07-1135/9 од 21 февруари 2013 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.3 од 25 февруари 2013 година), со која се ослободува од комунална такса за јавно осветлување село Кутлибег, според член 1 од истата, и оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово“, според член 2 од истата.
Судот, исто така, утврди дека Советот на Општина Куманово, врз основа на член 6 став 2 и 3 од Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 64/2005 и 92/2007, 123/2012, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2021), член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 68 од Статутот на Општина Куманово („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.13/2003, 13/2007, 8/2015, 11/2019 и 12/2021), на седницата одржана на 2 јуни 2022 година, ја донел Одлуката за дополнување на Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.09-4969/10 од 2 јуни 2022 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.7 од 6 јуни 2022 година) со која според член 1 од истата во Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.8/2012) во членот 1 по зборот „с.Косматац“ се додаваат зборовите „с.Шупљи Камен“, а Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово“ според член 2 од истата.
Врз основа на истите правни основи како и третооспорената одлука, Советот на Општина Куманово на седницата одржана на 27 февруари 2023 година, ја донел Одлуката за дополнување на Одлуката за ослободување од комунална такса за јавно осветлување бр.09-1596/17 од 27 февруари 2023 година („Службен гласник на Општина Куманово” бр.3 од 1 март 2023 година), со која се ослободува од комунална такса за јавно осветлување село Градиште, село Д*лга, село Кокошиње, село Колицко, село Кучкарево и село Сушево. Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово“ според член 2 од истата.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, согласно со член 9 став 2 од Уставот.
Во член 51 од Уставот е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Согласно со член 6 став 2 од Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 64/2005 и 92/2007, 123/2012, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 154/2020 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2021), се ослободуваат од плаќање на комунална такса од член 3 став 1 точка 10 на овој закон имателите на броила за мерење на електрична енергија во населените места каде што нема јавно осветлување. Според ставот 3 од овој член, пасивните населени места од ставот 1 точка 5 на овој член, дефицитарните занимања и занаетите во умирање од ставот 1 точка 6 на овој член и населените места каде што нема јавно осветлување од ставот 2 на овој член, ги определува со одлука советот на општината, советот на општините во Градот Скопје и советот на Градот Скопје.
Член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) гласи:
(1) Општините се надлежни за вршење на следниве работи:
4. Комуналните дејности – снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска Службен весник на Република Северна Македонија Редакциски пречистени текстови енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
IV
Предмет на уредување во оспорените одлуки е ослободување од комунална такса за јавно осветлување.
За правилно утврдување на фактичката состојба Судот ги имаше предвид релевантните одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за комуналните такси, како и другите прописи врз основа на кои се донесени оспорените одлуки.
При оценувањето на наводите изнесени во иницијативата, Судот ценеше дали истите се однесуваат на прашања коишто спаѓаат во надлежноста на Уставен суд, односно дали се оспорува пропис (неговата содржина и уредување) или станува збор за приговор заради не- постоење содржина во оспорените одлуки, каква што подносителот смета дека треба да има.
Подносителот формално ги оспорува одлуките на Советот на Општина Куманово и од Судот бара да ја оцени уставноста и законитоста на истите, за што неспорно е надлежен согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, но причините за оспорување немаат квалитет на уставно- правна аргументација за проблематизирање на уставноста и законитоста на одлуките.
Имено, дел од наводите се однесуваат на конкретната фактичка состојба во населбата во село Орашец (непостоење на јавно осветлување, техничка неможност за негово воспоставување, самофинансирана инфраструктура, како и наплата на такса и покрај тоа), како и на одбивањето на надлежните органи да го прифатат барањето за ослободување од наплата на комунални такси. Суштината на иницијативата не е насочена кон постојната содржина на оспорените одлуки, туку кон тоа што Советот на Општина Куманово не предвидел дополнителна содржина каква што, според подносителот, би требало да постои, што како такво не претставува прашање од надлежност на Уставниот суд.
Според тоа, иницијативата не отвора прашање за уставноста и законитоста на постојната содржина на оспорените одлуки, туку барање Судот да интервенира од причина што ниту една од овие одлуки не ја опфаќа предметната населба.
Во ситуација кога наведените причини за оспорување немаат квалитет на уставноправни аргументи, односно дадените во иницијативата не се соодветни, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според тоа, правниот основ за отфрлање на иницијативата е член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски