
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.20/2025
Скопје, 08.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 57 став 1 и член 72 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Шерафедин Куртов од Велес за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Шерафедин Куртов од Велес, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на национална припадност.
Подносителот наведува дека бил изложен на неправична и дискриминаторска постапка од страна на институциите, поврзана со неговиот работен ангажман во АД „Пошта на Северна Македонија“ – Подружница Велес. Истиот поднел кривична пријава против одговорните лица, поради малтретирање, понижување и дискриминација.
Од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, било утврдено дека врз него е извршена дискриминација по етничка основа. И покрај ова, од Основното јавно обвинителство Велес, била отфрлена кривичната пријава, без да бидат земени предвид наодите на Комисијата и без целосно разгледување на доказите.
Подносителот смета дека со ваквото постапување му е нанесена неправда, понижување и нееднаков третман, особено затоа што е припадник на ромската заедница и работел со договор на дело, без соодветна институционална заштита.
Со цел да ги заштити своите права, тој се обратил до повеќе институции, и тоа: Трудова инспекција- Велес, Центар за социјални работи – Велес, Основно училиште „Кирил и Методиј“ – Велес и Основно јавно обвинителство Велес.
Според наводите во барањето, повеќето институции одговориле дека не се надлежни да постапуваат за заштита на неговите права или не дека не можат да преземат конкретни мерки.
Во прилог на барањето доставени се докази дека од 2013 година е евидентиран како невработено лице и дека нема остварен работен стаж и покрај фактот дека работел и извршувал работни задачи.
Се наведува дека со решението на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација им биле дадени препораки на одговорните лица да ја отстранат дискриминацијата, но тие не биле исполнети во рок од 30 дена, поради што дискриминацијата продолжила.
Подносителот истакнува и дека повеќе од десет месеци не добил одговор од Народниот правобранител и повеќе од шест месеци нема одговор од Владата на неговото барање.
Ваквото постапување на институциите, покажува дека истите не обезбедиле ефикасна заштита на неговите права, поради што бара Уставниот суд да го разгледа неговото барање.
Со ваквото постапување на подносителот му се повредени правото на еднаквост пред законот, правото на заштита од дискриминација, правото на правична постапка, како и правото на човечко достоинство.
Според наводите во барањето, овој случај не е важен само за подносителот како поединец, туку и за ромските граѓани во градот Велес, кои подолг временски период биле постојано изложени на дискриминација и нееднаков третман. Исто така, ова не е во согласност со препораките на Европската Унија за инклузија на Ромите за еднаков пристап до работа, социјална сигурност и институционална заштита.
II
На седницата Судот утврди дека подносителот на барањето имал склучено Договор за услуги со АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ со кој договор бил ангажиран како договорен пошторазнесувач. Договорот заведен под арх.број 0402-3/361 од 18.07.2023 година бил со времетраење до 31.12.2023 година. На ден 27.12.2023 година бил склучен Анекс кон основниот Договор заведен под арх.број 0402-3/602. Со овој анекс кон основниот Договор за услуги било продолжено времетрењето на истиот до 30.06.2024 година. На ден 18.06.2024 година бил склучен втор Анекс кон основниот Договор заведен под арх.број 0402-3/140. Со овој анекс кон основниот Договор за услуги било продолжено времетрењето на истиот до 31.12.2024 година.
Подносителот се обратил до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Велес, од каде бил известен со допис бр.03-2085/1 од 04.03.2025 година дека немаат надлежност во делот на работните односи на другите институции. Воедно му било укажано дека доколку има потреба од остварување на некое право или услуга од областа на социјалната заштита, да се обрати со конкретно барање.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со Мислењето бр.08-188/7 од 09.05.2025 година, утврдила директна дискриминација врз основа на расна и етничка припадност, во областа на работата и работните односи сторена од страна на АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, ЦРПС Подружница Велес во својство на правно лице и Виолета Малчева, директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, ЦРПС Подружница Велес и Горан Манасиев, контролор на достава во АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, ЦРПС Подружница Велес, во својство на физички лица, кон Шерафедин Куртов.
Со цел отстранување на повредите на правото, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорачала на АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, ЦРПС Подружница Велес да му понуди договор за работа на подносителот, со истите услови како и на останатите пошторазнесувачи кои се Македонци и воедно препорачала на подружницата Велес, да донесе Политика за недискриминација, со фокус на спречување на антициганизам во работната организација, да спроведе обука за вработените за запознавање со политиката и понатаму истата доследно да ја спроведува.
На АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, ЦРПС Подружница Велес и е препорачано да ги преиспита постапките и практиките што биле применети и кон другиот Ром кој, заедно со Шерафедин Куртов, бил ангажиран со договор за услуги, бидејќи постоеле индиции дека и тој бил изложен на дискриминаторско постапување.
На Виолета Малчева и Горан Манасиев им е препорачано јавно да му се извинат на Шерафедин Куртов поради понижувачкиот и деградирачки однос кон него, кој бил заснован на неговата расна и етничка припадност.
Доколку лицата не постапеле согласно со оваа препорака во рок од 30 дена од денот на приемот на мислењето, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно со своите надлежности од член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
Подносителот се обратил и до Државниот инспекторат за труд-Велес, од каде добил Известување бр.ИП-1 бр.09-44 од 19.02.2025 година. Во ова известување инспекторатот го информира подносителот дека е извршен вонреден инспекциски надзор кај субјектот АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“-Подружница Центар за регионален поштенски сообраќај Велес-Пошта Велес. Од утврдената фактичка состојба од извршениот надзор произлегло дека правниот однос меѓу субјектот на надзор и подносителот, не е работен однос, туку правен однос од облигационоправна природа којшто е заснован на закони, прописи и нормативни акти над чија примена Државниот инспекторат за труд не врши надзор согласно со член 1 од Законот за инспекцијата на трудот. Државниот инспекторат за труд, поради неутврдени неправилности во работењето на субјектот на надзор, ја запрел постапката.
Основното јавно обвинителство Велес со Решението V КО бр.206/25 од 18.09.2025 година, ја отфрлило кривичната пријава од оштетениот Шерафедин Куртов од Велес, поднесена против Горан Манасиев од Велес и Виолета Малчевска од Велес, за кривично дело – малтретирање во службата од член 143 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи пријавеното дејстивие не е кривично дело за кое се гони по службена должност.
Вишото јавно обвинителство Скопје, со Решението III КОЖ/1.бр.467/25 од 08.10.2025 година ја одбило жалбата на оштетениот Шерафедин Куртов од Велес, лично изјавена против Решението на Основното јавно обвинителство Велес V КО.бр.206/25 од 18.09.2025 година како неснована. Во образложението на ова решение се констатира дека отфрлањето на кривичната пријава е правилно, бидејќи пријавеното дејствие не е кривично дело кое се гони по службена должност и во дејствијата на пријавените не се содржани битните елементи на ова или друго дело за кое гонењето се презема по службена должност.
Подносителот достави Потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија бр.2679800 од 01.09.2025 година, како доказ дека е евидентиран како невработено лице сметано од 15.03.2013 година. Достави и Потврда од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија – подрачна служба Велес бр.18-15/4 од 11.02.2025 година, според која лицето Шерафедин Куртов од Велес е евидентиран како осигурено лице во Подрачна служба Велес.
Кон барањето, подносителот не достави доказ дека е водена судска постапка за заштита од дискриминација.
III
Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Во став 2 од истиот член е утврдено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 50 став 1 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во член 53 став 1 од Актот на Судот е определено дека секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.
Според став 3 од истиот член, барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Согласно со став 5 од истиот член, со барањето се поднесува и оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
IV
Имајќи ги предвид наводите во барањето и доставената документација, пред Судот како основно се постави прашањето дали актите и дејствијата на кои се однесува барањето спаѓаат во рамки на надлежноста на Судот за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.
Според оваа уставна одредба, меѓу другото, Судот обезбедува и заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на национална припадност, при што согласно со цитираните одредби од Актот на Судот, тоа се однесува на случаите кога тие се повредени со поединечен акт или со дејствие на орган на државната власт, орган на единиците на локалната самоуправа или на носители на јавни овластувања.
Дел од наводите во барањето се однесуваат на постапувањето на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Подружница Велес и на одлуката на раководните лица да не му биде продолжен договорот за услуги на подносителот по истекот на рокот на неговото важење. Од доставената документација произлегува дека правниот однос помеѓу подносителот и ова правно лице бил заснован врз договор за услуги. Станува збор за облигационен однос – договор со определен рок на траење, којшто по својата природа не е работен однос, туку договорен однос регулиран со правилата на облигационото право.
Во конкретниот случај, продолжувањето на договорот за услуги не е гарантирано право на барателот, туку е дискрециона оцена на договорната страна – работодавачот, која зависи од неговите потреби и процена. Оттука, евентуалната дискриминација во врска со непродолжувањето на ваков договор се однесува на сферата на облигационите односи, за која правна заштита се обезбедува во постапки пред надлежните редовни судови, а не во постапка по член 110 алинеја 3 од Уставот.
Поинаква е правната положба во однос на актите на Основното јавно обвинителство – Велес и Вишото јавно обвинителство – Скопје, со кои е отфрлена кривичната пријава поднесена од страна на подносителот, против одговорни лица во правниот субјект АД „Пошта на Северна Македонија“. Јавното обвинителство е орган на државната власт и неговите поединечни акти можат да бидат предмет на уставно-судска контрола од аспект на евентуална повреда на забраната на дискриминација.
Од содржината на решенијата на Основното јавно обвинителство – Велес и Вишото јавно обвинителство – Скопје, произлегува дека тие се однесуваат на оценка дали се исполнети законските услови за поведување кривична постапка за конкретно кривично дело. Дискриминацијата е правна категорија којашто се утврдува врз основа на објективни елементи: постоење споредлива ситуација, различен третман во однос на други лица во иста или слична положба, постоење на заштитен основ – во конкретниот случај етничка припадност и отсуство на објективно и разумно оправдување за таквиот третман.
Самото отфрлање на кривична пријава, како процесна одлука заснована врз оценка на постоење или непостоење на основи за гонење, не претставува по својата природа дискриминација, освен ако не се покаже дека одлуката е мотивирана од забранет основ или дека во споредливи случаи обвинителството постапувало поинаку. Незадоволството на подносителот од исходот на кривичната постапка не значи само по себе дека постои дискриминација, ниту дека обвинителството постапувало врз основа на неговата етничка припадност.
Фактот дека Комисијата претходно утврдила дискриминација во однос на постапувањето на АД „Пошта на Северна Македонија“ не значи дека обвинителството е должно да донесе одлука за поведување кривична постапка, ниту дека евентуалното неприфаќање на кривично – правната квалификација претставува продолжување на дискриминацијата. Одлуката на Комисијата има значење како доказ и како релевантна околност, но обвинителството врши самостојна оценка од аспект на исполнетоста на законските елементи на кривично дело. Продолжена дискриминација би постоела само доколку се утврди дека и по донесеното решение на Комисијата, органите на државната власт преземале нови дејствија или донеле акти со кои се одржува или продлабочува нееднаквата положба на подносителот врз основа на неговата етничка припадност. Во отсуство на такви конкретни елементи, не може да се зборува за континуитет на дискриминаторско постапување.
Дискриминација постои кога едно лице е ставено во понеповолна положба во споредба со друго лице во споредлива ситуација без објективно и разумно оправдување. Истовремено, мора да се утврди причинска врска помеѓу заштитениот основ – националната припадност и конкретниот различен третман.
Од наводите во барањето и од доставената документација не произлегуваат факти или околности коишто би укажале дека одлуките на обвинителството биле мотивирани од етничката припадност на подносителот.
Во однос на наводите дека подносителот се обратил и до други институции коишто го известиле дека не се надлежни или дека постапката е во тек, став на Судот е дека ваквите одговори претставуваат редовно постапување на органите во рамки на нивните законски надлежности и не може да се смета за дискриминација.
Исто така, според Судот, субјективното чувство на неправда и понижување коешто подносителот го наведува во барањето претставува лична перцепција на исходот од постапките, но не може само по себе да претставува доказ за постоење дискриминација, бидејќи истата се утврдува врз основа на објективни критериуми и конкретни факти коишто укажуваат на различен третман заснован врз забранет основ.
Имајќи го предвид сето наведено, Судот оцени дека наводите во барањето во делот којшто се однесува на постапувањето на правното лице АД „Пошта на Северна Македонија“ – Подружница Велес, е облигационен однос и како таков не спаѓа во рамки на уставно-судската надлежност за заштита на слободите и правата.
Во однос на актите на јавните обвинителства и постапувањето на другите институции, според Судот, од доставените податоци не произлегуваат факти коишто би укажале дека подносителот бил ставен во понеповолна положба поради неговата етничка припадност.
По однос на наводите во барањето дека со постапувањето на државните органи, на подносителот му се повредени правото на правична постапка и правото на човечко достоинство, Судот утврди дека истите не спаѓаат во корпусот на слободи и права што ги штити Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот.
Поради тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај нема повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски