СН-I. бр.1/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
СН-I. бр.1/2025
Скопје, 08.07.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 67 и член 72 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека Основниот суд Радовиш е надлежен да постапува по Барањето за враќање на привремено одземени предмети, поднесено од Џанер Арифов од с. Тополница, Радовиш и Џанел Усеинов од с. Калаузлија, Радовиш, во врска со предметите, опремата и средствата привремено одземени во инспекцискиот предмет ИП1 09-207 на Министерството за економија и труд – Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Во предлогот поднесен од Министерството за економија и труд – Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица, е содржано барање за решавање судир на надлежност помеѓу Државниот пазарен инспекторат и Основниот суд Радовиш, во врска со постапување по барање за враќање на привремено одземени предмети.

Со предлогот се бара Уставниот суд да утврди кој орган е надлежен да одлучи по барањето за враќање на предмети, опрема и средства привремено одземени од лицата Џанер Арифов од с. Тополница, Радовиш и Џанел Усеинов од с. Калаузлија, Радовиш, при инспекциски надзор поради констатирано вршење нерегистрирана дејност.

Според наводите во предлогот, на 26.03.2025 година Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица, извршил вонреден инспекциски надзор во координирана акција со органите на ОВР Радовиш, Државниот трудов инспекторат, комунален инспектор и градежен инспектор од Општина Радовиш. При надзорот било констатирано дека наведените лица вршат дејност која не е регистрирана кај надлежен орган, што било оценето како прекршок согласно со член 6 став 1 алинеја 3 од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.

За констатираната состојба инспекторатот издал Решение-опомена ИП1 09-207 од 27.03.2025 година и Решение-наредба ИП1 09-207 од 03.04.2025 година. Истовремено, врз основа на член 12 од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, биле привремено одземени предмети за што била издадена потврда за привремено одземање и чување на производ ИП1 09-207 од 26.03.2025 година.

Одземените предмети биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот – Гевгелија, со записник за примопредавање број 32/25 од 10.04.2025 година, согласно со член 94 од Законот за инспекциски надзор. На 16.04.2025 година бил извршен контролен инспекциски надзор, при што инспекторатот констатирал дека лицата извршиле регистрација кај надлежен орган, поради што инспекциската постапка била запрена.

Лицата Џанер Арифов и Џанел Усеинов потоа поднеле барање до Државниот пазарен инспекторат за враќање на привремено одземените предмети. Државниот пазарен инспекторат, со Одговор на барање за враќање на привремено одземени предмети, архивски број ИП1 09-207 од 03.06.2025 година, ги известил барателите дека согласно со Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност и Законот за инспекциски надзор, нема надлежност да донесе решение за враќање на предметите и ги упатил своите права да ги остварат кај надлежен орган.

Барателите потоа поднеле барање до Основниот суд Радовиш за донесување одлука за враќање на привремено одземените предмети, повикувајќи се на член 71 став 3 од Законот за прекршоците. Од Основниот суд Радовиш било донесено Решение ПРК-О-74/25 од 16.09.2025 година, со кое се огласил за стварно ненадлежен. Од Судот било оценето дека пред него не се водела прекршочна постапка, бидејќи Државниот пазарен инспекторат не поднел барање за поведување прекршочна постапка, па затоа немал обврска во однос на одземените предмети. Во решението е наведено дека стварно надлежен е Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица.

Оттука, според подносителот, настанала состојба во која и Државниот пазарен инспекторат и Основниот суд Радовиш одбиваат да постапат по истото правно барање – враќање на привремено одземените предмети, поради што постои судир на надлежности којшто треба да го реши Уставниот суд на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека Министерството за економија и труд – Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица, постапувал по предмет заведен под архивски број ИП1 09-207, во врска со вршење инспекциски надзор над лицата Џанер Арифов и Џанел Усеинов поради сомневање за вршење нерегистрирана дејност.

Од приложените списи произлегува дека инспекцискиот орган извршил вонреден инспекциски надзор на 26.03.2025 година, при што констатирал дека наведените лица вршат дејност којашто не е регистрирана кај надлежен орган. Врз основа на тоа биле донесени Решение-опомена бр. ИП1 09-207 од 27.03.2025 година и Решение-наредба бр. ИП1 09-207 од 03.04.2025 година.

Во рамки на инспекциското постапување, врз основа на член 12 ставови 1 и 2 од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, на лицата им биле привремено одземени предмети, опрема и средства со кои бил направен прекршокот, односно кои настанале како резултат на сторување на прекршокот. За привремено одземените предмети била издадена потврда за привремено одземање и чување, а предметите потоа биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

Со Записникот за примопредавање број 32/25 од 10.04.2025 година, одземените предмети биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот – Гевгелија. Потоа, на 16.04.2025 година, при контролен инспекциски надзор било констатирано дека лицата извршиле регистрација кај надлежен орган, поради што инспекциската постапка била запрена.

Од Одговорот на барање за враќање на привремено одземени предмети, архивски број ИП1 09-207 од 03.06.2025 година, произлегува дека лицата Џанер Арифов и Џанел Усеинов на 26.05.2025 година поднеле барање за враќање на привремено одземените предмети, коешто било примено во Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица, на 30.05.2025 година.

Во наведениот одговор, Државниот пазарен инспекторат се произнел дека согласно со Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и Законот за инспекциски надзор нема надлежност да донесе решение за враќање на предметите. Воедно, инспекторатот се повикал на член 71 од Законот за прекршоците и ги упатил барателите своите права да ги остварат кај надлежен орган.

По добивањето на наведениот одговор, лицата Џанер Арифов и Џанел Усеинов поднеле барање до Основниот суд Радовиш за враќање на привремено одземените предмети. Основниот суд Радовиш, постапувајќи по барањето, го донел Решението ПРК-О-74/25 од 16.09.2025 година, со кое се огласил за стварно ненадлежен да постапува по барањето.

Во образложението на Решението Основниот суд Радовиш навел дека пред судот не се водела прекршочна постапка, односно не било поднесено барање за поведување прекршочна постапка од страна на Државниот пазарен инспекторат против наведените баратели. Судот оценил дека, во таква состојба, нема обврска во однос на одземените предмети, туку дека надлежен е органот којшто ги одзел предметите. Во изреката на Решението судот утврдил дека стварно надлежен е Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица.

Против решението на Основниот суд Радовиш била дадена поука дека е дозволена жалба во рок од осум дена од приемот на Решението, преку Основниот суд Радовиш до Апелациониот суд Штип. Од приложените списи произлегува дека против ова решение не била изјавена жалба, поради што Решението станало правосилно на 06.10.2025 година.

Од фактичката состојба произлегува дека по истото барање за враќање на привремено одземените предмети постојат два акти со кои двата органа ја одбиле надлежноста: Одговорот на барање за враќање на привремено одземени предмети, архивски број ИП1 09-207 од 03.06.2025 година, донесен од Државниот пазарен инспекторат, и Решението ПРК-О-74/25 од 16.09.2025 година, донесено од Основниот суд Радовиш. Со првиот акт Државниот пазарен инспекторат се произнел дека нема надлежност да донесе решение за враќање на предметите, а со вториот акт Основниот суд Радовиш се огласил за стварно ненадлежен и оценил дека надлежен е Државниот пазарен инспекторат.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок.

Според член 110 алинеја 4 од Уставот, Уставниот суд решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно со член 64 став 1 од Актот на Уставниот суд, предлог за решавање судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Според став 2, предлог може да поднесе и секој што, поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи, не може да оствари свое право, додека согласно со став 3, рокот за поднесување на предлогот е три месеци од правосилноста или конечноста на актот со кој е прифатена или одбиена надлежноста.

Според член 65 став 1 од Актот, органите можат да поднесат предлог за решавање судир на надлежност откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифатил или ја одбил надлежноста за решавање на ист предмет, додека според став 2 од истиот член, субјектите кои поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста не можат да остварат свое право, предлогот можат да го поднесат откако и двата органи ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.

Согласно со член 66 од Актот, предлогот за решавање судир на надлежности треба да содржи предмет на спорот поради кој настанал судирот, органите меѓу кои настанал судирот и означување на конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет.

Според член 67 од Актот, со одлуката со која решава за судирот на надлежностите, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Според член 2 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000, 26/2001, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 27/2014, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/2019 и 96/2026), Владата, како носител на извршната власт, е орган на Републиката кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамки на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори.

Според член 5 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр 58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019, 110/2019, 154/2019, 121/2024), органите на државната управа, можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации, а во став 2 е определено дека министерствата се основаат за вршење на функциите на државната управа групирани по области за еден или повеќе сродни управни ресори.

Во став 3 е определено дека другите органи на државната управа можат да се основаат како самостојни органи на државната управа или органи во состав на министерствата а според став 4, самостојните органи на државната управа можат да се основаат само доколку управните ресори за кои се основаат не се во надлежност на ниту едно министерство и е потребна нивна целосна независност од министерствата и директна одговорност пред Владата. Органите во состав на министерствата можат да се основаат за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството, определено во став 5.

Според член 6 став 1 алинеја 3 од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/2014 и 147/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 18/2020 и 86/2025), за нерегистрирана дејност се смета „вршење на дејност од страна на физичко лице која не е регистрирана кај надлежен орган“.

Член 9 став 1 од истиот закон предвидува дека инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон вршат органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа, меѓу кои изречно е наведен и Државниот пазарен инспекторат, секој во однос на прашањата за кои е надлежен согласно закон. Според став 2 од истиот член, ако при вршењето на инспекцискиот надзор инспекторот утврди дека субјектот на инспекциски надзор постапил спротивно на одредбите од членовите 13 и 14 од Законот, должен е за сторената неправилност и сторениот прекршок да состави записник согласно закон и со решение на субјектот на инспекциски надзор да му изрече опомена како инспекциска мерка и да му определи рок во кој е должен да ги отстрани неправилностите и недостатоците. Доколку по истекот на рокот определен при изрекувањето на опомената инспекторот утврди дека неправилностите и недостатоците сè уште не се отстранети, согласно став 3, со решение изрекува инспекциска мерка наредба за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци. Со став 5 е определено дека кога при вршењето на инспекцискиот надзор не се утврдени неправилности согласно закон или утврдените неправилности се отстранети во текот на вршењето на инспекцискиот надзор или во рокот утврден со решението, инспекторот ја запира постапката со констатација во записникот.

Согласно со член 11 став 1 од истиот закон, ако надлежниот инспектор утврди прекршок за прекршоците од членовите 13 и 14 од овој закон, пред да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, е должен на физичкото лице – субјект на инспекциски надзор, на одговорното лице или од него овластено лице кај работодавач, да му издаде прекршочен платен налог, согласно Законот за прекршоците, а според став 2, ако сторителот ја плати глобата во рок од осум дена од денот на издавањето на прекршочниот платен налог, ќе плати половина од предвидената глоба, а доколку не ја плати во предвидениот рок, овластеното службено лице ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот орган.

Според член 12 став 1 од Законот, ако при инспекцискиот надзор се утврди повреда на членовите 6, 7 и 8 од овој закон, на сторителот на прекршокот – правно или физичко лице, привремено ќе му се одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот или кои настанале како резултат на сторување на прекршокот. Според став 2 од истиот член, за одземените предмети, опрема и средства, инспекцискиот орган на сопственикот му издава потврда за привремено одземените предмети, опрема и средства и е должен да му ги предаде на надлежниот суд за понатамошно постапување.

Член 14 од истиот закон предвидува дека глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган, ако врши дејност за која нема со закон пропишан акт или ако врши дејност спротивно на забраната за вршење дејност.

Согласно со член 15 од овој закон, за прекршоците утврдени со членовите 13 и 14, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

Во член 2 став 1 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 102/2019, 90/2020, 272/2024 и 22/2025), е наведено дека одредбите од овој закон кои се однесуваат на постапката за вршење инспекциски надзор се применуваат на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата или како организациски единици во рамки на органите на државната управа, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

Според член 3 точка 1, инспекциски надзор е надзор над примената на законите и другите прописи и општи акти во работењето на субјектите на надзор, а според точка 3, инспектор е службено лице со овластувања, одговорности, права и обврски утврдени со закон, кое врши инспекциски надзор. Точка 4 определува дека инспекциска постапка е вид на постапка уредена со овој закон, со Законот за општата управна постапка или со друг посебен закон, додека точка 6 предвидува дека инспекциски мерки се мерки предвидени со овој и со друг закон, кои ги преземаат инспекторите при инспекцискиот надзор, заради отстранување на утврдените неправилности и недостатоци.

Согласно со член 26 став 1 точка 1 од Законот за инспекциски надзор, инспекциските служби се организирани како органи во состав на министерствата – државни инспекторати за одделни области, а според став 2, инспекциските служби од став 1 точка 1 имаат својство на правно лице.

Според член 91 став 1 од Законот за инспекциски надзор, инспекторот може во рамките на вршењето на инспекцискиот надзор привремено да одземе документи, стока и други предмети кои можат да послужат како доказ во соодветната постапка, а според став 2, одземањето трае до донесувањето на правосилна одлука во постапката.

Согласно со член 92, инспекторот е должен привремено да одземе предмети кога е пропишано нивното задолжително одземање, кога со нив е сторен прекршок или кривично дело или ако тоа е потребно заради спречување потешки последици, во согласност со закон.

Според член 93 став 1, инспекторот му издава потврда на субјектот на инспекциски надзор од кого привремено се одземаат предмети и списи, а според став 2, потврдата содржи податоци за името и презимето, односно називот на субјектот на инспекциски надзор, времето и местото на одземање, правниот основ за одземање, точно назначување на одземените предмети и списи по вид и количество, потпис од одговорното лице на субјектот на инспекциски надзор и други податоци потребни за идентификација на одземените предмети и списи, како и потпис, име и презиме на инспекторот.

Согласно со член 94 став 1, одземените предмети или стока инспекторот ги предава на Агенцијата за управување со одземен имот на Република Северна Македонија. Според став 2, барањето за поведување прекршочна постапка во врска со одземените предмети се поднесува до надлежниот суд, односно прекршочен орган, по спроведување на постапка за порамнување, а според став 3, надлежниот судски, прекршочен и друг орган е должен во овие случаи да одлучи по итна постапка.

Согласно со член 3 став 10 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 253/2023, 13/2026 и 26/2026), под прекршочни органи во смисла на овој закон се подразбираат јавните органи, самостојните регулаторни тела и другите органи надлежни согласно закон за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции.

Според член 40 став 3 од овој закон, при одземање предмети судот, односно прекршочниот орган, соодветно ги применуваат одредбите за услови за одземање на предмети од Кривичниот законик. Со став 4 е определено дека, прекршочен орган од посебните прекршочни мерки може да примени само мерка одземање на предмети или наплата на противвредноста на одземените предмети, кога тоа е определено со закон со кој е пропишан прекршокот. Според став 5, доколку прекршочниот орган смета дека за одреден прекршок треба да се изречат мерките конфискација на имот и имотна корист, органот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка со предлог до судот за донесување одлука по барањето, со собраните докази за имотот и имотната корист од сторениот прекршок.

Член 71 од Законот за прекршоците непосредно го уредува правниот режим на привремено одземените предмети во ситуација каква што е предметната.

Согласно со став 1 на овој член, со закон може да се овластат службените лица во органите на државната управа или организации и други органи што вршат јавни овластувања на надзор над спроведување на законите, привремено да ги одземат предметите од член 40 од овој закон кога во вршењето на службената должност ќе дознаат за прекршокот и истите да ги предадат на Агенцијата за управување со одземен имот. Според став 2, овластените службени лица се должни во рок од 15 дена од денот на одземањето на предметите да поднесат барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочниот орган и да го известат за извршеното привремено одземање на предметите. Во став 3 е определено дека доколку овластените службени лица не постапат согласно став 2 од истиот член, судот, односно прекршочниот орган, врз основа на поднесено барање од лицето од кое се одземени предметите, ќе донесе одлука за враќање на предметите, освен предметите чиј промет е забранет.

Според член 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 58/200, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/201, 198/2018 и 96/2019), судската власт ја вршат судовите во Република Македонија, а судовите се самостојни и независни државни органи.

Согласно со член 4 од овој закон, судот одлучува во постапка пропишана со закон за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси, за споровите меѓу граѓаните и другите правни субјекти, за кривични дела и прекршоци и за други работи што со закон се ставени во надлежност на судот.

Според член 8 став 1 од истиот закон, судот се повикува на судска ненадлежност само кога со закон изречно е предвидена надлежност за решавање на конкретно барање на друг државен орган, а според став 2, судот не може да отфрли барање за остварување определено право со образложение дека постои правна празнина и е должен да одлучува по него со повикување на општите начела на правото, освен кога тоа е изречно забрането со закон.

Согласно со член 30 став 1 алинеја 3 од истиот закон, основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен за сите видови прекршоци, освен за прекршоци кои со закон се ставени во надлежност на орган на државна управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања.

Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 64/2024, 37/2025, 86/2025, 101/2025 и 135/2025) во член 1 ја уредува постапката за управување со привремено одземениот имот и привремено одземените предмети, конфискуваниот имот и имотната корист како принос од кривично дело, одземените предмети во кривичната и прекршочната постапка, трајно одземените предмети во управна постапка, како и основањето, надлежноста, управувањето, раководењето и други прашања поврзани со работата на Агенцијата за управување со одземен имот.

Според член 2 точка 1, „одземен имот“ е привремено одземениот имот и привремено одземените предмети и конфискуваниот имот и имотната корист како принос од кривично дело и одземените предмети со правосилна одлука во кривична и прекршочна постапка, како и трајно одземените предмети во управна постапка. Точка 2 определува дека „привремено одземен имот и привремено одземени предмети“ се предметите што според Кривичниот законик треба да се одземат или што можат да послужат како доказ во кривичната постапка, за чија конечна конфискација, односно одземање, не е донесена правосилна одлука.

Согласно со член 7, Агенцијата управува со конфискуваниот имот и имотната корист како принос од казнено дело и одземените предмети, управува со привремено одземениот имот и имотната корист и одземените предмети во прекршочна постапка со цел да се заштити вредноста на имотот, управува со трајно одземени предмети во прекршочна и управна постапка согласно закон, води регистар за привремено одземен имот и привремено одземени предмети, го чува и складира одземениот имот, врши процена на одземениот имот, го продава одземениот имот, дава мислења во врска со примената на законот и врши други работи утврдени со закон.

Во односите на Агенцијата со другите органи, член 25 став 1 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети предвидува дека по донесената одлука на судот или на друг орган за привремено одземање на имот или привремено одземање на предмети, судот или другиот орган веднаш, а најдоцна во рок од три дена, ја известуваат Агенцијата. Привремено одземениот имот и привремено одземените предмети се предаваат во Агенцијата веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на одземањето, а Агенцијата истите ги прима, освен кога не постојат услови за нивно примање и чување, видно од став 2 од истиот член од Законот. Според став 3 од истиот член, при преземањето се составува записник, кој содржи податоци за видот, количината, состојбата во која се прима, лицето од кое е одземен предметот, процена на вредноста утврдена од овластен проценител и други релевантни податоци за одземениот имот.

Согласно со член 27, одлуката за привремено одземање на имот и привремено одземање предмети, односно одлуката за конфискација на имотот и имотната корист како принос од кривично дело и одземањето предмети, ја спроведува Агенцијата без одлагање, веднаш, а најдоцна во рок од три дена по добивањето на одлуката од страна на надлежниот орган.

Според член 34 од истиот закон, со привремено одземениот имот или привремено одземените предмети Агенцијата постапува согласно начелото на итност, ефикасност и начелата на добар домаќин и добар стопанственик, при што ги презема сите неопходни мерки за чување и одржување на привремено одземениот имот и одземените предмети.

Член 35 предвидува дека привремено одземениот имот или привремено одземените предмети не можат да бидат предмет на продажба или отстапување, освен кога управувањето со таквиот имот или предмети е сврзано со поголеми трошоци или трошоците за одржување ја надминуваат вредноста на имотот или предметите, или кога привремено одземените предмети се предмети надвор од промет.

Во случај да биде донесена правосилна одлука за враќање, член 38 уредува дека ако привремено одземениот имот или предметот бил продаден, Агенцијата на сопственикот му ги исплаќа средствата добиени од продажбата, а доколку предметот бил отстапен и неговото враќање не е можно, на сопственикот му се исплаќаат средства во висина утврдена со направената процена, согласно закон.

IV

Од аспект на процесните претпоставки за постапување, Судот оцени дека во конкретниот предмет се исполнети условите за решавање судир на надлежности.

Според утврдената фактичка состојба произлегува дека предлогот е поднесен од Министерството за економија и труд – Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица, како орган кој смета дека не е надлежен да донесе одлука за враќање на привремено одземените предмети, а дека за постапување по таквото барање е надлежен Основниот суд Радовиш.

Предметот на спорот е истоветен и се однесува на одлучување по барањето на Џанер Арифов од с. Тополница, Радовиш и Џанел Усеинов од с. Калаузлија, Радовиш, за враќање на привремено одземени предмети, опрема и средства, одземени при инспекциски надзор поради констатирано вршење нерегистрирана дејност.

Како акт со кој Државниот пазарен инспекторат ја одбил надлежноста е Одговорот на барање за враќање на привремено одземени предмети, архивски број ИП1 09-207 од 03.06.2025 година, со кој барателите биле известени дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност да донесе решение за враќање на предметите, додека како акт со кој Основниот суд Радовиш ја одбил надлежноста е Решението ПРК-О-74/25 од 16.09.2025 година, со кое судот се огласил за стварно ненадлежен и оценил дека стварно надлежен е Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица.

На тој начин, Судот оцени дека и двата органи ја одбиле надлежноста да постапат по истото правно барање, што по својата правна природа претставува негативен судир на надлежности.

Судот имаше предвид дека согласно со Актот на Уставниот суд, предлог за решавање судир на надлежност може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот, како и секој што, поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи, не може да оствари свое право. Предлогот треба да го содржи предметот на спорот, органите меѓу кои настанал судирот и означување на конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека овие процесни елементи се исполнети. Предмет на спор е враќањето на привремено одземени предмети, органите меѓу кои настанал судирот се Државниот пазарен инспекторат и Основниот суд Радовиш, а актите со кои е одбиена надлежноста се Одговорот на барањето од 03.06.2025 година и Решението ПРК-О-74/25 од 16.09.2025 година. Имајќи предвид дека против Решението на Основниот суд Радовиш не била изјавена жалба, Судот оцени дека Решението станало правосилно по истекот на рокот за жалба, а предлогот до Уставниот суд, поднесен на 11.11.2025 година, е поднесен во рамки на тримесечниот рок од правосилноста на актот со кој судот ја одбил надлежноста.

Во однос на прашањето дали органите меѓу кои настанал судирот се релевантни субјекти во смисла на член 110 алинеја 4 од Уставот, Судот оцени дека Државниот пазарен инспекторат не е самостоен носител на извршната власт во строга уставноправна смисла, бидејќи носител на извршната власт е Владата на Република Северна Македонија. Меѓутоа, Државниот пазарен инспекторат е орган на државната управа, односно инспекциска служба организирана како орган во состав на Министерството за економија и труд, којшто врши инспекциски работи како дел од функциите на извршната власт. Оттука, Судот оцени дека Државниот пазарен инспекторат функционално припаѓа на системот на извршната власт.

Основниот суд Радовиш, пак, несомнено е орган на судската власт, имајќи предвид дека судската власт ја вршат судовите, како самостојни и независни државни органи. Поради тоа, Судот оцени дека во конкретната постапка постои судир помеѓу орган преку кој се вршат функции на извршната власт и орган на судската власт, поради што се исполнети процесните претпоставки Уставниот суд да постапува по предлогот за решавање судир на надлежности.

Од материјално-правен аспект, спорното прашање што се постави пред Судот е кој орган е надлежен да одлучи по барањето за враќање на привремено одземените предмети.

Од приложените списи и утврдената фактичка состојба произлегува дека предметите биле одземени при инспекциски надзор врз основа на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, поради констатирано вршење дејност од физички лица која не била регистрирана кај надлежен орган. Согласно член 12 од овој закон, ако при инспекцискиот надзор се утврди повреда на членовите 6, 7 и 8, на сторителот на прекршокот привремено ќе му се одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот или кои настанале како резултат на сторување на прекршокот. За одземените предмети инспекцискиот орган му издава потврда на сопственикот и е должен да ги предаде на надлежниот суд за понатамошно постапување.

Истовремено, член 15 од истиот закон изречно предвидува дека за прекршоците утврдени со членовите 13 и 14 прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд. Оттука, Судот оцени дека во конкретната прекршочна материја законодавецот не ја ставил постапката во надлежност на Државниот пазарен инспекторат или друг прекршочен орган, туку изречно ја предвидел надлежноста на судот.

Законот за инспекциски надзор ја утврдува улогата на инспекторот како орган кој врши инспекциски надзор, констатира неправилности, презема инспекциски мерки и кога за тоа постои законска основа, привремено одзема предмети. Инспекторот може да одземе документи, стока и други предмети кои можат да послужат како доказ во соодветната постапка, а одземањето трае до донесување правосилна одлука во постапката. Воедно, инспекторот е должен привремено да одземе предмети кога е пропишано нивното задолжително одземање, кога со нив е сторен прекршок или кривично дело или кога тоа е потребно заради спречување потешки последици, во согласност со закон.

Судот оцени дека овие одредби ја утврдуваат поделбата на надлежностите: инспекторот има овластување да одземе и да предаде предмети согласно со закон, но одлуката за конечната правна судбина на предметите ја донесува органот кој е надлежен да постапува во прекршочната постапка, односно судот или прекршочниот орган, зависно од тоа како конкретната прекршочна материја е уредена со посебниот закон.

Во таа насока, Судот го имаше предвид и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Овој закон ја уредува постапката за управување со привремено одземениот имот и привремено одземените предмети, како и надлежноста и работењето на Агенцијата за управување со одземен имот. Улогата на Агенцијата е управувачка и извршна во однос на одземениот имот и предметите, но не и мериторна во однос на прашањето дали тие треба да бидат вратени. Агенцијата постапува врз основа на одлука на надлежен суд или друг надлежен орган, ги прима, чува, складира, проценува и управува со предметите согласно закон. Затоа, Судот оцени дека фактот што предметите биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот не подразбира дека истата е надлежна за одлучување по барањето за нивно враќање.

Клучна за конкретниот случај е одредбата од член 71 од Законот за прекршоците. Според став 1 од овој член, со закон може да се овластат службените лица во органите на државната управа или други органи што вршат јавни овластувања и надзор над спроведување на законите, привремено да ги одземат предметите од член 40 од Законот за прекршоците, кога во вршењето на службената должност ќе дознаат за прекршокот, и истите да ги предадат на Агенцијата за управување со одземен имот. Според став 2, овластените службени лица се должни во рок од 15 дена од денот на одземањето да поднесат барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочниот орган и да го известат за извршеното привремено одземање на предметите. Според став 3, доколку овластените службени лица не постапат согласно став 2, судот, односно прекршочниот орган, врз основа на барање од лицето од кое се одземени предметите, ќе донесе одлука за враќање на предметите, освен предметите чиј промет е забранет.

Според Судот, член 71 став 3 од Законот за прекршоците претставува заштитна процесна норма, чија цел е лицето од кое се одземени предметите да не остане без правна заштита во ситуација кога овластеното службено лице не поднело барање за поведување прекршочна постапка во законскиот рок.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифати ставот дека неподнесувањето барање за поведување прекршочна постапка е пречка за постапување на Основниот суд Радовиш. Напротив, неподнесувањето такво барање е токму законската претпоставка за примена на член 71 став 3 од Законот за прекршоците. Ако би се прифатило спротивното толкување, оваа одредба би останала без практична примена, бидејќи секогаш кога инспекцискиот орган не би поднел барање за прекршочна постапка, судот би можел да одбие да одлучува со образложение дека пред него не се води прекршочна постапка. Таквото толкување би создало правна празнина и би довело до состојба во која лицата од кои се одземени предметите немаат ефективен правен пат да добијат одлука за судбината на предметите, што не е во согласност со владеењето на правото, правната сигурност и начелото на ефективна правна заштита.

Формулацијата „судот, односно прекршочниот орган“ од член 71 став 3 од Законот за прекршоците, според оценката на Судот, треба да се толкува во врска со посебниот закон со кој е пропишан конкретниот прекршок. Законот за прекршоците во член 3 став 10 предвидува дека прекршочни органи се јавните органи, самостојните регулаторни тела и други органи надлежни согласно со закон за водење прекршочна постапка и изрекување прекршочни санкции. Оттука, прекршочен орган не се претпоставува, туку мора да биде изречно определен со закон.

Во конкретната правна материја, Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност не предвидува Државниот пазарен инспекторат да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочна санкција. Напротив, член 15 од овој закон изречно предвидува дека за прекршоците од членовите 13 и 14 прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд. Дополнително, член 12 став 2 од истиот закон предвидува дека одземените предмети, опрема и средства се предаваат на надлежниот суд за понатамошно постапување. Оттука, Судот оцени дека во конкретниот предмет член 71 став 3 од Законот за прекршоците треба да се примени така што надлежен орган за одлучување е судот, а не Државниот пазарен инспекторат како инспекциски орган.

Овој заклучок се поткрепува и со Законот за судовите. Основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен за сите видови прекршоци, освен за прекршоци кои со закон се ставени во надлежност на орган на државната управа, организација или друг орган што врши јавни овластувања. Во конкретниот случај не постои законска одредба со која прекршокот од член 14 од Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност е ставен во надлежност на Државниот пазарен инспекторат или друг прекршочен орган. Напротив, посебниот закон изречно ја предвидува надлежноста на судот.

Судот го имаше предвид и начелото дека судот може да се повика на судска ненадлежност само кога со закон изречно е предвидена надлежност за решавање на конкретното барање на друг државен орган. Во конкретниот случај не само што не постои изречна надлежност на друг орган за одлучување по барањето за враќање на привремено одземените предмети, туку посебниот закон и Законот за прекршоците упатуваат на судско одлучување.

Повикувањето на Основниот суд Радовиш на член 30 став 1 од Законот за кривичната постапка, според оценката на Судот, не може да ја исклучи примената на член 71 став 3 од Законот за прекршоците. Одредбите од Законот за кривичната постапка можат соодветно да се применуваат во прекршочната постапка само во делот во кој Законот за прекршоците упатува на нивна примена, но не на начин што би ја дерогирал посебната и јасна заштитна норма од член 71 став 3. Предметот не се однесува на водење кривична постапка, ниту на одлучување по обвинение или по барање за изрекување санкција, туку на посебно барање за враќање на привремено одземени предмети во ситуација кога овластеното службено лице не поднело барање за поведување прекршочна постапка во законскиот рок. Токму таквата ситуација е предвидена со член 71 став 3 од Законот за прекршоците.

Оттука, Судот оцени дека Државниот пазарен инспекторат не може да се смета за „друг прекршочен орган“ во конкретната ситуација. Неговата улога е инспекциска: да врши надзор, да констатира неправилности, да составува записници, да издава опомени и наредби, да презема инспекциски мерки, да одзема предмети кога за тоа постои законска основа и да ги предаде на Агенцијата за управување со одземен имот, односно да поднесе барање за поведување прекршочна постапка кога се исполнети законските услови. Но, Државниот пазарен инспекторат не е орган којшто според посебниот закон води прекршочна постапка и изрекува прекршочна санкција за прекршокот од член 14 од Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност. Затоа, тој нема надлежност да донесе мериторна одлука за враќање на привремено одземените предмети.

Од утврдената фактичка состојба и направената правна анализа, Судот оцени дека во конкретниот случај надлежен орган за постапување и одлучување по барањето за враќање на привремено одземени предмети, поднесено од Џанер Арифов од с. Тополница, Радовиш и Џанел Усеинов од с. Калаузлија, Радовиш, во врска со предметите, опремата и средствата привремено одземени во инспекцискиот предмет ИП1 09-207 на Министерството за економија и труд – Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица е Основниот суд Радовиш.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски