
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.4/2026
Скопје, 15.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на делови од акт – Методологија за пресметка и исплата на пензии.
Образложение
I
Мирослав Трлин од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на делови од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Со иницијативата и дополнувањата кон истата, подносителот оспорува делови од акт, означен како Методологија за пресметка и исплата на пензиите, со појаснување дека станува збор за подзаконски акт донесен од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, со предлог Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите од Методологијата.
II
На седницата, Судот, врз основа на добиено известување од страна на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, бр.10-1151/2 од 09.03.2026 година, утврди дека акт, како што е посочениот со иницијативата, не постои.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за огласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Поради недостатоци на поднесената иницијатива, Судот во претходната постапка, со допис Р.бр.36/2025 од 23.12.2025 година и допис УЗ.бр.4/2026 од 29.01.2026 година, се обрати до подносителот со укажување и барање да ги прецизира наводите во иницијативата, меѓу другото да го приложи оспорениот акт или да го наведе службениот весник доколку е објавен, но истите не беа отстранети.
Со допис УЗ.бр.4/2026 од 02.03.2026 година, Уставниот суд се обрати до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување со барање да го достави актот посочен со иницијативата и да се произнесе по наводите од иницијативата.
Со Одговор бр.10-1151/2 од 09.03.2026 година, Фондот го извести Судот дека пресметката и исплатата на пензиите Фондот ја врши согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно дека подзаконски акт на Фондот врз основа на кој се врши пресметка и исплата на пензиите, не постои.
Со оглед дека посочениот акт со иницијативата, не постои, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата, со што се исполнети се условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски